„Секогаш е предизвик да се биде новинар во Палестина, но оваа војна е најлоша, на сите нивоа. Ова е многу брутална војна“. На овој начин, Рихам Абу Аита, проверувачка на факти од Палестина, ја опиша состојбата низ која поминуваат новинарите и медиумските работници од лани, 7 октомври.
Девет месеци поминаа од нападот на милитантната исламистичка палестинска група Хамас на израелската погранична област, кога беа убиени околу 1.200 луѓе и земени како заложници повеќе од 250 лица. Ираел, пак, возврати со воена офанзива во Појасот Газа.
Според Министерството за здравство во Газа, од октомври до почетокот на јуни, убиени се најмалку 37.000 Палестинци, а повредени над 84.000 лица.
„Никогаш порано не сме доживеале ваков размер на бомбардирање и убивање“, посочи Абу Аита додека разговаравме во фоајето на Домот на млади во Сараево, Босна и Херцеговина. Во меѓувреме, во заднина течеше 12-то издание на ПОИНТ – конференцијата за политичка отчетност и нови технологии, која се одржа на крајот на јуни. Таа беше еден од говорниците на панел-дискусијата за „Моќта на вистината: Да се биде новинар во Палестина“.
Вознемирувачките видеа и фотографии од војната, кои циркулираат на социјалните мрежи, се дел од секојдневието на Абу Аита, коосновачка на платформата за проверка на факти, Кашиф. Таа живее и работи во градот Рамала на Западниот Брег, кој се смета за административен главен град на државата Палестина.
„Знаете, нашата енергија не е на исто ниво секој ден. Некои денови се будиме и си велиме зошто ја работам оваа работа, зошто го ставам на ризик својот живот да бидам мета, убиена, па дури и уапсена?“
Стравовите што ги има Абу Аита беа споменати и на годинешната прослава на Светскиот ден за слободата на медиумите од страна на УНЕСКО, опишувајќи ја војната на Израел против Газа како „најсмртоносниот конфликт за новинарите и медиумските работници“.
Според Комитетот за заштита на новинарите и Меѓународната федерација на новинари, над 100 новинари и медиумски работници, главно Палестинци, се убиени во првите седум месеци од војната.
Сепак, Абу Аита и нејзините колеги се решителни да продолжат.
„Ова е наша земја и сакаме да им покажеме на луѓето и светот што се случува и ја чувствуваме разликата“.
Зборувајќи за условите за работа, Абу Аита нагласува дека новинарите во Газа добиваат минимална поддршка, бидејќи, како што вели, и некој да сака да помогне, „Израел ги контролира границите. Тие не ја пуштаат помошта“.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во неколку наврати посочи дека е спречена дистрибуцијата на хуманитарна помош во Појасот Газа и повика на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Оние организации, пак, кои им даваат поддршка на новинарите, им обезбедуваат готовина, им купуваат опрема. Но, според Абу Аита, тоа е не е ни пет отсто од она што навистина им е потребно.
„Значи, ако луѓето сакаат да помогнат, мора да одат во Газа“, истакна таа.
Тоа досега и го направила, со помош на меѓународните организации што работат на терен.
„Тие ги загубија семејствата, ги загубија канцелариите, опремата и куќите. Како ќе им надоместите? Тие се дел од палестинскиот народ. Значи, она со што се соочуваат Палестинците во Газа, се соочуваат и новинарите. Одат на работа и се враќаат во нивниот шатор каде што нема вода, нема струја. Ги оставаат децата кај бабите, а некои новинари успеале да ги испратат своите деца во Египет или во друга земја додека тие сè уште се во Газа и известуваат“, истакнува Абу Аита.
Палестинската содржина „под сенка“ на социјалните медиуми
За време на дискусијата во Сараево, Абу Аита и нејзиниот колега Калед Факих од медиумската мрежа Ватан зборуваа за засенувањето што го добија од технолошките гиганти, како Мета, Тик-ток и Твитер при нивното споделување проверени информации од Палестина.
Револтирана е од двојниот стандард што постои во однос на содржините што доаѓаат од палестинска и од израелска страна.
Палестинските страници се најдоа во ситуација каде што објавите што тие ги верификуваа, со цел да покажат што е вистина во морето дезинформации, да бидат замаглувани од самите платформи и да добиваат известувања дека шират неточни информации. Иако, нивните објави се јасно обележани со текст и дизајн дека станува збор за проверување на фактите.
