Анализи

Зеленилото заштитено само во партиски говори и на хартија

И скопските општини и градовите низ земјава, како Тетово, се бавни во приспособувањето кон законот | Фото: БИРН

Закон за зеленило се најавуваше како револуција во просторното планирање што ќе ги спаси македонските градови од понатамошна деградација и загадување. Предлагачите на законот (од кои патем тројца се сега актуелни градоначалници Петре Шилегов, Стефан Богоев и Благој Бочварски), како и медиумите, посебен акцент ставаа врз одредбата со која секој инвеститор што ќе сака да гради, ќе мора барем 20 проценти од своето земјиште да одвои за зелена површина покрај зградата, ако сака  да добие градежна дозвола.

„Повеќе зеленило значи почиста средина и почист воздух за сите. Со законот предвидуваме најмалку 20 проценти од секоја градежна парцела да бидат наменети за зелени површини, додека во веќе изградените парцели ќе се прави компензација, односно надоместување преку поставување дрвореди“, рече веднаш по усвојувањето пратеникот на СДСМ, Диме Велковски, во име на предлагачите и на парламентарното мнозинство.

Загадувањето, пренамена и сечење паркови беше главниот аргумент за потребата на овој закон. Една година откако е усвоен, обврската за 20 проценти зеленило, (што во изборната кампања на СДСМ беше и 40 проценти), не само што не се применува, туку ќе треба да се почека уште подолго време за воопшто да почне да функционира.

Причината е што прво општините ќе треба да донесат нови урбанистички планови во кои ќе ја внесат обврската од 20 отсто, и потоа, секој што од тој момент натаму ќе побара градежна дозвола, ќе може да ја добие само ако ја исполни оваа квота.

Проверката во службените гласници на општините, каде што според статистичките податоци најмногу се градеше во изминативе години, покажа дека тие во 2018 година, откако законот стапил во сила, речиси воопшто не ја промениле планската документација за да ги применат новите закони. Има општини што не донеле ниту еден нов детален урбанистички план, за ниту еден блок или населба на нивните територии, како Кисела Вода, Охрид и Штип. Повеќето ДУП-овите на Тетово се постари од една деценија. Аеродром има донесено предлог-ДУП за дел од населбата Мичурин. Карпош има нов ДУП за дел од касарната Илинден, а Гази Баба за две локации. Најголемиот број ДУП-ови сѐ уште се стари. Сите општини спроведуваат програми за изработка на ДУП-ови, но конечните документи бавно стигнуваат на гласање.

Ниту Министерството за транспорт и врски не објави нов правилник за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање, иако имаше законски рок од шест месеци за да го стори тоа.

Проблем се ДУП-овите, но и проверката

Задолжителното зеленило во парцелите беше најавено како чекор напред во борбата за почист воздух | Фото: БИРН

БИРН побара од повеќе скопски општини увид во документацијата на издадените градежни дозволи за периодот откога почна да важи законот. Целта беше да провериме дали се издаваат одобренија само ако инвеститорот предвидел 20 отсто зеленило. Дел од нив го одбија нашето барање, а меѓу тие што се согласија да ги отворат документите беше Општина Аеродром.

Во периодот од јануари до крајот на ноември 2018 година, во Аеродром издале вкупно пет одобренија за градба на станбени згради, една е познатата зграда на ЗСФ-КОМ кај Мајчин дом, и по две во населбите Мичурин и Стар Аеродром. Но, оваа законска обврска не ги опфатила ниту нив, затоа што дозволите им се издадени според деталните урбанистички планови изработени пред законот да стапи во сила.

Како што ни објаснија од општинското одделение за урбанизам, законот ги обврзува ако изработуваат нови урбанистички планови, во нив да вметнат по 20 отсто зеленило во секоја градежна парцела. Но, додека важат старите планови, одобренија се издаваат по старите правила. Еден урбанистички план се изработува за период од пет години (како што може да се види од плановите објавени на општинските интернет-страници), но ако нема нов план, продолжува да важи стариот.

Тоа не е единствениот проблем. Урбанистите од општината објаснија дека тие веќе имаат детални планови каде што, за да се добие дозвола за градење, треба да се вметне одреден процент зеленило во парцелите. На пример, рекоа дека во Стар Аеродром, каде што се изградија најголемиот број нови станови во изминативе неколку години, условот бил 30 отсто високо зеленило.

Но, општината единствено може да види дали кога некој бара градежна дозвола, го предвидел зеленилото во проектот, и ако сѐ е во ред на хартија, таа ќе издаде одобрение. Понатаму, надзорот дали зградата ќе се направи и околината ќе се уреди како што било нацртано во документ, е во надлежност само на надзорот на градежната компанија што работи на проектот.

Лилјана Поповска разочарана

Додека законот е нов, а ДУП-от стар, важат одредбите на ДУП-от | Фото: БИРН

Масовно се спроведуваат деталните урбанистички планови донесени пред законот да стапи во сила, кои не ги содржат овие одредби, се пожали пратеничката Лилјана Поповска, која заедно со нејзината колешка од ДОМ Маја Морачанин и со други пратеници го предложија законот за зеленило.

„Некои градоначалници се повикуваат на законот, но не сите. Гледаме дека има напори во Општина Центар, каде што градоначалникот со поддршка на советот бара од инвеститорите да се сообразат. Но, не сум сигурна колку тоа го прават другите градоначалници“, вели Поповска.

Таа додава дека за подобро да се спроведе законот за зеленило, треба да се направат и мали измени во Законот за просторно и урбанистичко планирање што ги подготвила заедно со пратеничката Морачанин, но сѐ уште не ги поднеле до Собранието на усвојување.

„Побаравме мислење од Министерството за транспорт и врски во врска со тие измени, но оттаму ни рекоа дека подготвувале целосно нов закон за просторно и урбанистичко планирање, па нема потреба ние да го поднесуваме. Откако ни стана јасно дека нема да добиеме парламентарно мнозинство за тоа, не ги поднесовме измените“, ни изјави Поповска.

Оттогаш поминала речиси една година, а и натаму нема нов закон и урбанистичкото планирање се вршело според, како што вели пратеничката, катастрофален закон за кој таа гласала против кога се донесувал.

„Сево ова е играчка со здравиот разум и ние сме многу разочарани и револтирани од овој однос“, вели Поповска.

Таа појаснува дека и без законските измени за урбанистичкото планирање, ако некоја општина подготвува нов урбанистички план, должна е да ги почитува одредбите од Законот за зеленило, вклучително и таа за вметнување 20 отсто зеленило во секоја градежна парцела.