Анализи

Здравството – Елдорадо за нови инвеститори

Причините поради кои здравството се претвори во златен рудник за приватници не се исклучиво пазарни

Двајца инвеститори, едниот од бизнисот со обезбедување имоти и лица, а другиот од онлајн-рекламирањето, угостителството и други дејности, во рок од неколку месеци отворија приватни здравствени компании – клиника и служба за итни интервенции.

Тоа беа последните две од низата поголеми инвестиции во здравствениот бизнис во земјава, во последните дваесетина години, откако приватното здравство зеде замав. Ако се разгледаат историите и сопствеништвата на најголемите десетина инвестиции во овој период, може да се види дека во бизнисот најчесто инвестирале лекари, како Жан Митрев или Емил Угриновски, странски компании, или македонските лица од Форбс – крупните бизнисмени Орце Камчев и Минчо Јорданов.

Но, во последнава година-две, во здравството влегоа помали инвеститори, кои ниту некогаш порано се занимавале со него, ниту имаат лекарско искуство, па, и покрај тоа, избрале да го вложат својот капитал таму.

Тоа укажува дека здравствениот бизнис станал место каде што се очекува профит.

„Парите се големи. Приватното здравство е многу голем бизнис што се исплатува и на краток и на долг рок, и допрва ќе се исплатува“, вели Никола Тодоров, кој помина шест години како министер за здравство од 2011 до 2017 година.

Сепак, причините поради кои оваа дејност се претвори во златен рудник за приватници не се исклучиво пазарни. Драстично понискиот степен на развој на јавното здравство остава повеќе од доволно непополнет простор што бизнисмените лесно го забележуваат и се обидуваат да го освојат, велат поранешни функционери и луѓе вклучени во бизнисот со кои разговараше БИРН. Притоа, многу често клучната разлика не е квалитетот, туку прашањето дали услугата воопшто ќе се добие.

Арбен Таравари, наследникот на Тодоров, кој се задржа на функцијата неколку месеци од јули до октомври 2017, смета дека кога станува збор за здравството, Македонија е „земја на парадокси“.

„Според моето искуство, имаме најлуксузно и најквалитетно приватно здравство во целиот регион, а од друга, најлошо јавно здравство“, вели докторот Таравари, кој сѐ уште работи со пациенти на државните клиники, иако служи втор мандат како градоначалник на Гостивар.

Нема доволно добри јавни алтернативи

Пациентите бегаат од старите јавни болници | Фото: БИРН

Во секое пазарно општество треба да има доволно простор за јавното и приватното здравство да коегзистираат, но проблемот настанува кога од таа „коегзистенција“ зависи егзистенцијата на пациентот.

Тоа го покажува и искуството на многу пациенти и членови на нивните семејства. Една од нив е Александра Ѓорѓиевска од Скопје, мајка на три деца, чие семејство користи матични лекарски услуги во приватна поликлиника.

Како и речиси секој пациент што ги искусил и приватното и јавното здравство, Ѓорѓиевска лесно ги воочила разликите – полутемниот ходник, трепкавите неонски светла, полната чекалница во државната болница наспроти беспрекорно чистите и удобни простории во приватната, со многу светло, свежи бои, телевизори и уметнички слики.

Во секое пазарно општество треба да има доволно простор за јавното и приватното здравство да коегзистираат, но проблемот настанува кога од таа „коегзистенција“ зависи егзистенцијата на пациентот

Секогаш забрзаните бели мантили во државната установа, кои избегнуваат да ги погледнат пациентите в очи за да не добијат некое прашање, наспроти секогаш срдечниот однос во приватната. Обидите низ многуте шумови од разговори, довикувања, звуци од апарати или од старите лифтови да се слушне гласот на медицинската сестра, која низ малиот шалтер го извикува името на пациентот што е следен на ред, наспроти електронскиот систем со бројчиња и со насоки на мониторите.

„Понекогаш ви доаѓа премногу и ги прежалувате парите“, ни кажа таа.

Искуствата на пациентите на државните клиники може да бидат како патување низ времето две-три децении наназад. Некаде резултатите се даваат само во одредено време, па прашање е кој може да ги остави своите обврски за да ги подигне лично. Како да не постои интернетот. И кога постои, може да не работи со денови, па вработените зад шалтерите само немо да гледаат во мониторите и во пациентите, објаснувајќи им дека не можат ништо да направат за нив.

„И ние сакаме да работиме, ама ете интернет немаме од петокот. Не знаеме дали и кога ќе добиеме“, ни кажаа во една државна поликлиника две службенички што седеа зад пултот за резултати.

Пандемијата со корона вирусот откри и други области каде што јавното здравство не можеше да ги задоволи потребите и приватната услуга најчесто беше единствениот избор за пациентите. Таков беше случајот со тестирањата, кои во најголем број се вршеа во приватни лаборатории.

