И оваа зима, Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Капиштец набавуваше мазут за греење во центарот на Скопје, енергенс што силно ја загадува животната средина. Во училиштето до неа, пак, децата учеа со вклучени прочистувачи за воздухот, купувани од општината и од родителите, бидејќи немало доволно за во сите училници.
Прочистувачи за воздухот зимава се купуваа и за градинките во Ченто, кои сѐ уште се греат на нафта, уште еден енергенс, кој не е еколошки шампион. Во Скопје, градот кој секоја зима се појавува на листите на најзагадени градови во светот, стотици јавни објекти за греење набавуваат горива, кои се далеку од еколошки, исто како и четвртина од домаќинствата. Од мазут, нафта и јаглен, па се до огревно дрво.
И по пет децении зборување за овој проблем, мерките и активностите за заштита од аерозагадувањето не стигнаа до нив, иако греењето во зима се покажа како еден од најголемите загадувачи во главниот град. Затоа и борбата со него почна да се води во тој правец, но со многу популизам, малку пари, без конкретен план и национална стратегија, со бавни чекори напред, понекогаш и во рикверц.
Така, на пример, две училишта зимава правеле замена на котлите за греење, со нови на нафта. Едното во Берово, другото во Скопје. Во скопското, со нафта се заменувал котелот за греење на пелети, иако токму субвенциите за печки на пелети со години беа столбот на борбата со аерозагадувањето.
А дека неговото ниво е алармантно, доволно е да се погледнат мерењата од државните мониторинг станици. Само во јануари, дури 23 дена скопјани дишеле опасен воздух, полн со прашина. Последните анализи на Институтот за јавно здравје, пак, покажаа дека вакво ниво на аерозагадување се плаќа и во човечки животи. Од таа причина, годишно умираат по 3.583 луѓе.
Седум години без национална стратегија

Во една деценија околу 25.000 домаќинства добија субвенции за печки на пелети и инвертери на струја | Фото:БИРН
Важноста на последната и единствена петгодишна национална стратегија за справување со аерозагадувањето заврши во 2018 година. Голем дел во работите што се планираа во неа останаа неисполнети, но беше направен голем чекор напред преку воспоставувањето некаков ред во работата на индустријата и воведувањето на интегрираните еколошки дозволи. Тоа се виде и во мерењата за квалитетот на воздухот, кога се намали смогот, кој редовно, секоја зима го опседнуваше Скопје.
Овие резултати не дојдоа во еден ден, а пресудна беше политичката волја и евроинтеграциите, кои ја нагласија потребата од прифаќање на новите директиви за квалитет на амбиенталниот воздух. За првпат се случи фабрика да биде затворена поради неисполнување еколошки стандарди. „Југохром“, кој беше еден од најголемите загадувачи на тетовскиот регион, престана со работа, а подолг прекин имаше и во работата на „Железара“.
„Но, потоа, како сѐ да се забави“, се потсетува Лилјана Поповска, основач на зелената партија ДОМ, која речиси две децении мина како пратеничка во собраниските клупи.
Кога во 2018 година, од претходната власт, со која во изборна коалиција влезе и ДОМ, беше најавен новиот план за чист воздух, Поповска вели дека очекувала големи промени. Останала разочарана.
„Требаше да се заменат сите печки во јавните институции и тоа почна, ама се забатали, ги пренаменија парите… Сите сме веќе очајни и уморни што проблемот не се решава докрај“, додава таа.
Најавен во 2018 година, планот за чист воздух, својата прва буџетска „програма за намалување на аерозагадувањето“ ја доби една година подоцна.
Оваа програма опстоја само три години и ниту една не беше реализирана во целост.
БИРН ги анализираше јавните набавки направени преку неа, кои покажуваат дека борбата со аерозагадувањето практично беше сведена на едно купување на 190 прочистувачи за воздухот, уредување паркчиња, смена на столаријата и системот за греење во повеќе објекти – главно училишта и градинки, како и субвенциите за купување инвертери на струја за жителите на Скопје, Тетово, Кичево и на Битола.
Парите за инвертерите дополнително беа додадени, откако тогашната влада побара од ЕСМ да одвои 10 милиони евра за оваа намена. Тоа беа и најголемите финансии во програмата за справување со аерозагадувањето. За сѐ друго, во три години, колку што постоеше оваа програма, потрошени беа едвај 3,2 милиони евра.
Како услов да се добие субвенцијата од 1.000 евра беше побарано да се предадат нееколошките печки на дрва и нафта, пракса која подоцна се напушти, откако почна да цвета бизнисот со продажба на стари ќумбиња по „бувљаците“. Градот Скопје, три години ги делеше овие субвенции, и во 2020, и во 2021 и во 2022 година. Другите општини, парите ги потрошија побргу.
Лани, буџетот на Град Скопје за заштита на животната средина бил меѓу најмалите во последната деценија, едвај 300.000 евра. И тие не биле потрошени, нереализирани останале дури 240.000 евра.
Ако, пак, се погледнат вкупните субвенции, кои и во тригодишниот план, и надвор од него, беа давани на домаќинствата за промена на начинот на греење, се стигнува до бројка од малку над 15 милиони евра, во една деценија. Овде влегуваат сите субвенции што се делеа за инвертери и печки на пелети од општините во цела држава, Град Скопје и од Министерството за економија, влечени од различни програми за чист воздух, енергетска ефикасност, но помош на ранливите групи.
Најголемиот дел од овие пари отишле за инвертери, а многу помал дел за печките на пелети, покажа пресметката на БИРН. Во изминатите шест години, откако државата почна да го стимулира греењето на струја, за субвенции за инвертери се потрошени речиси 13 милиони евра, за нешто над 20.000 домаќинства.
Претходно, меѓу 2016 и 2021 година, се стимулираше греење на пелети. Први со овие субвенции почнаа општините од реонот на Скопје и Битола, кои за таа намена потрошија вкупно околу 1 милион евра, со кои беа сменети нешто под 2.000 вакви печки.
По 2021 година, субвенции за печки на пелети во Скопје продолжи да дава општина Кисела Вода, паралелно со субвенции за набавка на пелети, но и за огревно дрво.
Потоа со субвенции продолжи и Министерството за економија, со што оваа бројка се удвојуваше, но по 2021 година престана ваквата пракса, бидејќи во екот на економската криза пелетите поскапеа толку многу, што греењето на нив стануваше неисплатливо.
Со сите субвенции се стигнува до бројката од околу 25.000 домаќинства во изминатата деценија што го смениле греењето на струја и пелети. Според податоците од пописот во 2021 година, над 315.000 домаќинства се грееле со нееколошки енергенси.
Нова влада, нова програма за борба со аерозагадувањето

