Прашањата за обемот на државната администрација и јавниот сектор воопшто, колку нови луѓе годишно се „вдомуваат“ таму и колку нѐ чинат вработените кои работат на сметка на државата, во Македонија се третираат како вечна неодговорена дилема и основа за дебати кои повеќе се потпираат на проценки, отколку на реални бројки.
И покрај тоа што Министерството за финансии и Народниот правобранител даваат некакви податоци за бројот на вработени во јавниот сектор, тие не се целосни, имаат различна методологија, па математичката операција собирање на вкупниот број вработени е многу повеќе од обична алгебра, односно тоа е равенка со неколку непознати, бидејќи голем дел од државните институции одбиваат јавно да кажат колку луѓе вработуваат.
Истражувањето на БИРН покажува дека, независно од бројката на вкупно вработените, која варира од извор до извор, во зависност од методологијата, она што со сигурност може да се констатира е дека со вработувањата во државната администрација која е дел од јавниот сектор се бележи континуиран пораст, односно, оптоварување на буџетот.
Со собирање на официјалните бројки за бројот на вработени, кои можат да се најдат од повеќе различни извори, се покажа дека за осум години бројот на вработени во јавниот сектор пораснал за 25,2 %. Во апсолутна бројка, тоа значи дека за нешто помалку од една деценија, на сметка на државата се вработиле 21.301 човек. Односно, секоја година, просечно, јавниот сектор се зголемувал за 2.660 нововработени.
Дополнително, истражувањето покажува дека од 2006 година наваму, државата отворила и нови 34 институции-комисии, инспекторати, агенции, како нови вентили за вработување, во кои се вработиле дополнителни 4.108 луѓе.
Од 130 до 180 илјади административци
Со аритметичко собирање на бројот на вработени во јавната управа, општините и сите нивни институции и јавните претпријатија, се добива збир од 130.000 луѓе вработени во јавниот сектор.
Македонија има најмногу вработени по жител во јавниот сектор
Во Македонија, на секои 12 жители има по еден вработен во јавниот сектор (ако се калкулира со проценката за број на вработени според Европската комисија). Официјалните податоци од Србија, пак, покажуваат дека јавниот сектор брои 510.000 вработени, така што произлегува дека на секои 14 граѓани има по еден вработен на државна сметка. Податоците од Хрватска каде што има вкупно 250.000 вработени во јавниот сектор покажуваат дека таму еден работник што зема плата од државата има на секои 17 жители.
Првата бројка на вработени во јавниот сектор, до која најлесно може да се дојде, е бројот на вработени во институциите кои се финансираат директно од буџетот (буџетски институции). Тоа се вработените во Владата и министерствата, државните агенции, дирекции, инспекторати и управи, кои според Буџетот за 2015 година се вкупно 50.275 службеници.
Следен дел од сложувалката се вработените во општините и општинските институции. Во сите 80 општини, според информациите од Народниот правобранител, во администрацијата и другите институции, како на пример, здравствените установи, основните и средните училишта, детските градинки, центрите за социјални работи, јавните културни установи, работат вкупно 53.570 луѓе. Со тоа доаѓаме до вкупната бројка на вработени во јавниот сектор од 103.845.
Но, ниту ова не е вкупната бројка на вработени во јавниот сектор. Друго парче од сложувалката без кое сликата не може да биде целосна се јавните претпријатија и компаниите во целосна или доминантна државна сопственост. Иако најголем дел од јавните претпријатија се нетранспарентни и некои од нив воопшто не објавуваат никакви финансиски извештаи, користејќи податоци од Централниот регистар и од Државниот завод за ревизија, може да се дојде до приближна проценка за бројот на вработени.
Во сите јавни претпријатија, од кои најголеми се Македонски шуми, Водовод и канализација, МРТ, Македонска радиодифузија, Македонија пат, Државни патишта, МЖ Транспорт, МЖ Инфраструктура, Службен весник, Стопанисување со пасишта, ЈСП, Паркови и зеленило, Комунална хигиена, Градски паркинг, Улици и патишта, јавните претпријатија за станбен и деловен простор, АД Македонска пошта, како и државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО, работат околу 19.000 луѓе. Бројот на вработени во јавните претпријатија според Народниот правобранител е 17.201, но како што пишува во самиот извештај, сите претпријатија не доставиле извештај за тоа колку луѓе имаат на својот платен список.
Ако аритметички се соберат сите вработени во јавниот сектор што ги пребројавме досега, произлегува дека за државата работат најмалку 122.845 луѓе. Но, пресметката не запира тука.
Постојат многу државни институции и агенции, коишто се самостојни, но сепак се финансираат со собирање на јавните давачки. Со калкулирање на бројот на вработени во овие институции, како што се на пример, Агенцијата за електронски комуникации или Регулаторната комисија за енергетика, Македонската информативна агенција, Народната банка и уште десетици други, бројот на вработени во јавниот сектор пораснува за уште дополнителни 1.000 луѓе.
Сепак, и оваа бројка не може да се каже дека е најблиску да ја демистифицира државната тајна за вкупниот број на државни работници.
Според извештаите на Народниот правобранител, 35 јавни институции одбивале да достават податоци за бројот на вработени, а се проценува дека вработуваат над 5.000 луѓе.
Со ваква паушална пресметка се доаѓа до бројката од околу 130 илјади луѓе.
