Извештај

Запад го отпишуваме, исток не го запишуваме

Сè потешко ни е да препознаеме потенцијален сојузник на земјата, се вели во истражувањето на Институтот за демократија

Македонските граѓани се значително повеќе дезориентирани од кога било во период кога ЕУ има намален кредибилитет и без видливи случувања во процесот на пристапување кон Унијата. Ова е еден од заклучоците на анкетата спроведена од Институтот за демократија што беше објавена вчера.

Истражувањето било направено во ноември минатата година преку телефонски интервјуа врз национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.

Конкретните бројки велат дека во 2019 година, 43 отсто од испитаниците сметале оти ЕУ е нашиот најголем сојузник, но лани ова уверување се урнало на само 13,1 проценти

Заклучокот за дезориентација доаѓа при споредбата на одговорите добиени на прашањето: „Кој би бил најголем сојузник на Р. Северна Македонија?“.

Во однос на оваа дилема, најголем губитник е Европската Унија, меѓутоа сериозно се намалила приврзаноста и кон Русија. Сега САД се на првото место со перцепција дека, сепак, оваа држава е најголемиот сојузник на Македонија.

Конкретните бројки велат дека во 2019 година, 43 отсто од испитаниците сметале оти ЕУ е нашиот најголем сојузник, но лани ова уверување се урнало на само 13,1 проценти. За истиот период, овој процент во однос на Русија паднал од 20 на 11, 4 отсто, додека САД се стабилни на околу 17 проценти.

Конфузијата на населението најсликовито се покажува ако се погледне колкав процент на граѓани рекле дека не знаат кој е најголемиот сојузник на Македонија.

Пред две години, тој процент бил близу седум, додека во 2021 година – високи 17,6 отсто.

Сличен пејзаж на расположението на македонските граѓани сликаат и одговорите на прашањето „Кој странски фактор има најголемо влијание во Р. Северна Македонија?“.

Тука процентите за ЕУ во периодот од две години се „слизнати“ од 44, 8 на 9,5, оние за Русија од 6,1 на 2,7 додека и во овој сегмент САД се најстабилни со речиси непроменлив процент од околу 45 отсто.

„На испитаниците им е сè потешко да препознаат потенцијален сојузник на земјата“, се вели во истражувањето.

Македонскиот јазик – најсилна меѓуетничка врска

Со оглед дека се намалуваат очекувањата и довербата во Европската Унија, очекувано е поместувањето на граѓанското расположение кон алтернативни сојузи.

Во таа насока, Институтот за демократија ги тестирал испитаниците по прашањето на иницијативата Отворен Балкан и расположението за евентуална Евроазиска Унија предводена од Русија.

За периодот од две години, од 2019 до 2021 година зголемена е поддршката за членство во Евроазиската унија, предводена од Русија, иако сѐ уште мнозинството е против ваквата идеја

Во однос на прашањето за Отворен Балкан, само мал процент, околу 16 отсто од испитаниците би поддржале близок сојуз со земјите од Балконот надвор од процесот за интеграција во ЕУ, додека повеќе од половината немаат проблем со ваквиот процес доколку тој е синхронизиран со евроинтеграциите.

Интересно е дека за периодот од две години, од 2019 до 2021 година зголемена е поддршката за членство во Евроазиската унија, предводена од Русија, иако сѐ уште мнозинството е против ваквата идеја.

Имено, ако во 2019, поддршка на оваа идеја дале 25,8 проценти, за две години поддршката рипнала на 35 отсто.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека граѓаните не се расположени за прифаќање на бугарските барања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес.

Имено, две третини или повеќе од анкетираните граѓани сметаат дека Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71%).

На прашањето дали мислите дека Р. Северна Македонија треба да направи отстапки во врска со јазикот, со цел откочување на процесот на преговори со ЕУ, 79 проценти одговориле негативно.

Интересно е дека на ова прашање, дури 61,4 проценти од Албанците во Македонија се против отстапки во однос на јазикот кон Бугарија и тука, во одговорите на ова прашање, Институтот за демократија гледа најсилна меѓуетничка врска.