Регион

Тагување по Ринас: Деца, жртви на војната во Косово

Лумније Мусај, зборува за смртта на нејзиниот петгодишен син, Ринас, кого го убила граната што ја испалиле српските сили, кога ги протерувале Албанците од Косово

Војската на Југославија (ВЈ), го опколила Мојстир, село кое пред војната било населено со албанско и со српско население, на 6 април и ги гранатирала куќите во кои биле собрани Албанците.

„Кога експлодираше првата граната, мојот свекор беше убиен на самото место. Другата граната ме погоди мене и другите. Видов кога стомакот на Ринас експлодира”, изјави Мусај за БИРН, во нејзината куќа во Мојстир.

„Ѝ реков на јатрва ми да ги земе другите деца и да се обиде да избега преку планината. Решив да умрам заедно со мојот син”, ни рече таа.

Мажите веќе биле избегани на планина, а војниците ги опколиле ранетите жени и деца, кои не успеале да го напуштат селото.

„Ринас само викаше: ‘Мамо, многу ме боли’. Му зборував дека ќе помине. Се обидов да го земам во раце, но гранатата сериозно го имаше повредено, како и нашата 20-годишна сосетка, Ганимете”, се сеќава Мусај.

Таа се обидела тајно да замине со својот син и да стигне до подножјето на планината, но не успеала.

Војниците го стегнале обрачот и продолжиле со бомбардирањето „од сите насоки”, додаде таа.

Таа не се сеќава јасно колку пати, во ноќта помеѓу 6 и 7 април, изгубила свест и се будела во агонија, но се сеќава дека нејзиниот син плачел и дека ја викал неа и неговиот татко, за да им каже дека веќе не гледа.

„По некое време замолче”, додаде таа.

Во утринските часови, војниците ги зеле телата на мртвите – на Ринас, на нејзиниот свекор и на нејзината сосетка – и ги ставиле во една куќа, а потоа го напуштиле селото под контрола на полицијата и четири вооружени селани од српска националност, кои ѝ се приклучиле на полицијата.

„Попладнето дојде еден од нашите соседи, Срби, Обрад Бајновиќ, и ме одведе во својата куќа. Неговата сопруга и мајка се обидуваа да ми ги преврзат раните на ногата и на рамото. Беа будни цела ноќ, се грижеа за мене”, истакна Мусај.

Следниот ден, полицијата влегла во куќата на Бајновиќ, во која и таа се наоѓала.

„Двајца полицајци викаа по Обрад, прашувајќи го зошто засолнал Албанка. Во моментот кога еден од нив сакаше да пука во мене, тој (Обрад) го грабна пиштолот и куршумот удри во ѕидот на собата. Дупките сѐ уште се таму”, истакна таа.

Фотографија на Ринас, што ја сочувала Лумније Мусај

„Беше како искината кукла”

Мусај видела кога полицијата ги зела мртвите тела на нејзиниот син, свекор и сосетка. Таа ги замолила полицајците да не ги земаат.

„Откако ги замолив неколку пати, ми рекоа дека ќе ги остават, доколку ги погребам во рок од еден час”, вели таа.

Две децении подоцна, Мусај, која денес има 48 години, раскажува дека било сончево априлско утро, кога за последен пат ја зела раката на својот мртов син.

„Беше како искината кукла, стуткана, крвта по неговото тело и облека беше скоравена”, се присети таа.

Таа и две други жени биле присилени да ги закопаат трите тела во нејзиниот двор.

„Другите две жени едвај направија плитка јама и ги покрија телата, повеќе со гранки и лисја, отколку со земја. Полицијата стоеше таму и ги броеше минутите”, потенцира таа.

Мусај не можела да го напушти селото следните шест дена, за да им се придружи на другите деца и на нејзиниот сопруг на планината, додека полицијата не се повлекла.

„Го погребав син ми и мислев дека мојот сопруг и другите три деца не преживеале. Сакав полицијата да ме убие”, вели таа.

Кога полицијата го напуштила селото, нејзиниот сопруг и уште петмина други соседи, дошле за да ги земат жените што останале, во планината.

Во наредните три дена, тие се пробивале по тежок пат, преку нерамен терен до Црна Гора, на безбедна територија. Тие биле едни од над еден милион Албанци раселени од нивните домови за време на војната; многумина завршија во бегалски кампови во соседните земји, како што се Албанија и Македонија, каде што останаа до крајот на војната, во јули 1999 година.

Лумније Мусај. Фото: БИРН

Гроб во дворот

Дупката во левата нога на Мусај, сведочи за четирите хируршки интервенции што ги имала по војната, во обид да се избегне ампутацијата.

Кога конечно се вратила во своето село во јули, нејзината куќа била целосно уништена. Трите тела закопани во нејзиниот двор, биле таму во наредните шест месеци, додека експертски тим од Хашкиот трибунал, не ги ексхумирал.

„Тажно е да имате гроб на вашето дете во дворот. Се чини дека секој ден ве влече во него“, вели таа.

Воената кампања на НАТО, на крајот ги принуди силите на Милошевиќ да се повлечат од Косово, а војната заврши во јули 1999 година.

Семејството Мусај го задржало името на Ринас живо, давајќи му го истото име на нивниот син кој се родил две години подоцна. Да беше жив, Ринас ќе наполнеше 25 години на 20 август оваа година.

„Родендените се најтешките моменти, многу поболни од годишнината од смртта. Многу ми е тешко кога ги гледам неговите врсници“, додава Мусај.

Иако поминаа дваесет години, никој досега не е осуден за овие убиства. Правдата се чини недостижна, но гневот сѐ уште е жив.

„Кога ќе го видите вашето дете растргано, тешко е да се најде нешто што ќе го изгасне гневот”, наглаува таа.

Пред нивната куќа, нејзиното семејство има поставено споменик со изгравирани фотографии на нејзиниот син, свекор, и нивната сосетка.

Покрај изгравираната фотографија на Ринас, стои едно едноставно, трогателно прашање: „Што ви направи малиот Ринас, за да го одвоите од неговите играчки?”.