„Нема доволно добра јавна алтернатива“, вели поранешниот министер Тодоров.

На пример, на 24 јануари годинава, кога беше регистриран рекордниот број заболени во еден ден (2.341), две третини од ПЦР тестовите биле направени во приватните установи, а една третина во јавните. Претходно, на 6 јануари, кога имаше највисок број тестирања (7.932), овој сооднос бил три наспрема еден во корист на приватните, покажуваат официјалните податоци.

Политички игри

Долгото чекање за здравствените услуги е еден од поголемите проблеми за граѓаните | Фото: БИРН

Од друга страна, има сведоштва дека не било секогаш едноставно да се направат јавните алтернативи, особено ако приватните веќе го пополниле просторот. Вложиле кога потребата од некоја здравствена услуга е голема, а понудата мала или никаква, па кога државата ќе решела и таа да вложи, одеднаш бизнис-планот станува загрозен.

Во некои случаи дури државата била таа што им помогнала, како што се случувало со кардиохирургијата на Жан Митрев, сведочи поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во едно неодамнешно интервју. Пред дваесетина години не постоеше никаква кардиохирургија во Македонија, па Митрев ја отвори првата, приватна, со помош, според тврдењата на Георгиевски, на владата и со отстапен кат во поранешната Воена болница.

Кога почнале иницијативите за отворање државна кардиохирургија, Митрев лобирал против тоа, сведочи Георгиевски.

Никола Тодоров: Проблеми има ако приватното здравство се развива многу побрзо од јавното

Јавна тајна е и дека отворањето на новата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство, во која се создадоа похумани услови за породување, ги погодило приватните породилишта. Претходно со години важеше правилото дека секоја мајка што може да собере пари за во приватна болница, треба да се обиде да ја избегне државната.

Очигледно дека колку простор ќе им се остави на инвеститорите, не зависи само од капацитетите на државата, туку и од политичките одлуки каде таа ќе вложи.

А дека политиката игра улога во тоа кој што ќе прави во здравствениот бизнис, покажуваат и последните примери. На свеченото отворање на најновата клиника, ВФВ во Скопје, како косопственик заедно со бизнисменот Ферки Демировски беше претставен поранешниот министер за економија Беким Незири, а целото раководство на ДУИ присуствуваше на свеченоста. Исто така, по отворањето на приватната служба за интервенции, поранешниот министер Венко Филипче се обиде да ја внесе во здравствениот систем покриен од државата.

Приватна Брза помош

Брзата помош, односно брзата интервенција, остана област во која нема добра јавна алтернатива. Додека државата со години најавува дека ќе продава стари луксузни мерцедеси за да купи нови болнички возила, или одговара на иницијативи да се откаже од настапот на фестивали како Песна за Евровизија за со тие пари да го подобри медицинскиот возен парк, компанијата Никоб, која се занимава со обезбедување имоти и лица, ја отвори фирмата-ќерка Никоб Медикал – приватна служба за итна интервенција со 10 целосно опремени возила и 25 тимови од возач, медицинска сестра и лекар.

Кирил Лазаров: Да не сме биле ние, немало да се извршат 10.000 интервенции во корона-кризата

„Ние не ѝ ги земаме пациентите на државната Брза помош, туку тие самите се јавуваат кај нас. Треба да се дозволи да се има избор, тоа е капиталистичкиот начин на размислување. Конкуренцијата е здрава работа. Можеби некој не сака да чека три часа за да му дојде возило и сака да си плати за тоа да пристигне за десетина минути, за колку што доаѓа нашата служба“, вели директорот на Никоб, Кирил Лазаров.

Според него, приватното здравство, не само што не се обидува да го истисне јавното, туку пополнува простор што тоа нема капацитети да го покрие.

„Тоа се покажа и со кризата со корона вирусот и 10-те илјади интервенции што ние ги имавме. Значи да не сме биле ние, тие интервенции немало да постојат, или ќе биле на грбот на државата, која и така и така не може да постигне, и уште повеќе луѓе ќе беа во неволја. Немаше да се знае што ќе се случи со нив“, додава Лазаров.

Законските измени што тој се обиде да ги иницира, а Филипче ги поддржа, за да се овозможи и други слични ако се отворат во иднина да можат да добиваат пари од Фондот за здравствено осигурување, завршија со блокада од опозицијата со околу две илјади амандмани.

„Фондот не е само за државните установи. Сите плаќаме за него, и сите земаат пари од него, и Жан Митрев, и Систина, и Неуромедика, само ние не. А никој не кажува дека Законот за Брза помош е последен пат менуван во 1978 година, што значи комплетно не одговара на моменталните потреби на општеството“, ни кажа Лазаров.