Мерната станица за чистотата на воздухот сместена во кругот на Клиничкиот центар во Скопје | Фото:БИРН
Со прочистувач на воздухот во својот дом во скопски Карпош живее и Татјана Чакулевска, активистка од иницијативата „О2“. Неформалната група, која се залага за почист воздух, неодамна алармираше дека според новата Директива за квалитет на амбиенталниот воздух, лани само во Лазарополе се дишел воздух по европски стандарди.
За доближување кон овие стандарди, од „О2“ сметаат дека ни треба нов пристап во решавање на проблемот со аерозагадувањето преку носење конкретни одлуки и давање јасни рокови.
„Ние сме без национален план, немаме нов документ, кој систематски ќе го адресира проблемот со загадувањето на воздухот. Владите доаѓаат, носат ад хок решенија, а вистински промени нема”, реагира Чакулевска.
Новата влада, оваа борба сега ќе ја води преку нова „Планска програма за почист воздух 2024-2030“. Во објавениот документ, кој наликува на подолга „пауер поинт“ презентација, има само наведено мерки и рокови, без конкретен буџет и акциски план за секоја година.
Греењето е првата точка. Се најавуваат когенеративни централи, поквалитетно огревно дрво, уште субвенции за инвертери, ама сега и за котли на гас, како и решавање на проблемот со користење мазут и цврсти горива кај 600 јавни и државни институции.
„Државата не загадува – водиме со пример“, стои под оваа точка во планот.
Рокот за сево ова е до 2030 година. Како ќе се направи и колку ќе чини, нема информации. БИРН испрати прашања до Министерството за животна средина, за подетално објаснување околу тоа што е планирано да се направи годинава и на кој начин. Прашањата беа примени, одговор не стигна.
„Девет месеци откако новата влада е на власт, немаме конкретни мерки. Неодговорно е да се остави граѓаните да страдаат додека загадувањето останува високо”, реагира Чакулевска.
Тужби против државата за почист воздух

Оџакот на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Капиштец | Фото: БИРН
За непреземањето конкретни мерки за спречување на аерозагадувањето се огласи и Врховниот суд, со што се отвори можноста граѓаните да ја тужат државата за опасниот воздух што го дишат секојдневно.
„Ние успеавме да го кренеме ова прашање на ниво на Врховниот суд, кој донесе начелен став на 8 октомври 2024 година, со кој утврди дека државата има одговорност за тоа што не носи национален план. Без ваков документ, нема јасно дефинирани мерки и акциски план за борба против загадувањето“, појаснува Жарко Хаџи Зафиров, адвокат и дел од Центарот за правни истражувања и анализи.
Тоа се покажа во изминатите децении, преку кампањското работење, кое на моменти е доведено и до ниво на апсурд.
Како со набавките за прочистувачи за воздух, за кои беа потрошени неколку стотици илјади евра и ги набавуваа сите, и државата, и општините, јавните институции… Најдетален опис нуди увидот во записниците на советите на родители во едно од основните училишта, во Општина Центар, која во своите мерки за аерозагадувањето редовно ги споменува прочистувачите на воздухот набавени „во сите училишта и градинки“.
Лани во училиштето се случувало вистинска драма, кога родителите решиле да ги побараат овие прочистувачи. Биле набавени во екот на енергетската криза, ама се забранило нивно користење за да не се троши струја. Од 20, колку што требало да има, нашле само половина. На дел требало да им се менуваат филтри поради стоењето во лоши услови. Училиштето немало буџет, па пари собирале родителите.
Хаџи Зафиров, пак, појаснува дека без државна стратегија, ќе има само делумно успешни мерки.
„Реално, тоа значи дека државата не го става ова прашање како приоритет. Единственото решение за граѓаните е да ја тужат државата, да се повикаат на своето право на здрава животна средина и да бараат одговорност за последиците од загадувањето“, потенцира тој.
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.