„На Фејсбук, нашиот дофат [reach] е само 10 отсто или помалку од нашата публика. На нашите објави добиваме само по еден или два „лајка“. Тик-ток, пак, ни го затвори профилот две недели по војната. На Инстаграм, да бидам искрена, имаме добар дофат, но само на објавите“, појаснува таа.
Одговор барале повеќепати, но или го немале, или бил генерички.
Истовремено, Абу Аита забележува дека, иако се прави проверка на интернационални и израелски профили, кои споделуваат лажни информации за Палестина и се пријавувани, не се случува ништо – ниту се забрануваат, ниту, пак, има влијание врз нивниот перформанс.
„Најголемиот извор на лажни информации за Палестина во моментов е кампањата наречена Паливуд (Pallywood – кованица од Палестина и Холивуд), каде што се тврди дека сите сцени и снимки што ги гледате од Газа се лажни и дека Палестинците ги прават за да стекнат меѓународна солидарност“, појаснува Абу Аита.
Па така, снимки од палестински или интернационални документарни филмови, уметнички перформанси, мемиња и сцени од зомби-филмови, но и претходни интервјуа, се користеле како да се направени во денешно време, но за да „покажат“ дека она што се случува во Палестина е лага.
„На пример, има шминкерка во Газа наречена Маријам. Таа работи шминка за филмови и претходно има дадено интервју каде што ги покажува своите вештини. Тоа е многу старо интервју, години пред војната. Некои снимки прикажуваат како нанесува вода или крв, црта рани. Тоа беше објавено на многу платформи, велејќи: „Погледнете. Ова се лажни повреди.“
Проверувачите на факти се во незгодна положба, бидејќи некогаш лесно може да ги најдат изворите со помош на онлајн достапните алатки. Но, тоа не е секогаш толку едноставно.
„Најтешкиот дел се тврдењата дека бебињата се силиконски кукли, а не вистински бебиња. Единствениот начин да се провери ова е да се контактираат семејствата на жртвите, барајќи од нив да испратат слики или видеа од нивните деца, за светот да види дека тие се вистински“.
„Ова ментално беше многу тешко за нас. Но, семејствата на жртвите беа многу отворени со нас затоа што сакаат да се дознае вистината“, вели Абу Аита.
Од друга страна, тие забележале доста дезинформации и од локалните медиуми.
„Имаме многу лажни вести во Палестина за како се прикажува палестинскиот отпор. Сакаат да покажат дека убиле многу Израелци. Да се покаже дека ‘победуваме’“, вели Абу Аита.
„Палестинците нѐ напаѓаат, ни кажуваат дека работиме со Израел, дека сме агенти на окупацијата, дека не сакаме да ги охрабруваме луѓето“, додаде таа.
Новинарките во Палестина со дополнителни маки
Да се биде новинарка е тешко. Да се биде новинарка што известува од воен конфликт од Палестина е уште потешко. Посебно кога треба да излезат на терен и да ги остават своите деца.
„Треба да бидете многу силна пред вашите деца и да им дадете поддршка. А, во исто време сте виделе 100 тела во болница. Потоа, мора да се вратите дома, грижејќи се за децата, обидувајќи се да пронајдете храна која ја нема. Треба да платите многу пари за да добиете храна. Ако имате среќа“, раскажува Абу Аита.
Не е подобра ниту ситуацијата на Западниот Брег, каде што во сите градови има контролни пунктови.
„Престанав да одам со мојот автомобил. Јас секогаш одам со јавен превоз затоа што ако сте заглавени на контролен пункт цел час, или повеќе, па се стемни, може да биде многу опасно за вас. Дел од главните улици се затворени, и треба да одите по заобиколен, тесен пат, понекогаш и низ планини“, појаснува таа.
Режим на преживување [Survival mode]
Во изминативе месеци, неколку држави ја признаа Палестина за држава, меѓу кои и Словенија. Важноста на работата на новинарите и активистите ја препозна Меѓународниот суд на правдата, кој ги искористи нивните материјали од терен како докази за својата пресуда против Израел, обвинувајќи ја за геноцид.
Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, пак, поднесе барање за издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерот на Хамас. Независно од тоа, Израел продолжува со својата офанзива.
Меѓународниот комитет на Црвен крст, од почетокот на конфликтот забележал 6.500 случаи на исчезнати лица во Газа. Меѓу нив е и Нидал ал Вахиди, фоторепортер, кој исчезна откако заминал на задача да ги сними настаните од 7 октомври.
„Не знаеме дали е жив“, вели Абу Аита за нејзиниот колега и пријател.
„Мислам дека сè уште работиме во режим на преживување. Ние работиме како роботи.“