Анализи

Зелени кандидати и обоени гласачи

Во официјалната кампања, ова се најлокалните локални избори досега

Кавадарци како Чикаго, Прилеп како Дубаи, а Скопје како замислен футуристички град. Во последната недела од кампањата за локалните избори, на социјалните мрежи стана популарно да се споделуваат слики од спектакуларни светски дестинации или од измислени места со опис дека така ќе изгледа некоја македонска општина по изборите.

Објавите се главно сатирични реакции од граѓани на амбициозните ветувања на кандидатите за градоначалници дека ќе ги решат сите проблеми, веќе ќе нема кал, ќе изградат градинки, училишта и други јавни објекти, како и на сѐ почестите ветувања низ целиот политички спектар дека ќе ја направат општината позелено и поубаво место за живеење.

Секоја партија има зелена агенда, е против бетонизација, го обвинува противникот дека бетонизирал, ветува паркови, мегапаркови и слично.

Ако се суди според доминантните наративи, темите за кои се разговара, однесувањето на кандидатите, па дури и однесувањето на лидерите на поголемите политичките партии, ова се најлокалните локални избори досега. Историјата на изборот на градоначалници и советници во општините покажува дека досега не беше така.

Првите локални избори во 1996 година дојдоа по насилните парламентарни во 1994 со кои се избра парламент без опозиција. Вторите, кои се одржаа во 2000 година, се случија по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт на чело со Љубчо Георгиевски, време познато по контроверзни одлуки што ја вжештија политичката сцена. Изборите во 2005 година се одржаа по територијалната поделба, во 2009, по самитот на НАТО во Букурешт, и беа заедно со претседателските, во 2013 по политичката криза предизвикана од т.н. црн понеделник на 24 декември 2012 кога опозицијата насилно беше исфрлена од парламентот. Во 2017, пак, по новата промена на власта на чело со Зоран Заев, новиот договор со Бугарија и засилувањето на преговорите за спорот за името, освен што се користеа овие големи прашања во локалната кампања, во повеќето општини се собираа и потписи за референдуми против „населување мигранти“.

„Населувањето мигранти“ беше жешка тема на изборите во 2017 | Фото: Роберт Атанасовски

Секогаш се наметнуваа една или повеќе високополитички теми, што на опозициските партии им даваа повод да порачаат дека „ова не се обични локални избори“, туку своевиден референдум на народот против власта, а на владејачките да побараат поддршка за да се докаже дека државата е на вистинскиот пат.

Тој наратив и сега по малку провејува во пораките на опозицијата, пред сѐ, на лидерот Христијан Мицкоски, кога се обраќа до „тивкото мнозинство“. Но, и тука главно се апелира на разочараноста од актуелната власт поради незадоволителниот животен стандард како резултат на нејзините политики, и не се мешаат други високополитички теми со оваа. Пораките главно се сведуваат на ветено-неисполнето од сегашната власт и на тоа што би обезбедила „новата иднина“ како број на градинки и училишта, инфраструктура, комунални решенија или нешто друго од листата од 14.835 проекти.

Делумно исклучок од овој амбиент е партијата Левица, која најмногу се обидува да им додаде важност на локалните избори, со пораките на лидерот Димитар Апасиев дека ним добриот резултат им е потребен за уште повеќе да се зацврстат како трета политичка сила во земјата што „им ги мати сметките“ на претходните две. Веројатно свесна за своите капацитети, оваа партија повеќе напори вложува во промоцијата на своите советнички листи и нивните носители отколку на кандидатите за градоначалници, за, како што велат „Левица да биде во советите“ и со тоа „општините да бидат на народот“ (како продолжение на кампањата за ланските парламентарни избори, кога пораката беше „државата за народот, Левица во парламент“).

Во разни десничарски ехо-комори на социјалните мрежи може да се најдат пораки дека треба да се гласа против власта бидејќи била „предавничка“, а во провладините такви комори дека треба да се поддржи владејачката партија зашто била „проевропска“. И во двата случаи воопшто не се отвораат теми од локално значење. Но, ова се случува на маргините на политичката сцена и далеку од официјалната кампања.

