Регион

42 години затвор за злосторства во Хаџиќи

Логорот Силос. Фото: БИРН

Поранешниот командант на деветтата брдска бригада на Армијата на Босна и Херцеговина, Незир Казиќ беше осуден на десет години затвор, додека по осум години затвор, добија поранешниот началник за станицата за јавна безбедност во Хаџиќи, Фадил Човиќ, како и управникот на логорот „Силос” (до август 1994 година), Беќир Хујиќ.

Командирот на полициската станица Пазариќи, Мирсад Шабиќ, беше осуден на шест години затвор, додека поранешниот управител на „Силос“ (од август 1994 година), Халид Човиќ и Нермин Калембер, поранешен стражар во логорот, беа осудени на пет години.

Сите шестмина беа осудени за незаконско притворање и нехуман третман на српски и хрватски цивили, притворени во „Силос“, касарната „Крупа“ во Зовик и основното училиште „9 мај“ во Пазариќи, како и за ускратување на правото на судење и водење на цивилното население на присилна работа.

Во казната ќе им биде пресметано и времето поминато во притвор, додека оштетените со имотноправно барање, беа упатени на парница.

Во пресудата се наведува дека околу 500 српски и околу 90 хрватски цивили, биле притворени во „Силос“ во различни периоди, додека околу 140 Срби биле затворени во училишните простории во Пазариќи.

Фадил и Халид Човиќ, Шабиќ, Хујиќ и Казиќ беа ослободени од одредени точки од обвинение, во недостиг на докази.

Претседателот на Апелацискиот совет на Судот на БиХ, Сенадин Бегташевиќ, во образложението на пресудата истакна дека е утврдено оти со дејанијата наведени во обвинението, биле повредени основните права што ги уживала заштитената групација на население и дека несомнено се извршени кривични дела против цивили, кои не биле во борба и не претставувале никаква опасност.

Иако во објектите биле затворени припадници на резервниот состав на полицијата од српска националност, на Југословенската народна армија (ЈНА) и на Војската на Република Српска (ВРС), утврдено е дека сите биле цивили.

„Овој совет зазеде став дека овие лица престојувале со цивили, а нивниот цивилен статус им е утврден врз основа на одлуките на Меѓународниот кривичен суд и нивниот став и кога некој може да се означи како цивил“, рече судијата Бегташевиќ.

Обвинетите беа ослободени од одредени точки на обвинението, вклучително и дека во нивно присуство биле тепани затвореници и дека некои од нив учествувале во тоа.

„Околу 30 години по настаните, обвинетите, природно се разболеле, пропаднале и остареле, иако и војната имала последици по нив. Треба да се има на ум дека жртвите од овој период, не се разболеле, пропаднале и остареле природно“, заклучи судијата Бегташевиќ.

Со првостепената пресуда од 2018 година, на обвинетите, освен на Халид Човиќ, кој тогаш доби шест години затвор, им беа изречени истоветни казни.

Во тоа време, поранешниот управник на „Крупа“, Шериф Мешановиќ, беше осуден на седум години затвор, но неговиот случај беше одвоен од другите, поради неговата здравствена состојба. Нему пресудата ќе му биде изречена утре, на 11 јуни. Постапката против поранешниот претседател на Кризниот штаб на Хаџиќи, Мустафа Ѓелиловиќ, кој беше осуден на 10 години, беше прекината, бидејќи тој почина.

Апелацискиот совет ги прифати жалбите на обвинителството и на дел од одбраната, ја поништи првостепената пресуда и ја обнови постапката.

Не постои можност за жалба на пресудата.