Во многу случаи, борбата против тероризмот и екстремизмот е можна само со здружување на силите меѓу владите, институциите и безбедносните агенции. И на Западен Балкан е потребна меѓувладината соработка за земјите да се борат против овие закани.
Сепак, соработката со меѓународните институции и агенции може да биде од голема помош.
Освен централните институции на ЕУ како Европската комисија, и телата како Европската полициска агенција и Европол се многу важни во борбата против тероризмот и екстремизмот.
Првенствено преку својот европски центар за антитероризам (ЕЦТЦ), Европол има функционални и оперативни договори со сите земји на Западен Балкан и редовно разменува информации со нив за спречување вакви закани.
Соработката на земјава со Европол почнува од 2007 година, кога двете страни потпишаа стратешки договор. Во 2011, Северна Македонија го потпиша и договорот за оперативна и стратешка соработка со Европол. Во 2015, земјата отвори канцеларија за врски во седиштето на агенцијата во Холандија.
Една од истрагите во која Северна Македонија соработуваше тесно со Европол беше таа за терористичкиот напад во Виена во ноември 2020 година, во кој беа убиени четири лица. Напаѓачот Кујтим Фејзулаи имаше двојно државјанство, австриско и македонско, и властите од двете земји соработуваа интензивно преку Европол.
Во 2021 година, државата, исто така, учествуваше во акцијата Штит 2, координирана од Европол, против шверцот на лажни или несоодветни лекарства и материи за допинг. Оваа операција резултираше со 544 апсења и со заплена на лажни фармацевтски стоки и нелегални супстанции вредни 63 милиони евра.
Полицијата на Северна Македонија испраќа информации на дневна основа до агенцијата за нелегалната трговија со дрога и оружје, тероризмот, илегалната миграција, шверцот на луѓе и за разни финансиски криминали, како перење пари, сајберкриминал или финансиски измами.
Според последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија, постои „добра и редовна размена на информации“ со Европол.
Брзата размена на информации е клучна
За земјите како Северна Македонија, брзата размена на информации со меѓународните агенции може многу да помогне во тековните и во потенцијалните истраги и да спречи да се повторат смртоносни напади како тој во Виена.
„Освен што имаме статус на оперативен партнер со Европол, во полето на антитероризмот имаме воспоставено и механизми и протоколи за брза размена на информации што функционира на високо ниво и значително придонесува во борбата против тероризмот“, рекоа за БИРН од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.
Специјалната единица за идентификување терористички закани на Европол беше воспоставена на крајот од 2019 година и одржува редовни средби со земјите-членки и со оперативните партнери како Северна Македонија.
„Оваа специјална единица се составува од Европол на неколку месеци. Земјите-членки на Европол и оперативните партнери со кои Европол има договори тогаш се состануваат и добиваат покани да се вклучат во активностите што се фокусираат на специфични закани, како џихадискиот тероризам или крајно десниот екстремизам“, вели за БИРН Клер Џорџ, заменик-портпаролка на Европол.
Северна Македонија не е директно вклучена во специјалната единица, но може да користи ресурси и информации за да ги помага нејзините активности во борбата против тероризмот, објаснија од Министерството за внатрешни работи.
„Преку воспоставените механизми како оперативен партнер, ние можеме да ги користиме и нивните ресурси и информации што би биле од наш интерес во борбата против тероризмот, што е секако глобален предизвик“, додадоа од Министерството за внатрешни работи.
Центарот за антитероризам на Европол, исто така, обезбедува ресурси за сите тековни истраги.
„Работата на специјалната единица е поддржана од Европскиот антитерористички центар на Европол, каде што речиси сто вработени обезбедуваат поддршка на земјите-членки на ЕУ во нивните истраги против тероризмот“, објаснува Џорџ.
Ризик од погрешни процени
Во некои случаи може да има грешки. Меѓународните организации и институции секогаш не ги прават вистинските проценки за можните закани на теренот, што потоа може скапо да ги чини.
Еден од тие случаи е растечката закана од крајно десен и крајно лев екстремизам и како тој се доживува во Северна Македонија.
„Кога станува збор за меѓународните организации во регионот, од она што можеме да го видиме на оваа тема во последната деценија, многу малку внимание му се посветува на десниот и на левиот радикален екстремизам“, вели за БИРН Михал Вит, асистент професор за меѓународни односи на Метрополитан универзитетот во Прага.
„Недостасува способноста да се види врската меѓу организираниот криминал и радикалната десница или левица, иако има многу докази што посочуваат во таа насока, како и истражувачки стории објавени на таа тема“, вели тој.
Вит, кој моментално работи во Скопје, вели дека таквите закани често се потценуваат.
„Се чини дека врската е малку сензитивна, па затоа интересот од меѓународните организации е главно низок, за разлика од темите како родово-базираното насилство, на пример“, објаснува Вит.
Истрагите и обвиненијата можат да бидат подобри
Регионалната и меѓународната соработка меѓу полициските сили може да биде многу корисна за земјите на долг рок.
Студија на скопскиот тинк-тенк за надворешна политика и безбедност Евротинк покажува дека кога станува збор за одговорот на заканите од тероризмот, Северна Македонија е умерено подготвена, ако се гледа според усвојувањето на европското законодавство и стандарди.
Соработката со институциите како Европол покажува дека постои простор за подобрување на истрагите и на гонењето на тероризмот, особено на финансирањето на тероризмот, покажува студијата.
Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија вели дека директната комуникација и размената на информации со други членки на Европол и партнерски држави е една од најзначајните придобивки досега.
„Попрецизно, во борбата против тероризмот, директната комуникација и размената на информации беа воспоставени на оперативно ниво меѓу Секторот за борба против насилниот екстремизам и радикализам на ОБСЕ/ОДИХР и сите релевантни антитерористички единици од сите членки на Европол и партнерски земји“.
„За нас тоа беше исклучително позитивно искуство“, заклучува Министерството.