На официјално ниво, типичниот кандидат за градоначалник е човек од вашето маало, кој ќе чукне на вашата врата за да разговара за проблемите што ги имате, ќе оди со вас до локалното зелено пазарче, ќе се прошета низ паркот, ќе одигра партија баскет, ќе се повози со велосипед, ќе посети секоја населба за да покаже дека ја знае и дека нема да ја заборави и ќе понуди решенија за секоја микролокација.

Кандидатите често објавуваат колку се активни на терен | Фото: Фејсбук

Ако е актуелен носител на функцијата што бара нов мандат, ќе се пофали со сработеното, а ако е предизвикувач, ќе го нагласува несработеното. Ова го покажуваат податоците од следењето и споредбата на перформансите (број на објави, коментари, споделувања, допаѓање и слично) со посебни онлајн-алатки, на повеќе од 80 фејсбук-страници на кандидатите од поголемите политички партии во општините со побројно население.

На овие страници, каде што кандидатите објавија по 100 до 200 содржини во изминативе месец дена (20 дена кампања и десетина дена подготовки), квантитативно многу помал е бројот на објави со големи ветувања, како парк за иновации и бесплатните автобуси на Данела Арсовска, БРТ транспортот на Петре Шилегов, новиот градски парк на Максим Димитриевски, градинките за 500 деца на Борче Јовчески. Најголемиот број се  всушност збирки од фотографии или видеа од активностите – посета на населба, разговор со дуќанџии во некоја чаршија, со спортско друштво, со индустриско здружение, младинска организација, екоклуб, здружение за правата на некоја ранлива група итн.

Главната порака на социјалните страници на кандидатите е – јас сум ваш човек, ве познавам и ве разбирам сите, или како што вели битолскиот кандидат Тони Коњановски во една од своите објави – „јас сум човек кој кон луѓето приоѓа со почит, уважување и достоинство“, изјава што му е најмногу споделувана и одобрувана.

Но, за разлика од напорот на  повеќето кандидати да одржат една питома, ненаметлива атмосфера, нетипична за општества со силна политичка поларизација, таква амбиција не може да се препознае во реакциите на корисниците на социјалните мрежи

Пораките како „никогаш северна“ не се ретки под објавите на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, каде што тие ветуваат дека ќе асфалтираат две улици или ќе ја доправат канализацијата во некое маало. Објава со најголем број споделувања и коментари на кандидатката Данела Арсовска, и една од најпопуларните воопшто во кампањата е нејзината честитка за 11 Октомври, денот кога, како што напиша, „започнала нашата борба со бугарскиот фашистички окупатор“.

Дека голем број граѓани сакаат повеќе жестина покажува и тоа дека најпопуларната објава на Петре Шилегов е видеото каде што тој директно ги напаѓа тезите на противкандидатката Арсовска, тврдејќи дека сѐ што таа вели дека му недостасува на Скопје, тој веќе го обезбедил.

Партиската галванизација може да се види и од квалификациите што ги добива кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски од поддржувачите на кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски. Иако Димитриевски до пред месец и пол беше член на СДСМ и беше исклучен откако најави дека ќе се кандидира независно штом партијата го извиси, неговите доскорешни сопартијци сега му пишуваат на Илиевски дека мора да победи бидејќи „Максим четири години го уништува градот“.

Дел од објавите изгледаат како ехо-комори, во кои десетици или стотици истомисленици им пишуваат „браво“ на кандидатите, а одвај еден или двајца ги критикуваат, што укажува на можно администрирање и филтрирање на коментарите.  

Иако на полноќ формално настапува предизборниот молк, извесно е дека во светот на Фејсбук, рововските битки ќе продолжат до затворањето на гласачките кутии, веројатно надвор од официјалните страници.