Анализи

Финансиите на партиите ќе станат јавен податок

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Рокот за одговор на барањето за информација ќе се скрати од 30 на 20 дена

Новиот закон за пристап до информации од јавен карактер треба да се најде на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) најдоцна за две недели. Ова за БИРН го соопштија од Министерството за правда.

Со законот се предвидуваат повеќе промени со кои треба да се подобри пристапот до информациите од јавен карактер. Меѓу другото, рокот за одговор на барањето за информација ќе се скрати од 30 на 20 дена, а во списокот на субјекти што имаат обврска да одговараат влегуваат и политичките партии.

„Останува уште да се дефинираат неколку работи, како прекршочните одредби, и потоа законот ќе се стави на јавен увид“, велат од кабинетот на министерката Рената Дескоска.

Во владиниот „план 18“, кој беше продолжение на планот 3-6-9, се предвидува дека Владата треба да го усвои законот до јануари следната година, а во февруари тој да биде донесен и во Собранието.

Казни за недавање информации

Предлозите за новите законски одредби ги подготвуваше работна група од претставници на граѓанските организации и на синдикатот на новинарите, кои најмногу го користат пристапот до информациите од јавен карактер.

Данче Даниловска, постар координатор во Фондацијата отворено општество Македонија, и членка на оваа група, вели дека се предлагаат повеќе новини, како на пример тоа дека информациите за финансирањето на политичките партии, односно приходите и трошоците, ќе станат информација од јавен карактер, кои партиите ќе мораат да ги обезбедат.

„Втората промена е дефинирањето на јавниот интерес, што не беше  прецизирано во стариот закон и оставаше можности за различни толкувања, дури и за одбивање да се дадат некои информации“ вели таа.

Според неа, во Законот треба да се прецизира обврската да биде достапна секоја информација со која открива злоупотреба на службена положба и коруптивно однесување или се открива противправно стекнување или трошење буџетски средства или, пак, се открива потенцијален судир на интереси, односно дека во тие случаи јавниот интерес е поважен од класификацијата.

Дефиниран е јавниот интерес, што не беше  прецизирано во стариот закон

Особено е важно, вели Даниловска, Комисијата за заштита на правото за пристап до информациите од јавен карактер да стане прекршочен орган, односно да има можност да  води прекршочна постапка против институциите што некому ќе му го спречат правото за пристап до одредена информација. Таа додава дека работата на комисијата треба да се регулира, така што нема со гласање да се одлучува дали ова право било повредено или не.

„Санкции сега може да се изречат само преку судска постапка, додека во новиот предлог се предвидува Комисијата да може да ги изрекува прекршоците. Но, поентата е воопшто да не дојде до барања, до жалби и до прекршоци. Повеќето податоци што се бараат од институциите се општи и тие треба да бидат достапни и без барање. Барањето за пристап треба да се користи само во специфични случаи. Кај нас тоа стана основа за да се добие некоја информација“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, исто така член на работната група за измени на Законот за пристап.

Според него, дали новиот закон ќе овозможи полесен и подобар пристап до информациите од јавен карактер, најмногу ќе зависи од луѓето што ќе го спроведуваат. Прво од лицата задолжени за пристап во институциите, а потоа и од одговорните лица, односно од раководните кадри на секоја установа. Но, главната разлика е што тие што го попречуваат пристапот до информациите ќе може да бидат казнети.

Институциите не исполнуваат ни половина од обврските

Иако Македонија на хартија има еден од подобрите Закони за пристап до информации од јавен карактер според глобалниот рејтинг за слободен пристап до информациите, кој го мери квалитетот на законот, а не и имплементацијата, Србија е на третото место, Словенија на петтото, Албанија на седмото, Хрватска на осмото, а ние на 21-то место од 123 земји.

Според индексот на активна транспарентност за 2018 година што го објави Центарот за граѓански комуникации, институциите објавиле само 43,5 отсто од информациите што биле должни да ги објават според сегашниот Закон за пристап и според други закони. Во индексот биле вклучени 97 установи на централно и на локално ниво. Под активна транспарентност се подразбира кога некоја установа објавува информации од јавен карактер по самостојна иницијатива, без некој да го побара тоа од неа.

Под активна транспарентност се подразбира кога некоја установа објавува информации од јавен карактер по самостојна иницијатива

Годинава, само општините Битола и Велес биле оценети како институции со многу добра активна транспарентност, со објавени над 80 отсто од информациите за кои имаат законска обврска да ги стават на располагање на јавноста. Најтранспарентните министерства се тие за образование и за одбрана, со објавени над 78 отсто од информациите. На крајот на листата се некои помали општини, пред сѐ, руралните. Општина Студеничани, на пример, нема објавено ниту една информација.

Генерално, транспарентноста на министерствата била подобрена, а на локалните самоуправи влошена. Најголемо подобрување има кај Владата, а најголемо влошување кај Општина Чаир.