Интервјуа

Ангелов: Ни треба специјална единица за борба против катастрофите

Нека ми се смеат, важно јавниот притисок ги решава проблемите, вели директорот на ЦУК

Да се најде Стојанче Ангелов во канцеларија е реткост, особено во летниот период, а уште повеќе во лето како сегашното, во кое брановите на пожари и на силни невремиња не доаѓаат наизменично, туку се испреплетуваат (Серта, на пример, продолжи да гори додека скопски Аеродром се поплавуваше).

Честите теренски посети, пренесувани во живо или споделувани на социјалните мрежи, станаа главна карактеристика на неговото досега тригодишно директорување со Центарот за управување со кризи.

Оваа исклучително важна институција порано беше речиси отсутна од јавниот дискурс. Тоа се смени доаѓањето на Ангелов, кој гасеше пожар со гранка во Беровско, бркаше мечки во Маврово, гледаше низ дупката на мостот во Драчево… Неговата сеприсутност беше повод за споделувањето разни мемиња и други шеги на социјалните мрежи, но, вели, тоа не му пречи.

„Дури ги прифаќам со задоволство и сам ги споделувам. На крајот, важно е дека и на тој начин се шири информацијата, а расте и свеста кај граѓаните за ризиците од катастрофи“, вели Ангелов во интервју за БИРН.

Со притисок до брзи интервенции

Стојанче Ангелов мост Драчево

Едно од мемињата што се објавуваа по посетата на Ангелов на мостот во Драчево

Токму мостот кај Драчево го посочи како пример дека неговата кампања, и кога служи за потсмев, дава резултати.

„Уште истиот ден почна санацијата“, рече.

Кога има пожари, често се јавува во живо и кажува од кои сѐ институции побарал помош при гасењето. Центарот за управување со кризи има надлежност да го координира справувањето со итните ситуации, но неговиот збор нема сила на наредба. Ангелов вели дека и покрај тоа, обично сите одговараат на повиците, и не се случило некој да ги одбие.

Иако на крајот секогаш е важно дека резултатот се постигнал (мостот станал побезбеден, се спречило ширењето на пожарот итн), се наметнува прашањето дали тоа ќе се случело без ЦУК и директорот да извршат притисок со јавните објави.

„Јавниот притисок секогаш помага, тоа го знам од порано. Секогаш кога некоја институција се однесува инертно, ние јавно ја објавуваме опасноста за која некои неодговорно се однесуваат и не ја отстрануваат. Кога ќе излеземе јавно, секогаш имаме брзи реакции“, вели директорот.

Заедно со интервенциите, растел и интересот на граѓаните да пријавуваат, додава Ангелов. Дневно имале по десетици повици за разни типови опасност.

„Верувајте, најголемиот број од нив се решаваат за ден или два“, нагласува.

Вечниот проблем со ненадлежноста

Стојанче Ангелов канцеларија

Ако некој не е надлежен, нека најде кој е надлежен, порачува Ангелов | Фото: БИРН

Системот за справување со кризи не служи само за интервенции кога ќе се случи нешто, туку и за подготовки за различни сценарија. На пример, ЦУК има направено процена на опасноста за Скопје ако пукне браната на Матка. Како што вели Ангелов, нормално дека се прави сѐ за да не дојде до тоа, но е потребно да се има процена колку брзо би де движел бранот, колку би била висока водата во различни делови од градот, каде треба да се евакуираат луѓето и кои институции како треба да постапат.

Такви планови постојат и за други ризици и опасности. За тоа да функционира е потребно ниво на професионалност во институциите со кое тие ќе си ја знаат работата и нема да има потреба некој постојано да ги буцка за да си ја завршат. Кај нас, вели Ангелов, понекогаш треба да се користи не само јавниот притисок, туку и политичкиот авторитет на функцијата.

„Јас сум именуван од Владата, и кога ќе се јавам на друг функционер, тоа е како да му се јавува Владата“, објаснува Ангелов.

 

Потенцира дека е генерално задоволен од соработката со сите и не им се случило некој цврсто да ги одбие кога ќе побараат интервенција. Сепак, проблеми се појавуваат кога ЦУК како централно тело за справување со кризи треба да искоординира повеќе други институции за да завршат некоја работа, а нивниот прв инстинкт е да одговорат дека не се надлежни.

Таков пример беше паднатиот ѕид во Клинички центар, кој се урна во јуни годинава. Како што вели Ангелов, тие година ипол предупредувале на опасноста, а и сега предупредуваат дека ќе се урне и остатокот.

„Градот Скопје смета дека тоа е работа на Министерството за здравство, Министерството дека е на Општина Центар, Општина Центар може да смета нешто трето, а во суштина овде има работа за сите“, вели Ангелов.

Во таквите случаи се прават координативни состаноци за да се договорат кој што треба да направи.

„Ако некој не е надлежен, во најмала рака може да побара кој е надлежен и да го извести. Не сме надлежни да ги оставиме граѓаните да талкаат. Ние дневно на десетици граѓани им помагаме со тоа што им кажуваме кој е надлежен“, додава тој.

