Регион

Антифашистите бараат кривично гонење на десничарите кои упатија нацистички поздрав

Филип Рудиќ, Белград

Контра-демонстрантите носеа транспарент на кој пишуваше „Фашизмот нема да помине“. Фото: БИРН

Сојузот на антифашисти на Србија, во средата соопшти дека пријави се поднесени против тројца членови на екстремно-десничарските организации, заради нацистичкиот поздрав упатен на собирот што се одржа во Белград, со кој беше одбележана годишнината од смртта на Милан Недиќ, претседател на марионетската Влада на Србија во Втората светска војна.

„Ние очекувавме од институциите на државата, од полицијата и од обвинителот, да реагираат на срамната промоција на фашизмот и нацизмот на собирот, но ништо не се случи“, се вели во соопштението на Сојузот на антифашисти на Србија.

Членовите на крајно десничарските организации „Српска акција“, „Српски цароставник“ и „Национален српски фронт“, го прекршија законот со кој се забрануваат фашистички и нацистички собири и употреба на фашистички и нацистички симболи, се вели во соопштението.

На собирот одржан на 4 февруари, со кој беше одбележана годишнината од смртта на Недиќ, имаше околу 50 десничари, но исто толку и контра-демонстранти.

На теренот беа распоредени голем број на полицајци, за да се спречат можните инциденти.

Недиќ беше премиер на т.н. Влада за национален спас, марионетска влада на Србија во Втората светска војна, која беше на власт од август 1941 до октомври 1944 година.

На крајот од војната, Недиќ замина за Австрија, но наскоро беше уапсен од сојузниците и предаден во рацете на југословенските власти.

Комунистичките власти го обвинија за соработка со Германците и за предавство, но судската постапка против него беше прекината, бидејќи Недиќ изврши самоубиство во затворската ќелија, во февруари 1946 година.

Процесот за негова рехабилитација тече пред Вишиот суд во Белград, на барање на семејството на Недиќ.

На сослушувањето што пред судот се одржа во јануари, беше речено дека Недиќ себеси се сметал за српска верзија на францускиот колаборационистички водач, маршалот Петен.