Во раните утрински часови на 10 ноември 2022 година, полицијата изврши рација во фабрика за производство и преработка на канабис во селото Ререз, во близина на Берат, во централна Албанија.
Пронајдоа четири големи оранжерии, опремени со струја, вода и – во еден од објектите – десетици душеци на надувување.
Според обвинителите, во фабриката биле вработени 95 жени, кои произвеле најмалку 1,8 тони канабис таа година. Неколкумина им рекле на обвинителите дека добиваат дневен надомест од 5.000 леки, приближно 50 евра, за клучната задача на кастрење канабис растенијата пред да созреат и да ги загубат нивните психотропни ефекти.
Жените кажале дека биле регрутирани во Камза, на северот на земјата, и им биле дадени кревети во една од оранжериите.
Анализирајќи три одделни судски случаи, БИРН откри дека криминалните групи сè повеќе ја искористуваат сиромаштијата и невработеноста, кои ги уништуваат малите градови и руралните делови на Албанија.
Само во 2022 година, околу 110 жени беа уапсени за соработка со криминални групи во централниот регион Берат, како и во Скадар и во Пука на север. Повеќето од нив биле фатени во последните фази на производство на канабис, кога дрогата се суши, чисти и се пакува.
Повеќето беа ослободени по неколку дена зад решетки, но некои беа под истрага бидејќи имало сомнеж дека тие регрутирале други жени.
Бехар Дибра, специјалната обвинителка во случајот Ререз, рече дека две од уапсените жени биле обвинети за членство во организиран криминален потфат.
„Тие ги регрутираа другите жени“, рече Дибра за БИРН.
Адвокатките, сепак, велат дека сиромаштијата е, всушност, вистинската причина што ги навела овие жени на такви дела и дека законот во овие случаи се применува премногу грубо.
„Лошите политики, во последните три децении предизвикаа таква сиромаштија што луѓето работат во криминални претпријатија само за да обезбедат основна егзистенција“, рече Артан Симони, адвокат назначен од судот на една од двете жени обвинети во случајот.
Измамени?
![](https://prizma.mk/wp-content/uploads/2025/02/2-Rapid-Intervention-Police-destroy-cannabis-plantations-in-the-Kurvelesh-area-of-southern-Albania-Photo-Facebook-Albanian-State-Police.jpg)
Повеќето регрутирани жени живеат во најсиромашните предградија на Тирана| Фото: FB на албанската полиција
Албанија е позната по својата нелегална индустрија за канабис, која процвета во периодот на посткомунистичката политичка и економска нестабилност во 1990-тите. Исто така, оваа продукција беше потпомогната и од стратешката локација на земјата на Јадранско и на Јонско Море, северно од Грција и спроти Италија.
Според Извештајот за меѓународна стратегија за контрола на наркотици на американскиот Стејт департмент за 2023 година, проблемот во Албанија се влошува поради корупцијата, лошите практики за спроведување на законот и широко распространетата невработеност.
Околу 96 отсто од обвинетите во случаите на дрога се мажи, но стотици жени од сиромашните области на Албанија редовно се регрутираат како „сезонска работна сила.“
Меѓу 2020 и 2024 година, според полициските податоци, 106 жени и девојки биле обвинети за одгледување канабис, од 2024 година, ниту една од нив не била в затвор.
Во неколку случаи, во текот на изминатата година, судските досиеја што ги виде БИРН покажуваат дека повеќето жени регрутирани во оваа трговија живеат во најсиромашните предградија на главниот град Тирана, но оригинално потекнуваат од места, како Круја и Милот на север и Церик и Либражд на југ.
Многумина потенцијални работнички се првично намамени преку тврдењата за работни места што нудат дневен паричен надоместок за собирање жалфија или берба на маслинки.
Надоместокот – меѓу 3.000 и 5.000 леки дневно – е приближно двојно поголем од тоа што обично се плаќа за неквалификувана работна сила со полно работно време во Албанија. Обвинетата од Камза рече дека со минибус биле пренесени до местото каде што требало да берат канабис.