Херојството на пожарникарите

Пожарникари гасат пожар во Скопје

Потребни се повеќе пожарникари и подобра опрема, смета директорот | Фото: БИРН

Испреплетените надлежности го зголемуваат ризикот и од елементарните непогоди што се најчести и најопасни во државата – пожарите. Во изминативе месеци ЦУК бележел на кои места гранките на дрвјата се опасно надвиснати над жици со струја. Ако тие паднат поради ветер или од друга причина, може да создадат искрење, што во комбинација со сувата трева под нив може брзо да предизвика пожар.

„Не може претпријатието „Паркови и зеленило“ едноставно да ги исече, бидејќи прво треба ЕВН да ја исклучи струјата, а и тоа си бара подготовки. Затоа побаравме од ЕВН и од МЕПСО да ја проверат затегнатоста на жиците и вегетацијата под нив, зашто не смее да има ниту гранки што ги допираат далекуводите, ниту густа вегетација под нив“, објаснува тој.

Тоа нѐ донесе до темата за пожарите, најболна и најтешка од сите. Ангелов е еден од многуте гласови што со години предупредуваат дека капацитетите за справување ни се слаби, дека на пожарникарите им недостасува многу опрема, одат на терен со обични патики и панталони. Среќен е, како што вели, дека граѓаните денес многу повеќе ги ценат, откако гледаат директно колку е важна и опасна нивната работа. Ги смета еднакво за херои како и специјалната полициска единица „Тигри“, во чие основање учествуваше пред повеќе од 20 години.

Сепак, гасењето пожар со гранки, за што често беше исмеван, не е само очаен потег поради немање опрема, туку ефикасен начин да се спречи ширењето на огнот. Гранките се еластични, вели, и имаат лисја што ќе го поклопат огнот. И пожарникарите ги користат.

„Се разбира дека е подобро да дојде цистерна или џип со голем резервоар и да го испрска огнот, но тоа не е секогаш можно“, додава директорот.

„Дајте војници, дајте полицајци“

Стојанче Ангелов телефон

Денес армиските и полициските специјалци интервенираат при несреќи наместо наменска единица | Фото: БИРН

А тоа што е најдобро, вели, е да се создаде специјална единица за справување со катастрофи, која би била мултифункционална, би можела и да гаси пожари, и да спасува луѓе на планини, и да интервенира во други ситуации. Ангелов објаснува дека ако еден хеликоптер спушти екипа од десетина такви специјалци на опожарен непристапен терен, опремени со пожарникарски метли и со мешини со вода, тие ќе постигнат многу подобар резултат отколку само да се истури една кофа вода, како што се прави сега.

„Имаме сѐ, но го немаме најпотребното, луѓе што ќе отидат на терен. Ние имаме луѓе што ќе продадат памет, имаме луѓе што ќе раководат, ќе координираат. Ама кого вие ќе координирате? На крајот некој треба да отиде таму, со метла, со гранка, со мешина на грб и да гасне“, додава.

 

Многу опасни ситуации сега се решаваат со вклучување на специјалните полициски и армиски единици, нивните нуркачи, алпинисти и други обучени членови, но Ангелов вели дека со тоа трошиме ресурси чија намена е поинаква.

„Замислете сега, имаме пожар – дајте војници. Имаме проблем во Идризово – дајте војници. Дајте и полицајци, ако е многу голем пожарот. Во случајов јас го викам тоа „дајте“, зашто немаме друг избор“, истакнува тој.

Се надева дека новата влада, со плановите за спојување на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, ќе создаде можност да се основа специјална единица за справување со кризи. Ова го вели откако помина три години како функционер на претходната влада, која, како што нагласува, му дала целосна поддршка за да си ја врши редовната работа, но нула поддршка за да направи реформи.

Против забраната за движење во шуми

Опожарена шума во Беровско

Злонамерните, и покрај забраната, ќе отидат во шума, смета Ангелов | Фото: БИРН

Потребно е, според него, да се обнови системот за известување и тревожење со сирени, кој е целосно деградиран. Смета дека треба да се воведе и систем за известување со пораки преку мобилните телефони, за секој што се наоѓа на некое загрозено место да добие информација дека таму има пожар, поплава, хаварија или нешто друго. Засега супститут за системот за известување се Вибер-групите во кои тој и портпаролот на ЦУК Илија Бојаровски споделуваат известувања со новинарите, посебно со онлајн-медиумите, кои во реално време ги добиваат информациите за кризните и за итните ситуации во државата.

„Има многу добри идеи, треба време за реализирање. Ние не треба да измислуваме топла вода, треба да го примениме она што функционира во модерниот свет“, вели.

Од работите што треба да се укинат, пак, како прва ја нагласува забраната за движење во шуми. На тој начин, објаснува, се спречуваат планинарите да се движат низ шумите и рано да јават ако забележат некој пожар.

„Планинарите се пријатели на системот за управување со кризи. Пријатели на пожарникарите. Јас сум противник на забраната за движење во шуми. Таа е непотребна, бидејќи и кога има забрана, оној што што има нечесна намера ќе влезе во шумата и ќе ја запали. Дрвокрадците нема да бидат спречени“, нагласува директорот.

Разговорот со Ангелов го водевме еден ден пред да избие пожарот на полигонот Пепелиште, кој се рашири на планината Серта. Оттогаш тој е во старата улога – постојано на терен, со редовни известувања. И повторно е мета на шегаџиите.  На зајадливите коментари реагира на истиот начин како досега.