Ветувачка иднина

Податоците од годишните извештаи на Фондот за здравствено осигурување покажуваат дека во изминативе десет години, за четири до пет процентни поени пораснал делот од парите што тој го уплаќа на приватни здравствени установи, за пациентите да се лекуваат таму на државен трошок. Соодносот меѓу трошењето во јавното и во приватното здравство, во 2011 било 87 наспроти 13 отсто, во 2019 тој изнесувал 82 наспроти 18 отсто, а во 2020 бил 83 наспроти 17 отсто.

Со оглед дека овој фонд годишно тежи меѓу 500 и 600 милиони евра, овие навидум ситни разлики од 4 до 5 процентни поени значат дека во последниве години, во приватното здравство се префрлаат 25 до 30 милиони евра државни пари повеќе од порано. Згора на тоа, приватните установи заработуваат и од пациентите што самите ги плаќаат целите суми за здравствените услуги.

Финансиските податоци за десетте најголеми приватни здравствени установи во земјава за 2020 година покажуваат дека сите тие заедно имале вкупни приходи од 84 милиони евра и профит од околу 15 милиони евра. Поединечните податоци, пак, укажуваат дека, иако во него влегуваат нови играчи, таму сѐ уште силно доминираат двете најголеми компании – Жан Митрев и Аџибадем Систина. Во 2020, на пример, тие собрале над 80 отсто од приходот и над 90 отсто од профитот на сите десет најголеми.

Податоците за 2021 се некомплетни, но покажуваат дека овие две установи уште повеќе ги зголемиле и приходите и профитите. Двете заедно во 2020 наплатиле околу 69 милиони евра, а во 2021 собрале 110 милиони, што е раст за речиси 60 отсто.

Арбен Таравари: Имаме најлуксузно и најквалитетно приватно здравство во целиот регион, а од друга, најлошо јавно здравство

Дали тоа значи дека другите инвеститори се борат за трошките што ќе ги остават овие две компании? Поточно би било да се каже дека се борат за потенцијалите за раст што ги има здравствениот бизнис поради многу фактори што се добро познати во здравствената економија, објаснува Тодоров.

„Населението старее, со што се зголемува потребата од здравствени услуги. Животниот век се зголемува. Расте и ќе продолжи да расте и свеста за здравјето. Најмногу се зголемува потребата за лекување од кардиоваскуларни и од малигни заболувања, што е екстремно скапо. А за пари, секој ќе се обиде да се снајде кога е здравјето во прашање“, вели тој.

Лазаров од Никоб смета дека ова не е бизнис во кој парите може да се вратат за 3-4 години. Според него, невозможна мисија е за толку краток период една болница или служба да стане препознатлива и луѓето да ја избираат.

„Затоа овде се гледа долгорочно. Особено што во здравството многу се менуваат работите. Излегуваат нови апарати, болестите мутираат, потребна е континуирана едукација на кадарот. Но, тоа е една благородна дејност во општеството, и ако не претеруваш со цените, можеш да бидеш доста ценет и баран“, додава тој.

Трговија со очај

Разликата меѓу приватното и јавното здравство не е само во комфорот | Фото: БИРН

За приватното здравство да не се претвори во трговија со очај, не смее да се дозволи да има толку голема разлика меѓу него и јавното, сметаат поранешните министри со кои разговаравме.

„Луѓето сакаат да инвестираат бидејќи гледаат интерес тука. Тоа е сосема нормално и не би можел да кажам дека има некоја заднина. Но, не смее да има толку голема разлика со јавното здравство, која постои најмногу поради слабиот развој на секундарната мрежа, на клиничките болници низ градовите“, смета Таравари.

И Тодоров вели дека ако приватното здравство се развива многу побрзо од јавното, може да има проблеми, поради што државата треба да ги подигне барем основните технички стандарди – квалитетот на сместувањето, негата, апаратите, а на приватните да им остави да вложуваат во удобност и во луксуз.

Разликата меѓу добивање возило за 15 минути или за два часа е многу посуштинска од разликата меѓу јадење бифтек во приватна болница и посебна салама во државна. Особено во ситуации кога секоја минута е важна

„И тоа треба да биде разликата. Поголем комфор, нега, храна од скапи ресторани. И тоа има логика, дури и медицинска. Секој сака да го негуваат подобро, да се чувствува поубаво. Да не биде разликата дали ќе се добие услугата или не“, додава тој.

Во некои области, како кардиохирургијата, гинекологијата и акушерството, според него, државата се приближила до стандардите на приватните клиники, но сѐ уште има области во кои разликите се големи.

Толку големи, што од нив зависи дали пациентот ќе се извлече. Таквите разлики постојат, не само во специјалистички области, туку и во основни, а примерот со Брзата помош го покажува токму тоа.

Разликата меѓу добивање возило за 15 минути или за два часа е многу посуштинска од разликата меѓу јадење бифтек во приватна болница и посебна салама во државна. Особено во ситуации кога секоја минута е важна.

Тоа се моментите, кои, според соговорниците, престанува размислувањето колкав трошок е да се плати за здравствената услуга и се размислува само како да се најдат потребните пари.