„Валкана работа“
![](https://prizma.mk/wp-content/uploads/2025/02/3-Women-accused-of-cannabis-cultivation-in-Albanias-Special-Court-Against-Corruption-and-Organised-Crime-Photo-Fatjon-Gjinaj.png)
Лумтурија подоцна ѝ се предала на полицијата | Фото: Фатјон Ѓинај
Дениса [не нејзиното вистинско име], 44-годишна поранешна дадилка во Тирана, беше уапсена во 2022 година додека работела за мала операција за канабис во селото Бардај, во северниот регион на Скадар. Таа рече дека пристигнала со уште осум жени, само неколку минути пред полицијата да изврши рација на местото.
Специјалните обвинители ја обвинија Дениса за членство во криминален потфат и за тоа дека ги регрутирала другите жени. Во интервју за БИРН, Дениса негираше дека регрутирала некого, велејќи дека е само една од дневните работнички.
„Јас сум обвинета дека ги регрутирав другите, но повеќето од нив се мои пријателки“, рече таа пред портите на Специјалниот суд.
„Прашаа за мене, дали имам имот, автомобили или пари. Немам ништо друго, освен мојата душа. Моето единствено богатство се моите две деца.“
Откако била уапсена во октомври 2022 година, Дениса била задржана 18 месеци пред судот да го нареди нејзиното ослободување, кое се очекувало на крајот од нејзиното судење.
Сопругата на градежен работник, Дениса рече дека често бара краткорочно вработување за да обезбеди дополнителен приход за нејзиното четиричлено семејство. Таа, за БИРН, изјави дека мислела дека ќе собира жалфија во Скадар и дека не го ни допрела канабисот пред да дојде полицијата.
Лумтурија [не нејзиното вистинско име], од друга страна, рече дека знаела дека не им се нудат толку многу пари само за да берат жалфија. Кога ѝ беше наредено да работи со канабис, таа рече дека одбила и избегала пред да дојде полицијата. Лумтурија, од Курбин, на север, рече дека подоцна ѝ се предала на полицијата.
„Сакав чесно да работам за да ги нахранам моите деца; воопшто не сакав да имам врска со валкана работа“, изјави Лумтурија за БИРН.
„Модерно ропство“
Доколку се осудени за одгледување канабис, овие жени ризикуваат да поминат меѓу три и 10 години затвор. Сепак, на многумина не им се изречени притворски казни.
Дванаесетте жени што беа уапсени во октомври 2022 година, во Бардај, сега мора да патуваат до Тирана еднаш на секои две недели за да присуствуваат на судењето. Поради тоа, во меѓувреме тие не можат да најдат друга работа бидејќи обвинителството сè уште ги има задржано нивните лични документи.
„Морам да платам 400 леки (околу 4 евра) за автобус еднаш на две недели“, рече Лумтурија.
„Јас сум невработена и никој нема да те вработи ако треба да одиш еднаш неделно или еднаш на секои десет дена за да присуствуваш на судење.“
Специјалниот обвинител во случајот, Енед Накучи рече дека жените биле обвинети само за „соработка“ со криминална организација, а не за членство. Но, нивниот случај е дел од истото судење за организиран криминал, што значи дека ќе трае многу подолго од обично судење.
Адријан Виша, еден од адвокатите на одбраната, рече дека ваквиот пристап е претеран, кога се во прашање овие случаи.
„Казнувањето на дневните работнички како членови на криминална група е прекумерна употреба на државно насилство врз сиромашните луѓе што живеат во услови на практично екстремна сиромаштија“, изјави Виша за БИРН.
Недостигот од соодветно образование и работни вештини, како и страшната сиромаштија, ги турнаа жените на таква работа, рече тој, но тоа не ги направи криминалци.
Арбен Пречи, адвокат назначен од државата, се согласи.
„Обвинетите се жртви на нивната тешка економска состојба“, рече тој.
„Треба да ги гледаме како жртви на модерното ропство.“