Претседателот Вучиќ во повеќе наврати вети дека ќе го реши убиството на браќата Битиќи, американски државјанин со албанско потекло, извршено во Србија во 1999 година, па затоа, САД, при посетата на Вучиќ на Вашингтон, мора да извршат притисок врз него, да го исполни ветувањето.
Коментар на Правен Мадхираџу и Тања Доми
„Треба да се засрамите, што мислите, дека ќе дозволам некој да ме удира по глава?”.
Невладините организации и новинарите во Србија се навикнати на вакви напади на претседателот Александар Вучиќ. Меѓутоа, американскиот амбасадор во Белград, не е.
Навредата на Вучиќ дојде откако американскиот амбасадор, Кајл Скот, и Фатос Битиќи, со право прашаа зошто главниот осомничен за нерешеното убиство на тројцата браќа Битиќи, американски државјани со албанско потекло, извршено во 1999 година, и понатаму е близок до Вучиќ. За разлика од својот претходник, амбасадорот Скот не го заобиколува матното минато на Вучиќ, при што неодамна оцени дека еден таблоит близок до власта е „најобично ѓубре, како што вели вашиот премиер“.
Слабите настојувања за целосно решавање на палењето на американската амбасада во Белград, кое се случи во 2008 година, исто така, ги оптеретува односите. Србија на Вучиќ и САД имаат одлична соработка во многу области. Но, игрите што ги игра Вучиќ, со случајот Битиќи, треба да бидат во центарот на вниманието на неговата претстојна посета на Белата куќа, за која тој доби покана од американскиот потпретседател Мајк Пенс.
За време на посетата, Пенс треба на Вучиќ да му постави едно многу едноставно прашање: Кога ќе почнете повторно да ги почитувате САД?
Вучиќ го вложи својот углед во решавањето на овој случај, при што, прво вети дека ќе го реши случајот до крајот на 2014 година, потоа до март 2015 година, а во јуни 2015 година, за време на посетата на Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон, изјави дека ова е „обврска на Србија” и вети дека случајот ќе биде решен „многу наскоро или многу порано отколку што може да се очекува”. Тој ова ветување го даваше и во текот на приватните средби со американски официјални претставници, меѓу кои и со државниот секретар и со потпретседателот на САД.
Сепак, поминаа три години, а Вучиќ не направи ништо, освен што го блокираше овој случај.
Вучиќ го држи главниот осомничен во случајот со убиството на браќата Битиќи, Горан Радосављевиќ Гури, под своето заштитничко крило. Високиот член на Српската напредна партија на Вучиќ, Радосављевиќ, беше задолжен за центарот за обука на полицијата во Петрово Село, во Србија, каде што беа егзекутирани и закопани браќата Битиќи.
Радосављевиќ изјави дека во времето на убиствата бил на одмор – чудна изјава, бидејќи евиденцијата укажува дека неговата ќерка, тогаш адолесцент, во тоа време била во посета на центарот.
Исто така, во архивата на владата не постои евиденција врзано за неговото барање за одмор, а во тоа време, Радосављевиќ потпишувал и доставници за центарот во Петрово Село.
И покрај овие и некои други докази, како и конзистентниот притисок од страна на семејството Битиќи, на американски дипломати, на Конгресот и на десетици меѓународни експерти и невладини организации од САД, Вучиќ одби да преземе дури и наједноставни чекори против Радосављевиќ, како што е негово моментално исклучување од партијата.
И други постапки беа навредливи. Така, една недела пред неговата прва посета на Белата куќа, во јуни 2015 година, што претставуваше значаен настан во тоа време, министерот за правда на Вучиќ, најави дека владата дошла до „нови докази” за веќе 16-годишниот случај Битиќи, кои ги обработува. Подоцна беше откриено дека овие докази веќе неколку години им се познати на САД и на српските истражители.
Слична диверзија се случи неколку месеци подоцна, кога српските обвинители објавија дека Вучиќ сам ќе дојде во Вашингтон со „нови докази”. И двете објави беа чиста измама, евтини салонски трикови со кои Вучиќ ѝ се додворуваше на Белата куќа на Обама. Истото може да се очекува кога Вучиќ ќе се врати во Вашингтон.
Вучиќ неодамна се пофали дека пратил двајца министри да разговараат со потенцијалните сведоци и осомничени лица во овој случај.
Двајцата министри, сепак, беа лојални членови на неговата политичка партија во која е и Радосављевиќ. Еден од тие министри организираше пречек за воен злосторник кој се врати во Србија по отслужената казна, а вториот е оној кој пред посетата во јуни 2015 година, наводно, откри „нови докази”. И двајцата беа неверојатно пристрасни.
Но Вучиќ падна на уште пониско ниво кога го нападна американскиот амбасадор и семејството Битиќи, велејќи им дека треба „да се засрамат” затоа што го повикуваат на одговорност заради Гури Радосављевиќ.
Охрабрен од поддршката на Вучиќ, Радосављевиќ сега почна да дава интервјуа и да одговара на прашања во врска со случајот Битиќи, нешто што внимателно го избегнуваше една деценија.
И покрај сето ова, поранешните лидери на САД постојано го фалеа Вучиќ. Но, претседателот на САД, Доналд Трамп, и потпретседателот, Пенс, ветија еден поинаков вид на лидерство, кое ќе „придонесе САД повторно да бидат почитувани … и повторно да бидат големи”.
Сѐ додека Вучиќ не преземе соодветни чекори за решавање на убиството на браќата Битиќи, тој не заслужува да се смета за одговорен партнер на САД. Тој постојано покажува непочитување кон американските власти и граѓани, исмевајќи го и играјќи игри со случајот на тројцата мртви Американци.
Кредибилитетот и почитта немаат копче за вклучување и исклучување. Или Вучиќ ќе застане зад своите зборови или ќе биде на страната на криминалците кои ги убија тројцата Американци.
Правен Мадхираџу е правен советник на семејството Битиќи – BytyqiBrothers.org. Можете да го најдете и на Твитер @BytyqiBrothers.
Тања Доми е вонреден професор по меѓународни и јавни прашања на Универзитетот во Колумбија, каде што предава човекови права и меѓународни односи во Западен Балкан. Може да се најде на Твитер @taniadomi.
Мислењата изразени во овој текст се исклучиво на авторите и не ги одразуваат ставовите на БИРН.