Додека ја подготвувала книгата, која носи наслов, „Аморални заедници: колективни злосторства во време на војна“, таа разговарала со 131 припадник на овие заедници, кои живеат на места во кои конфликтот имал директно или индиректно влијание.
Таа објаснува дека во раните 90-ти години, кога Хрватска инсистирала на поголема автономија, со трансформација на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) во конфедерација, до целосна независност, многумина не се согласувале со најголемите политички партии, кои ги базирале своите политики на националниот идентитет.
Во 90-тите години, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) се фокусираше на лицата со хрватска националност и на формирањето на целосно независна држава, додека Српската демократска партија (СДС), со седиште во Хрватска, се залагаше за српскиот национален идентитет и српска автономија во рамките на Хрватска.
ХДЗ на општите избори во 1990 година, доби најмногу гласови, иако од нив помалку од половина беа гласови на Хрвати, а СДС освои само мал дел од гласовите на хрватските Срби.
„Сепак, на местата кои постепено се претворија во аморални заедници, беше невозможно јавно да се искажат политичките ставови што не соодветствуваа со претпоставениот национален идентитет“, посочува Драгојевиќ.
Според нејзиното истражување, процесот на етнизација го споил националниот културен идентитет со претпоставената и пропишана политика.
„Ова значи дека лице со одреден културен идентитет, автоматски има и одредени политички погледи и нема простор за различно размислување“, вели Драгојевиќ.
„Во аморалните заедници, луѓето имаат тенденција, секој напад врз политичките ставови, да го сметаат за закана по нивниот идентитет и припадност“, додава таа.
Злосторства како одговор на претпоставените закани
Во вонредни околности, кога постои перцепирана закана од насилство, аморалните заедници ја менуваат својата дефиниција за она што претставува злосторство, затоа што злосторствата над другите национални групи се гледаат како одговор на заканите за биолошкото постоење на нивната заедница и нивната национална држава, која тие ја сметаат за клучна за нивниот опстанок.
Концептот на аморални заедници објаснува како насилството може да се рашири меѓу заедниците и како војската може ова да го искористи. Ова насилство ги исполнува политичките, а не воени стратегии, хомогенизирајќи ги заедниците кои потоа извршуваат злосторства наместо војската.
Иако истражувањето беше спроведено на микро ниво, книгата покажува како овој процес е поврзан со настаните на макро ниво, како реториката на националистичките политичари оди кон локалните заедници. Ова е придружено со други национални политики и со етинизација на политичкиот простор.
Во својата книга, Драгојевиќ открива два елемента клучни за создавање на аморалните заедници. Првиот е исклучување на умерените припадници на етничките заедници, кои не се на истото ниво со доминантните политички погледи и честопати се залагаат за мирно решавање на меѓуетничките конфликти.
„Умерените се клучни, затоа што сакаат да ги разберат ставовите на различните страни и се отворени за промена на нивниот став, во зависност од тоа колку разбираат; тие се пофлексибилни во нивните политички ставови“, објаснува таа.
Бидејќи нивните политички ставови не се ‘сигурни’ во очите на тврдокорните, тие за нив претставуваат закана за понатамошниот развој на настаните, според одредена етнички базирана политика.
Во книгата се спомнува случајот на началникот на полицијата во Осиек, Јосип Рејхл-Кир, кој во 1991 година успешно преговараше со локалните Срби, кои кренаа востание против државата. Тој беше убиен од тврдокорни Хрвати, во јуни истата година, бидејќи тој, како што се вели во книгата, работел на спречување на меѓуетничкото насилство во Славонија, на чија територија се наоѓа Осиек.
Вториот пример што е наведен во книгата, е пример од српската страна. Тоа е случајот на Дмитриј Обрадовиќ, тогашен претседател на општинското собрание на Вргинмост, кој се залагал за мирно решавање на конфликтот на подрчјето на Бановина. Тој, наводно, бил убиен од Срби во 1992 година, од слични причини како и Рејхл-Кир.
Втор елемент значаен за формирање на аморалните заедници е поставувањето на граници, што во Хрватска се случи на почетокот на конфликтот, кога и двете страни поставија барикади, контролни пунктови и разни граници помеѓу селата и градовите или дури и во нив.
„Овие граници помогнаа под контрола да се држи умереното и општо население. Со спречување на слободата на движење, луѓето се принудени рано да заземаат страна. Штом се на одредена страна, тие треба да го следат сето она што ќе дојде после тоа“, објаснува Драгојевиќ.
Друг важен начин на замолчување на умерените, доаѓа од другите членови на аморалната заедница, како со општествено отфрлање на умерените, така и со екстремни мерки, кои вклучуваат закани и насилство.
„Двете работи се од суштинско значење за да се замолчат оние што се обидуваат да спречат спојувањето на културниот и на етничкиот идентитет, со политичкиот“, вели Драгојевиќ.
Како умерените ја спречија „етнизацијата“
Освен што се објаснува како дошло до создавање на аморалните заедници во одредени региони, во книгата се поставува и прашање, зошто такви заедници не биле формирани и во другите региони со мешано население, како што е Горски Котар.
Овој регион, освен што има места во кои има голем процент на српско население, има и географско значење, бидејќи е важен пат од континентална Хрватска, до брегот на Јадранското море.
„Аморалните заедници и таму ќе се формираа, доколку не беа успешните активности на умерените, кои ја спречија етнизацијата на односите. Исто така, нивните заедници спречија воспоставување на линии за физичка поделба, односно граници“, објаснува Драгојевиќ.
Таа додава дека во Горски Котар, умерените успеале да ги отфрлат радикалните поединци, кои или биле замолчени или се иселиле од селата.
Книгата го наведува примерот на активистот, Фрањо Старчевиќ, Хрват од Мркопаљ, кој одел по српските села со цел да ги намали тензиите, што придонело овој регион да не биде вовлечен во конфликтот.
Според авторката, нејзината книга има за цел да помогне во идентификувањето на сличните процеси, во раните фази на идните конфликти, и да помогне „да се спречи создавање на аморални заедници и услови, во кои цел би биле цивилите“.
„Некои од првите знаци се неможноста луѓето слободно да ги изразуваат политички различните ставови, кои се разликуваат од нивната претпоставена етничка или културна припадност, или кога луѓето не можат слободно да се движат од едно до друго место, меѓу овие заедници“, потенцира таа.
Друг голем знак, вели таа, е политичката реторика, како еден од првите придвижувачи на создавањето на аморални заедници.
Иако Драгојевиќ тврди дека во постјугословенските држави не постојат аморални заедници, сепак додава дека одредени заедници, уништени од војната во Хрватска, сè уште ги чувствуваат ефектите од релативно неодамнешното насилство, како и дека постои одредена недоверба меѓу различните етнички заедници.
Ова може да се забележи при комеморациите на настаните од 90-тите години, при што „одредени акти на насилство се оправдуваат како неопходни, додека други се претставуваат како чисто злосторство“, заклучува таа.
Книгата „Аморални заедници: Колективни злосторства во време на војна“ ја објави Универзитетот Корнел.