Регион

Тачи изјави дека не е виновен за воени злосторства

За време на неговото прво појавување пред ССК, поранешниот водач на ОВК и сегашен политичар, Хашим Тачи, ги отфрли обвиненијата за воени злосторства против него.

„Ги прочитав и не се согласувам со ниту едно“, рече Тачи, кој минатата недела поднесе оставка на функцијата претседател, пред да биде префрлен во Хаг.

„Обвинението е целосно неосновано и изјавувам дека не сум виновен“, додаде тој.

Бранителот на Тачи, Дејвид Хупер, пред судот истакна дека тимот на одбраната доцна го добил известувањето за обвинението.

Тој додаде дека обвинувањата за трговија со органи содржани во извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, кои доведоа до формирање на таканаречениот Специјален суд, не се во обвинението.

„Ништо во ова обвинение не се кажува за земањето на органи … тој (Тачи) знаеше дека обвинувањата се бесмислица и тој помогна да се формира овој суд“, додаде Хупер, алудирајќи на процесот на формирање на судот во согласност со законите на Косово, што Тачи јавно го поддржа.

„Наместо тоа, имаме колекција на инциденти, од кои за голем дел веќе се одржаа судења пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија или пред локалните судови на Косово“, нагласи тој.

Обвинителот, Алан Тигер, познат по тоа што беше застапник на обвинителството во постапката против Радован Караџиќ пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, истакна дека наместо да се фокусира на она што не е во обвинението, неговиот тим ќе се фокусира на доказите што ги поткрепуваат обвинувањата.

„Обвинението содржи извештаи за десетици жртви и тоа ќе го претставиме за време на судењето“, рече тој.

Тачи, заедно со уште тројца поранешни високи припадници на ОВК, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, е обвинет за злосторства против човештвото и за воени злосторства, извршени „најмалку од март 1998 до септември 1999 година“. Красниќи, исто така, на деношното изјаснување за вината, рече дека не се чувствува виновен.

Обвинението, кое содржи десет точки, тврди дека сите четворица биле дел од заеднички злосторнички потфат и дека споделувале „заедничка цел во насока на стекнување и вршење контрола над цело Косово“, користејќи средства кои вклучувале „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.

Меѓу противниците имало луѓе кои биле или се сметале за соработници на југословенските сили, кои не ги поддржувале целите и средствата на ОВК, меѓу кои имало и Албанци кои поддржувале други движења, потоа Срби, Роми и припадници на други националности.

Заедничкиот злосторнички потфат вклучувал „ незаконско или самоволно приведување и лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство, како и злосторства против човештвото како што се затворање, други нехумани постапки, тортура, убиство, присилно исчезнување и прогони“.

Тачи се смета за клучен член на заедничкиот злосторнички потфат, поради неговата улога, прво како основач на ОВК, потоа како шеф на нејзиниот политички и информативен директорат, а потоа, од март 1999 година, и како претседател на привремената влада на Косово и врховен командант на ОВК.

Најголемиот број злосторства биле извршени во центрите за притвор во 17 општини во Косово и во два округа во Албанија, Кукс и Хас.

Во обвинението се вели дека злосторствата „требало да послужат како предупредување и притисок врз целното население во целина, за да се одвратат противниците и да се спроведе апсолутно единство зад ОВК“.

Групата издавала упатства, инструкции и наредби во врска со оние кои се сметале за противници.

Во обвинението се нагласува дека тој, наводно, формулирал и/или учествувал во изработката, одобрувањето, промовирањето, ширењето и во спроведувањето на плановите, политиките и практиките за поттикнување на заедничката цел, вклучително и оние во форма на соопштенија, јавни изјави, внатрешни правила и прописи, структури и механизми за собирање на информации и за известување.

Тој, исто така, учествувал во „овозможување, одобрување, охрабрување и/или помагање на друг начин во злосторствата … не презел соодветни чекори за спречување и за истрага на злосторствата и/или казнување или дисциплинирање на сторителите“ и одиграл клучна улога во „пружање, регулирање, и/или обезбедување на политичка, логистичка, воена и/или финансиска поддршка“, на припадниците на ОВК обвинети за злосторства.

„Тачи, исто така, презел чекори за заплашување и воспоставување на доминација над единиците поврзани со (опозициската) ДСК, како и со вооружените сили на Република Косово („ФАРК “) поврзани со владата во егзил“, се вели во обвинението.

ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-2000 година. Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека косовскиот судски систем не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.

Албанците во Косово, Специјалниот суд го сметаат за навреда на војната на ОВК, за ослободување од српското владеење.