Владата реши Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која е сопственик на заловените крави од Кривополанечко, да ги продава на јавен оглас на кој ќе може да се јават регистрирани кланици и месарници.
Одлуката беше усвоена на вчерашната владина седница откако АХВ не знаеше што да прави со говедата што ги одзеде од претходните неодговорни сопственици.
Оттаму велат дека досега имаат фатено вкупно 84 крави кои сега ги чуваат во штала. Откако ќе ги испитаат здравствено, доколку се е во ред со нив, ќе го објават огласот во понеделник.
Првичните проценки беа дека низ регионот има околу 600 крави кои шетаат без никој да се грижи за нив и со години му предизвикуваат големи материјални штети на локалното население.
По неодамнешниот протест на жителите кои побараа сопственикот, односно државата итно да ги собере, градоначалникот Сашко Митовски за БИРН изрази загриженост дека во меѓувреме поранешните сопственици „на терен го колат добитокот и го продаваат на црниот пазар“.
ИСТРАЖУВАЊЕ
Десет години, 600 подивени крави и една неспособна држава
Тие до пред две години беа во сопственост на семејството Ѓорѓиевски за кои, како што пишуваше БИРН, во последните две години биле поднесени вкупно седум кривични пријави поврзани со насилство и со предизвикување опасност. Сите биле отфрлени.
Поради овој случај во 2023 година се смени Законот за благосостојба на животните и се овозможи државата да ги одземе животните што не се згрижени.
Од следната 2024 година АХВ и формално е сопственик на кравите чие заловување оди тешко, па во медиумите неколкупати се појавија снимки на кои инспекторите не можеа да ги фатат по ридестиот терен бидејќи поранешните сопственици ги растеруваа и се спротиставуваа на акциите.
Случајот стана познат за пошироката јавност откако зимоска и селаните дојдоа во конфликт со поранешните сопственици кои им се закануваа.
По судирот и со полицијата, за Гоце Ѓорѓиевски и две од неговите три ќерки се води и судски процес кој е во тек.
Од агенцијата велат дека владината одлука со која одземените животни ќе може да се продаваат на јавен оглас ќе важи не само за овие крави од кривопаланечко, туку и за сите други кои ќе бидат одземени од неодговорните сопственици согласно Законот за благосостојба на животните.

