Џемил Хоџиќ ја креирал страницата „Aлеја на снајперите“, во обид да ги собере и зачува сите фотографии што може да ги најде од воено Сараево на едно место, и да воспостави траен извор кој ќе биде лесно достапен за секој што сака да најде фотографии од 1990-тите години, кога главниот град на БиХ беше под опсада.
„Како што можете да приметите, има многу групи на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, во кои се објавува ваков материјал што треба да се архивира, затоа што ако некој одлучи да ја затвори страницата, тие ќе исчезнат“, вели за БИРН, Хоџиќ, кој денес живее во Катар.
Многу од овие групи на интернет, се единственото место каде што Босанците можат да најдат свои или фотографии од членовите на своето семејство, од периодот на опсадата што започна во април 1992 година и траеше повеќе од три години, што е најдолг период во кој некој европски град во модерната историја, се нашол под опсада.
Пребарувањето на ваквите онлајн групи сепак е тешко и повеќето од нив не даваат точни извори на фотографиите или точни информации за нив. Од тие причини, Хоџиќ, во август годинава, решил, со помош на своите пријатели, да ја креира страницата „Aлеја на снајперите“.
„Немам никакви фотографии од моето растење за време на војната во Сараево, бидејќи немавме можност (да ги направиме), ниту пак имам од мои роднини, и тоа е нешто за што постојано размислувам“, вели тој.
„Ми пречи што немам никакви училишни, роденденски или семејни фотографии од тој период. Една единствена фотографија од тоа време, бескрајно би ме израдувала“, напиша Хоџиќ во својата лична приказна на страницата „Aлеја на снајперите“.
Тој е во контакт со многу воени фотографи, кои во војната биле во Сараево и во другите делови на БиХ и тие, како што вели, сакаат да дадат свој придонес.
За Хоџиќ, кој имал девет години на почетокот на војната, овој проект може да биде начин да најде повеќе фотографии и анегдоти за неговиот постар брат Амел, кој бил убиен на свои 16 години, во мај 1995 година. Тој, според податоците на невладините организации и здруженија на воените жртви, е едно од вкупно 1.601 момче и девојче, кои го загубиле животот за време на опсадата.
„Преку овој проект и преку мојата приказна, започнав со пребарување на какви било фотографии на мојот брат Амел, па ја користам оваа можност да апелирам до секој што можеби има негова фотографија или приказна за него, да ја сподели со мене“, истакнува Хоџиќ, повикувајќи ги луѓето да го контактираат преку интернет страницата, „Aлеја на снајперите“.
„Сите страдаа“
Во својата лична приказна на таа страница, Хоџиќ пишува за неговото прекинато детство и смртта на неговиот брат. Тој признава дека тоа било тешка задача за него.
„Го чував тоа во себе толку многу години … како да се срамев да зборувам за мојата лична трагедија, затоа што имаше толку многу други“, објаснува тој.
„На крајот на краиштата, тешко е да најдете некој што не страдал (во војна)“, додава тој.
Ваквите сеќавања можат да бидат болни, но Хоџиќ инсистира дека е важно тие да бидат документирани.
„Важни се деталите – секоја анегдота, секоја слика, секоја амбалажа од чоколадо, сето ова се делови од пошироката слика за нас, што ја преживуваме војната, опсадата“, додава тој.
„Не сакам да осудувам никого, но би сакал да ги повикам луѓето да пишуваат, дури и ако тоа го сторат анонимно. Што било, кога било. Јас решив да пишувам и морам да признаам дека тоа ми помага“, истакнува тој.
Наследството на вистината
Поради етнички поделените толкувања на воената историја на БиХ и негирањето на воените злосторства, важно е преживеаните од конфликтот, вистинито да ги раскажат своите приказни, вели тој.
„Не можеме да дозволиме некој да ја менува историјата, повторно да пишува учебници и да нè тера да ја прифатиме неговата искривена приказна“, нагласува Хоџиќ.
Идните генерации мора да го наследат наследството на вистината и на јасните факти за босанската војна, додава тој.
„Повторувањето на приказната е единствениот начин да им се возврати на фашистите и на воените злосторници“, истакнува тој.
Хоџиќ и натаму доаѓа во Сараево, главно во лето, и вели дека негово примарно чувство за родниот град е гордоста.
„Сараево само по себе претставува гордост… Колку и да звучи чудно и неразбирливо, јас ја кревам главата пред споменикот на убиените деца, каде што се наоѓа и името на мојот брат. Гордо му го покажувам врежаното име на мојот син, кој се вика исто како и мојот брат“, објаснува тој.
„Горд сум на сите оние што го загубија животот за нашиот град. На војниците. На болничарите. На новинарите, децата, на родителите. На фотографите. Овој град знае да ги цени оние што го сакаат“.
Повеќе информации за страницата, „Aлеја на снајперите“, можете да најдете овде. Повеќе слики на фотографите, чии фотографии се дел од овој текст, достапни се овде и овде.