Истражувањa

Албанската комунистичка пирамида влегува во дигитално доба

Култната градба во облик на пирамида, изградена пред 30 години како музеј во чест на комунистичкиот лидер, Енвер Хоџа, денес е во лоша состојба. Затоа во Албанија се работи на планот за трансформација на овој објект, во центар за дигитална технологија.

Фатјона Мејдини, Тирана

Во главниот град на Албанија, во октомври 1988 година, група на архитекти, предводени од ќерката и зетот на починатиот комунистички лидер, Енвер Хоџа, во Албанија, свечено ја отворија пирамидата на Тирана, масивно здание во кое беше сместен постојаниот музеј на сеќавањето на животот на озлогласениот диктатор.

Но, на крајот се покажа дека музејот не е постојан, бидејќи неговиот крај дојде кога во 1991 година падна комунистичкиот режим во Албанија.

Сепак, необичната архитектура на оваа зграда, во облик на пирамида, ѝ даде неочекувано нова улога – нејзината конструкција со закосени страни, локалните жители ја користеа за да се лизгаат по нив, обидувајќи се да се искачат на нејзиниот врв.

А оној што ќе успееше да се искачи на врвот на пирамидата, како награда добиваше панорамски поглед на Тирана од 360 степени. За да се симнат надолу, сè што требаше да направат е само да се лизнат удолу.

Минатиот месец, премиерот на Албанија, Еди Рама, и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, го презентираа проектот за реконструкција на пирамидата, во центар за технологија и култура.

Проектантската фирма MВРДВ од Ротердам, работи на трансформирање на објектот, кој се очекува да биде завршен во 2019 година.

При претставувањето на проектот во Тирана, архитектите не пропуштија да нагласат дека по реконструкцијата, луѓето повторно ќе можат да се качуваат на пирамидата, со тоа што на стрмните надворешни бетонски страни, ќе бидат направени скали, со што на секого ќе му се овозможи да се искачи на врвот на пирамидата и да ужива во погледот.

“Најдобар албански комунистички објект

Пирамидата во Тирана посетителите ја користат за да се лизгаат по неа. Фото: Фатјона Мејдини

Албанскиот сликар и архитект, Макс Вело, се сеќава на денот кога пирамидата била отворена за јавноста, како музеј во чест на диктаторот Хоџа.

Вело, во тоа време, само што бил пуштен на слобода од комунистичкиот затвор, каде што лежел оти сликал на начин што не бил прифатлив за режимот. Тој се сеќава дека бил изненаден бидејќи пирамидата била импресивен дел од модерната архитектура.

„Со оглед на тоа што проектот го направија ќерката на диктаторот, која беше архитект, и неговиот зет, режимот им дозволил да внесат модернизам во зградата. Оваа конструкција е несомнено најдобриот албански комунистички објект“, вели тој за БИРН.

Вело бил импресиониран од раскошната внатрешност на пирамидата, во која на средината била поставена мермерна статуа на Енвер Хоџа, висока три метри.

„Тоа беше огромно парче изградено да импресионира со величината и раскошот”, истакнува Вело.

Пирамидата функционирала како музеј на Енвер Хоџа од 1988 до 1991 година. Музејот го посетувале не само локалните жители на Тирана, туку и илјадници други граѓани од цела Албанија, кои секој викенд ги носеле со автобуси и камиони.

По завршувањето на комунистичкото владеење во 1991 година, пирамидата добила ново име и нова намена. Била трансформирана во мултифункционален културен центар, кој го добил името „Пјетер Арбнори”, по политичкиот затвореник, кој во комунизмот поминал 28 години затвор, а кој по падот на комунизмот стана прв претседател на Собранието на Албанија.

Од 1993 до 1999 година, во овој простор речиси секојдневно се одржувале разни активности и тој станал центар на културниот живот во Тирана.

Вело верува дека во тоа време пирамидата најдобро била искористена.

„Во тоа време, во овој простор се одржуваа различни интересни активности, изложби, танцови настапи, избор за најубава девојка, конференции”, раскажува тој.

Пирамидата била центар на ноќниот живот во градот. На ова место биле отворени првите клубови во Албанија.

За време на војната во Косово, во 1999 година, кога бегалците кои бегаа од српските сили бараа засолниште во Албанија, НАТО, кратко време, во просториите на пирамидата, имал свои канцеларии.

На крајот на деведесеттите години, во неа се сместиле првите приватни радио станици во земјата, а во почетокот на 2000 година, и приватната телевизија Топ канал (Top Channel).

Обидите пирамидата да се претвори во театар, направени во 2004 година, не дадоа резултати, а и власта која што дошла на следните избори, не ги продолжила овие планови.

Потоа, во 2011 година, Собранието донесе закон со кој беше предвидено уривање на пирамидата и изградба на нов парламентарен комплекс.

Еден од аргументите за оваа одлука беше фактот дека пирамидата е симбол на мрачниот дел од историјата на земјата и дека ги вознемирува дисидентите на комунистичкиот режим.

Сепак, можноста пирамидата да исчезне, предизвика протести и петиции, иако вистинската причина зошто таа не беше урната, лежи во фактот што во 2013 година, тогашната влада, која дојде на власт, не го поддржа овој план.

Сепак, постојаните обиди да се измени намената на овој објект, го зедоа својот данок. Овој објект, во последната деценија, беше оставен без никаква грижа за него, поради што се најде во многу лоша состојба. Денес тој е речиси руина.

Симбол на промена на времето

Официјалните лица сакаат овој полураспаднат објект, да го претворат во „најголем младински центар“ во Тирана . Фото: Фатјона Мејдини.

Прострена на површина од 17.000 квадратни метри во центарот на Тирана, 30-годишната пирамида стана една од најважните знаменитости на главниот град на Албанија.

Саимир Кристо, Декан на Факултетот за архитектонски дизајн на Универзитетот Полис, пирамидата ја смета за симбол на албанската транзиција, иако таа била изградена во времето на комунизмот.

„Пирамидата, како резултат на нејзината големина и, што е најважно, на големата површина околу неа, денес е важно место за средби во градот”, вели Кристо за БИРН.

Холандските архитекти од MВРДВ, кои минатиот месец го претставија проектот за реконструкција на пирамидата, ја нагласија трансформацијата на просторот во центар за најнови дигитални технологии.

„Оваа култна градба во нашиот главен град, ќе ја трансформираме во најголем младински центар, со фокус на дигиталното образование, на информатичката култура и уметност, на културата, професионалните курсеви и на другите области за младите”, рече градоначалникот Велиај.

Проектот за реконструкција ќе го кофинансира општина Тирана и Албанско-американската фондација за развој, американска организација која инвестира во развојот на Албанија.

Вело, сликар, архитект и поранешен политички затвореник, верува дека ако последната реинкарнација на 30-годишната пирамида, изградена во периодот на комунизмот, успее, тогаш таа ќе им биде привлечна на сите генерации.

„Времето покажа дека пирамидата е поатрактивна како мултифункционален центар, со интересни активности за сите возрасти”, заклучува тој.