Анализи

Амнестијата помеѓу правото и прагмата

Последните сведочења во судот отвораат пат за ново обвинение за нарачателите | Фото: Роберт Атанасовски

Каква било амнестија за 27 април е неприфатлива и спротивна на правните принципи, меѓутоа е нужно зло во поширокиот политички контекст потребен за имплементација на Преспанскиот договор. Ова е линијата по која се кршат ставовите на практичарите и правните експерти од една страна и на политичките аналитичари од друга страна.

Парламентарната група за помирување забрзано подготвува закон што ќе овозможи селективна амнестија, кој веројатно ќе ги опфати и пратениците вклучени во нападот во Собранието што го поддржа Договорот од Преспа.

Се очекува законското решение да стигне во Парламентот до крајот на неделава, а според она што досега го знаеме, не би биле поштедени само организаторите и директните извршители на насилството.

Во меѓувреме, слушаме судски сведочења што фрлаат светло врз она што се случувало зад сцената пред 27 април 2017 година и го отвораат патот до сосема ново обвинение само за организаторите на инцидентот, на кое од поодамна работи обвинителката Вилма Русковска.

Закон како дрвено ќумбе

Тоа не беше само напад врз пратениците на СДСМ, туку и напад врз граѓаните | Фото: Роберт Атанасовски

Русковска, пак, ја фрустрираат најавите на власта за селективната амнестија, бидејќи таа и нејзиниот тим вложиле многу труд истражувајќи го случајот.

„Навистина не ми е јасно како ќе го осмислат тоа зашто со делумна амнестија ќе се повреди едно од најважните начела на Уставот, а тоа е еднаквоста на граѓаните“, изјави Русковска во неодамнешното интервју за 1ТВ.

Со неа се сложува и адвокатот Александар Тортевски.

„Така како што е најавен законот, тој ќе биде спротивен на Уставот и не може да се направи без сериозна повреда на правните принципи. Нека му го дадат на Михајло Маневски да им го направи“, саркастично вели Тортевски во изјава за БИРН.

Апсурдноста на овој потег тој ја објаснува со метафората дека тоа решение би било „дрвено ќумбе“.

Против е и професорката Мирјана Најчевска, која во актот на амнестија гледа продолжување на принципот на неказнивоста.

„Со еден ваков закон насилството ќе биде промовирано во легитимен елемент на политичката борба“, вели професорката Мирјана Најчевска.

„Со еден ваков закон насилството ќе биде промовирано во легитимен елемент на политичката борба. Неказнувањето на атакот од 27 април 2017 година го гледам како продолжение на неказнувањето на атакот врз пратениците од 24 декември 2012, што во иднина може да продуцира нови слични атаци, кои од темел го протресуваат уставниот поредок и оневозможуваат воспоставување на системот на владеење на правото.“

Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, во интервјуто за БИРН вели дека апсолутно е против амнестија на кој било од учесниците во 27 април.

„Тоа беше траума што сите ќе ја паметиме. Не беше само напад врз пратениците на СДСМ, туку и напад врз граѓаните“, вели Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Таа аргументира дека секогаш мора да постојат црвени линии во остварувањето на целите, колку и да се тие важни за Македонија.

Нужно зло

Меѓутоа, ставовите на политичките аналитичари одат во насока на тоа дека црвените линии треба да ја опфатат селективната амнестија и дека тоа е нужно зло за да помине процесот на уставните промени.

Политичкиот аналитичар Гордан Георгиев помалку иронично вели дека бидејќи никој не го прашал, а законот е „договорена“ работа, тогаш најдобро е да каже дека е за Закон за амнестија. Меѓутоа, тој додава:

„Државата веќе подолг период оди по ‘тенка жица’ и улогата на власта, а во помал обем и на опозицијата, е да создава услови за отворање и за затворање на големите прашања од кои може да зависи нашата иднина, дури и опстанок како држава. Во контекст во кој големото мнозинство на граѓаните се против каква било амнестија, улогата на власта е да ја пронајде „златната средина“ која ќе овозможи чекорење напред низ кризата, а притоа цената да не биде превисока, не за рејтингот на власта, туку за идното здравје на општеството.“

Премногу широк опфат на амнестијата ќе значи легализација и легитимација на идни слични преседани, вели Георгиев, а претесен опфат ќе значи незавршена работа и дозакопување во партиските ровови.

„Цинизмот кој ни стана кредо за пливање низ македонската политичка магла ни вели: Направете што можете по ѓаволите, само да не нѐ чини премногу!“, порачува Гордан Георгиев

„Оттука, цинизмот кој ни стана кредо за пливање низ македонската политичка магла ни вели: Направете што можете по ѓаволите, само да не нѐ чини премногу!“, порачува Георгиев.

Професорот и политиколог Ненад Марковиќ, кој јавно го поддржа Преспанскиот договор, во интервјуто за БИРН вели дека единствената полоша работа што можеше да се случи од тоа Преспанскиот договор да биде изгласан на овој начин, со сите сомнежи за пазар, е тој да не биде изгласан.

„Договорот од Преспа да не поминеше во оваа фаза, тоа ќе беше тотален пораз за сите, апсолутно.“

Професорот Марковиќ обрнува внимание дека во овој случај има една мала нијанса, а тоа е онаа дека се уценуваат или се ставаат под притисок луѓе што имаат сериозни дела зад себе.

Власта предводена од СДСМ и од премиерот Зоран Заев знаат дека амнестијата е непопуларен чекор, впрочем и анкетите тоа го покажуваат, меѓутоа решени се да ја протуркаат и да обезбедат гласови за имплементација на Договорот од Преспа.

Свесни за своите претходни изјави, кои ни милиметар не отстапуваа од шарено-револуционерната парола „Нема правда, нема мир“, сега не се впуштаат во оправдување на амнестијата, туку од полето на правдата се префрла на полето на политичката прагма и постојано повторуваат дека се подготвени да ја платат политичката цена за овој потег.