Ардијан Хоџа имал 14 години, кога во 1995 година, заедно со неговата мајка и четирите браќа и сестри, се преселил во Тирана, за да можат повторно да биде со неговиот татко.
Неговиот татко, Ремзи Хоџа, бил бизнисмен и активист кој се борел за правата на Албанците во Косово, кој побегнал во Албанија за да го избегне прогонот на југословенскиот режим.
Но, на 21 октомври 1995 година, се случила трагедија. „Неколку дена откако започнав со училиштето, дури ни месец и половина откако се преселивме, се случи најлошото, нешто за што ние како деца не ни помислувавме дека може да се случи“, се присетува Ардијан Хоџа.
Неговиот татко, кој во тоа време имал 39 години, исчезнал во Тирана. Тогаш започнала 25-годишната потрага по него.
Хоџа вели дека неговата мајка им се јавила на своите девери во Косово, кои „дошле во Тирана и веднаш започнале да го бараат, барајќи информации од разни институции, но не го нашле“.
Иако на децата не им беше дозволено да бидат во собата со возрасните и да ги слушаат нивните разговори, тие знаеле дека нешто не е во ред.
„Во тие денови се зборуваше дека полицијата го одвела, дека војската го одвела, ситуацијата беше многу хаотична“, рече Хоџа.
На семејството првично му било кажано дека го „одвеле на проверка“ и дека ќе биде притворен 24 или 48 часа.
Поминале 48 часа, а потоа и „една седмица, еден месец, една година, а него го немало“.
Веста дека Рамзи Хоџа повеќе не е жив, им ја соопштил косовскиот политичар и писател, Адем Демачи.
Минатата седмица, на 25-годишнината од неговата смрт, семејството објави дека ќе престане со потрагата по неговите посмртни останки.
„Како семејство, сакаме да направиме спомен-гробница за татко ми, каде што ќе можеме да одиме“, изјави, Ардијан Хоџа, на прес-конференцијата, што се одржа по повод годишнината.
Осомничените за убиството никогаш не се нашле зад решетки
Семејството наведува дека Ремзи Хоџа бил киднапиран од припадници на државната разузнавачка служба, ШИК, по наредба на тогашниот албански претседател, Сали Бериша.
Во извештајот на организацијата за човекови права, Амнести Интернешнл, се вели дека тој бил „земен од неговото работно место во Тирана, од мажи кои, според очевидци, носеле цивилна облека, со автомобил за кој подоцна било утврдено дека му припаѓал на ШИК.
Ардијан Хоџа истакнува дека тие немале намера да го убијат неговиот татко, но оти тој бил мачен долго време, и не ја преживеал тортурата. Албанските власти, вели тој, „го сокриле телото“ и го оставиле семејството да ги бара неговите останки 25 години.
„Ова е делот што, без оглед на големината на болката, која се зголемуваше многупати, рековме ‘дајте ни го барем телото’“, нагласува тој.
Според него, два настана довеле до заклучокот дека ШИК го киднапирала неговиот татко. Првиот бил кога Ремзи Хоџа добил информација дека Сали Бериша, ќе се сретне со српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, што може да се сфати како предавство на албанската кауза.
Вториот бил кога Хоџа го видел Башким Газидед, тогашен директор на ШИК, како руча со Жељко Ражнатовиќ Аркан во Скадар – што исто така можело да се смета за предавство.
Хоџа за овие настани разговарал со Питер Арбнори, тогашен претседател на албанскиот парламент и со Ибрахим Ругова, водачот на движењето за независност на Косово.
Ардијан Хоџа се сомнева дека Арбнори и Ругова го повикале Бериша во врска со информациите што ги добиле и дека Бериша, од страв да не биде откриени во јавноста, наредил да го затворат татко му.
„Тие го измачувале многу и се вели дека, врз основа на приказните на луѓето што биле таму, на стражарите и така натаму, тој починал поради таа тортура во тајниот штаб на ШИК во Ваин во Лежас (област)“, раскажува тој.
Во ноември 2012 година, судот го прогласи Илир Кумбару, еден од четворицата припадници на ШИК, обвинети за киднапирање на Хоџа и на двајца други мажи, за виновен за киднапирање и во отсуство го осуди на 15 години затвор.
Но, во 1996 година, Кумбару побарал азил во Велика Британија, претставувајќи се како бегалец од Косово и таму живеел со лажен идентитет. Кога неговиот вистински идентитет бил откриен и кога Албанија побарала негова екстрадиција, Кумбару исчезнал.
Албанските обвинители го обвинија, Арбен Сефѓини, поранешен директор на Генералната дирекција за даноци и поранешен шеф на канцеларијата на ШИК во Тирана, за тортура и можно убиство на Хоџа. Уште двајца агенти на ШИК – Будион Меце и Авни Коладаши – беа обвинети во врска со случајот.
Меѓутоа, сите тројца беа ослободени, врз основа на законот за амнестија.
„Никој од инволвираните не издржа казна, и како резултат на тоа, никој не кажа каде се коските“, истакнува, Ардијан Хоџа.
За време на 25-годишната потрага, семејството на исчезнатиот Ремзи, постепено ја губело надежта, дека некогаш ќе ги пронајдат неговите посмртни останки.
„Сретнавме секакви луѓе. Имавме средби со разни луѓе кои бараа пари за да ни ги предадат коските, а откако ќе платевме, ќе ни дадеа коски на куче“, објаснува, Ардијан Хоџа.
Откако решиле да се откажат од потрагата, семејството одлучило да направи гробно место за Ремзи Хоџа.
„Бидејќи ги исцрпивме сите можности и за 25 години не ја најдовме вистината, ќе му направиме гроб; спомен-обележје за да можеме барем да имаме место каде што ќе можеме да дојдеме“, вели Ардијан.
„Во случај да се најдат неговите коски…“, додава тој