Истражувањa

Адвокат од Лихтенштајн ќе гради во Мал ринг

Контроверзен инвеститор од офшор-дестинација „фрлил око“ на последното маалско паркче во центарот на Скопје

Регистрант од Лихтенштајн, адвокат што главно формира и води туѓи фирми на сопственици што сакаат да бидат скриени, ќе ја гради петкатницата зацртана близу хотелот „Ибис“ во строгиот центар на Скопје, односно во градежно атрактивната зона позната како Мал ринг.

Веста дека на местото од уште едно паркче ќе се гради станбен објект ги вознемири граѓаните што живеат во соседната зграда и уживаат во она што преостанало од зеленилото пред своите домови.

Енгелберт Јозеф Шрајбер | Фото: www.szta.li

Енгелберт Јозеф Шрајбер од главниот град на Лихтенштајн Вадуз е официјалниот сопственик на скопската фирма „Сколимекс,“ која, како што објави Општина Центар, лани во ноември, непосредно пред заминувањето на Саша Богдановиќ од градоначалничкото место, добила дозвола за градење.

Шрајбер се спомнува во дата-базата на Пандора пејперс, која ги раскринка офшор-тајните на повеќе политичари и бизнисмени од целиот свет. Тој во Пандора пејперс е означен како офицер, лице што ја врши административната работа околу формирањето и водењето на офшор-компанија во име на друг човек.

Егзотичната професија на Шрајбер била причина тој да се вмеша во многу контроверзии и скандали низ целата планета, па дури и тука на Балканот.

Имено, неверојатно звучи податокот дека човекот што тргнал да гради во нашето Скопје и неговиот татко во 2003 година биле дел од обвинетите во приватна тужба поврзана со терористичките напади во Њујорк, на 11 септември 2001 година.

Во тужбата се наведува дека, според официјалните документи од Лихтенштајн, една од фирмите на двајцата Шрајбери била вклучена во активности за перење пари во име на Ал каеда. Тужбата подоцна била отфрлена.

Интересните наоди за семејството Шрајбер не завршуваат тука. 

Зградата е замислена близу скопскиот плоштад

Скандал со јавни набавки во Обединетите нации (ОН), пак, посочи врски меѓу семејната фирма на Шрајбер со човек што САД и ОН го вбројуваат како финансиер на терористичка организација.

Човекот се појавувал и во скандали на Балканот. 

Хрватските медиуми го опишуваат како адвокат што бил осомничен во аферата за Дубровачка банка, околу, како што се тврди, криминалното преземање на оваа финансиска институција во 1998 година. А, интересно е што неговото име се спомнува и во сложената шема на фирми преку која се менувало сопствеништвото на хотелот „Македонија“ на хрватското крајбрежје во Цавтат.

Официјалните податоци покажуваат дека Шрајбер ја формира фирмата „Сколимекс“ во мај 2015 година, во Скопје и ја регистрирал како градежна фирма, што е логично ако денес се знае оти фирмата се подготвува да гради петкатница во срцето на главниот град. 

Меѓутоа, седиштето на компанијата ни оддалеку не наликува на сериозен инвеститор во градежништвото. Не постојат знаци дека на таа адреса, во една трошна куќа на брегот од Вардар близу Народна банка, се наоѓа канцеларијата од која ќе се раководат амбициозни проекти, како што е изградба на повеќекатница во центарот на градот. 

Напротив, на влезната врата стојат имиња на сосема други две фирми. Малата канцеларија со две бироа ја води скопјанецот Тодор Димитровски, кој во документите е заведен како управител на „Сколимекс“.

Канцеларијата каде е регистрирана фирмата-инвеститор

Димитровски беше изненаден од нашата посета. Немаше одговор на ниту едно од прашањата поврзани со објектот што треба да се гради врз атрактивната парцела, ниту, пак, ни даде контакт од инвеститорот од Лихтенштајн.

„Оставете телефонски број, јас ќе ве побарам“, беше сѐ што кажа Димитровски, наведнувајќи ја главата во обид да не нè погледне в очи. 

До објавувањето на овој текст не нѐ побараа ниту Димитровски, ниту, пак, неговиот претпоставен Енгелберт Јозеф Шрајбер.

Петкатницата е вцртана во измените на Деталниот урбанистички план во 2012 година, кога Општина Центар ја водеше Владимир Тодоровиќ, во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше на врвот од својата моќ на локално и на државно ниво, кога државата го градеше контроверзниот проект „Скопје 2014“ и кога моќници блиски до тогашната власт се богатеа токму преку градежни потфати во центарот на градот.

Општината во време на градоначалникот Богдановиќ се обиде да го смени планот, ставајќи мораториум врз него, меѓутоа лани мораториумот падна на Уставен суд, со што се отвори можноста сопствениците на парцелите да ги реализираат градежните планови.