Регион

Американски конгресмени го притиснаа Вучиќ за случајот „Битиќи”

Погреб на браќата Битиќи. Фото: архива на Фонет.

Двопартиска делегација составена од членови на Претставничкиот дом и на Сенатот на САД, се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на конференцијата за безбедност во Минхен, Германија, и го повикаа да преземе мерки за решавање на убиството на Илиј, Агрон и Мехмет Битиќи, во 1999 година.

„И покрај тоа што српските власти спроведоа истрага за смртта на браќата, не беше подигнато обвинение против одговорните за убиствата и покрај идентификација и на доказите, и на осомничените”, соопшти конгресменот Ли Зелдин во неделата.

Според соопштението, објавено на веб-страницата на Зелдин, во делегацијата биле и сенаторот Роџер Викер, претседателот на Одборот за надворешни работи, Елиот Енгел, како и „двопартиска делегација на членови на републиканците и на демократите, членови на Претставничкиот дом и на Сенатот на САД”.

Српските медиуми објавија дека конгресмените побарале апсење на Горан Радосављевиќ Гури, кој во тоа време беше командант на полицискиот центар за обука, каде што беа пронајдени телата на браќата Битиќи. Сепак, ова не е спомнато во изјавата на Зелдин.

Семејството Битиќи смета дека Радосављевиќ е главен осомничен во овој случај.

Во јули 1999 година, српската полиција, на границата со Косово, ги уапсила американските државјани од албанско потекло, Илиј, Агрон и Мехмет Битиќи, кои му помагале на едно ромско семејство да избега од Косово.

Нивните тела подоцна биле пронајдени во масовна гробница во центарот за обука на полицијата во Петрово Село, во источна Србија. Во пролетта 2002 година, српските и американските власти отворија посебни истраги за овој случај.

Радосављевиќ, кој денес води неколку агенции за обезбедување во Белград и е висок функционер на владејачката Српска напредна партија, кратко време беше под истрага на српското обвинителство поради убиствата, но не беше обвинет.

Во декември 2018 година, американската влада му забрани на Радосављевиќ влез во САД, поради наводна вмешаност во кршењето на човековите права во војната во Косово.