Од друга страна, во Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ од 2013 година, на пример, се вели дека 25% од вработените во Македонија, работат во јавниот сектор. Во апсолутна бројка, тоа значи дека државна плата земаат 170.000 луѓе.
Блиску до проценката на Европската комисија, е и Државниот завод за статистика, според кој заклучно со крајот на месец март оваа година, вкупно 156.579 луѓе работеле во деловни субјекти во друга сопственост – државна, мешовита и задружна. Од Заводот објаснуваат дека најголем дел од овие вработени доаѓаат од државни субјекти, иако тука се вклучени и работници од компании во мешовита (приватни компании во кои има удел државата) и задружна сопственост.
Администрацијата е во континуиран пораст
Врз основа на извештајот на Народниот правобранител, најмногу вработувања во последните осум години имало во Министерството за труд и социјална политика. Ако во 2006 година во ова министерство имало само 282 вработени, заклучно со лани, платниот список на министерот Диме Спасов брои 1.815 вработени, што е шест пати повеќе за речиси една деценија.
Веднаш зад ова министерство, според бројот на нови вработувања е Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, каде што годишно се вработуваат по 600 луѓе со објаснување дека се воспоставува правичната застапеност. Денес во овој Секретаријат работат вкупно 1.766 луѓе. Според проценките на Европската комисија, дури 1.700 добиваат плати, а не одат на работа. (страница 13)
Во Министерството за земјоделство, за осум години се вработени 470 луѓе, со што вкупната бројка до крајот на 2014 година се искачи на 896 вработени.
Во одредени министерства се забележува и тренд на намалување на бројот на вработени со текот на годините, но тоа сепак е незначително во однос на новите вработувања.
Извештаите на Народниот правобранител покажуваат дека во периодот од 2006 до 2014 година масовно се вработувале луѓе и во јавните претпријатија и во општините. Во сите јавни претпријатија лани имало вкупно 17.201 вработен, што е двојно повеќе отколку пред осум години. Во општините пак, бројот на вработени пораснал за 80%, на вкупно 5.343 службеници.
Седумстотини милиони евра годишно се трошат само за плати и надоместоци
Според податоците од Министерството за финансии, за плати и надоместоци на вработените во буџетските институции, Владата и министерствата, државните агенции, дирекции, инспекторати и управи, годинава се предвидува да се потрошат 400 милиони евра.
Ако се додадат и платите и надоместоците за вработените во општините и општинските институции, како што се здравствените установи, основните и средните училишта, детските градинки, центрите за социјални работи, јавните културни установи, сумата за плати се искачува на вкупно 600 милиони евра, покажуваат податоците на Министерството за финансии за 2013 година.
Јавните претпријатија, пак, меѓу кои се Македонски шуми, Водовод и канализација, МРТ, Македонска радиодифузија, Македонија пат, Државни патишта, МЖ Транспорт, МЖ Инфраструктура, Службен весник, Стопанисување со пасишта, ЈСП, Паркови и зеленило, Комунална хигиена, Градски паркинг, Улици и патишта, јавните претпријатија за станбен и деловен простор, АД Македонска пошта, како и државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО, за плати и надоместоци, како што покажуваат нивните финансиски извештаи, вкупно трошат околу 100 милиони евра годишно.
Со тоа, произлегува дека државата за плати и надоместоци на вработените од државниот буџет годишно троши по околу 700 милиони евра.
Јавниот сектор добива „на килажа“
Според последните објави на Владата, преку 8.000 луѓе кои досега биле ангажирани како волонтери или хонорарци во државните и јавните установи се трансформирани како вработени на неопределено време.
Но, не запираат ниту огласите за нови вработувањата. Анализата на огласите објавени преку Агенцијата за администрација, покажува дека од почетокот на годинава до сега, државата објавила преку 200 огласи за преку 3.003 нови вработувања. Според износот на платите, кои институциите имаат обврска да ги објават за секоја огласена позиција, само овие нови вработувања ќе ја чинат државата дополнителни 5 милиони евра на годишно ниво. Ребалансот на буџетот, пак, покажува дека бројот на вработени во првите шест месеци пораснал за 3.152 само во буџетските институции.
Дополнителен товар за државниот буџет се и привремените вработувања. Податоците од Бирото за јавни набавки покажува дека во првите шест месеци од оваа година, се распишани дури 27 тендери за привремени вработувања, кои заедно тежат 1,9 милиони евра.
Најмногу вакви вработувања имаат општините и јавните установи и претпријатија, но услуги за привремени вработени побарале и државните институции како Собранието, Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство.
Ако се земе во просек дека привремено вработените земаат 250 евра плата (според Законот за агенции за привремени вработување, лицето кое е привремено вработено зема иста плата како и лицето кое е во редовен работен однос на истата позиција), тоа значи дека во овие шест месеци се вработени преку 1.200 службеници со статус привремени.
Во меѓувреме започна вработувањето и на посебните советници, утврдени со Законот за вработените во јавниот сектор, а според кој претседателот, премиерот и министрите ќе можат да ангажираат вкупно 80-тина вакви советници.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Ивица Боцевски, и експратеничката Флора Кадриу се првите двајца посебни советници кои се вработија на сметка на државата. Во меѓувреме тече и огласот на МВР за прием на нови 600 полицајци и 51 извршител, за кои се пријавиле нешто повеќе од 2.600 кандидати.