Наградата за најдобра сторија за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ за 2025 година, ја поделија три редакции кои во различни формати истражуваа аспекти околу пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 луѓе.
На обележувањето на 80-годишниот јубилеј на Здружението на новинари на Македонија беа наградени редакциите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), на истражувачкиот магазин КОД, како и новинарката Ирена Мулачка од Фокус.
Награденото истражување на ИРЛ „Кочани – Нашиот морален компромис“ обелодени дека сопствениците на „Пулс“ биле во дослух со даночни контролори од Управата за јавни приходи за што тие добивале поткуп.
КОД ја добија наградата за серијал емисии за оваа тема, во кои осветлуваат повеќе аспекти од трагедијата.
Мулачка беше наградена за серијал текстови кои го открија вистинскиот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ објавени во Фокус.
Добитниците порачаа да не се заборави трагедијата во Кочани и дека оваа тема била исклучително тешка за работење, знаејќи дека нивните стории ги гледаат и семејствата на починатите.
Награда за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ добија новинарот Ристо Тасев од Струмица и фоторепортерот Роберт Атанасовски, а наградата за известување на теми од локално и регионално значење му беше доделена на Ардит Рамадани, за истражувачки стории објавени на Порталб кои се фокусираа на тоа што ќе се гради на просторот на поранешниот Тетовски монопол.
ЗНМ додели и две признанија.
Признание за придонес за промоција на истражувачкото новинарство доби БИРН за интерактивната база „Верски имоти под лупа“ која за првпат обезбедува увид во имотот на двете најголеми верски заедници во земјата – Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Исламската верска заедница (ИВЗ).
Во текот на повеќе од една година, БИРН работеше на оваа база, користејќи информации од Катастарот и идентификуваше 14.757 имоти на МПЦ-ОА и 5.363 на ИВЗ. Од податоците во базата произлегоа дополнителни пет истражувачки стории.
За промовирање на теми од локално и регионално значење признание доби новинарката Анета Блажевска која пишуваше за злоупотреби во средношколскиот дом во Битола.

