Актуелно

Антикорупционерите скриени зад параванот „лично и приватно”

Повеќе од два месеца БИРН се обидува да добие информација од Антикорупциската комисија колкави плати земаат членовите и што содржат нивните анкетни листови за имотната состојба. Комисијата заклучи дека нивните анкетни листови не биле од јавен интерес.

Последната прес-конференција на Антикорупциската комисија беше одржана во април минатата година | Фото: МИА

Последната прес-конференција на Антикорупциската комисија беше одржана во април минатата година | Фото: МИА

Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата својот имот го сметаат за личен и приватен податок, кој не е од јавен интерес.

Точно два и пол месеци БИРН чека на одговори, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, колкави плати земаат членовите на Антикорупциската комисија и што содржат нивните анкетни листови за имотната состојба. Истовремено, се обидовме да дознаеме и колку иницијативи за кривично гонење имаат поднесено антикорупционерите минатата година до Јавното обвинителство, но ниту на тоа не ни беше одговорено, со образложение дека нивниот годишен извештај е во изработка.

Антикорупциската комисија ги вложи сите напори за да не одговори и на другите барања што им ги испратиме.

Триесет и пет дена по поднесувањето на прашањето за висината на нивните плати и анкетните листови за имотната состојба, од Антикорупциската комисија побараа полномошно дека новинарот смее да бара информации од јавен карактер во име на БИРН. Откако им беше доставено полномошното, се чекаше уште две недели, за повторно да биде побарано дополнување на барањето. Овојпат, Антикорупциската, во делот на платите на членовите на комисијата, бараше да биде наведено „точно со која информација/документ сакаме да се запознаеме и на каков начин сакаме да се запознаеме со содржината“.

Откако уште еднаш одговоривме дека бараме да ни бидат соопштени платите и придонесите на сите именувани функционери кои се членови на ДКСК, повторно чекавме речиси три недели, за на крајот, сепак да останеме без конкретен одговор.

Па така, во однос на барањето да ни се достават податоци за тоа со колкав имот располагаат, од Антикорупциската комисија констатираа дека станува збор за „лични податоци заштитени со закон“ и го одбија откривањето на информацијата.

2-3

Од комисијата се повикуваат на членот од Законот за пристап до информации, кој вели дека „барањето може да се одбие ако се однесува на личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци и приватноста“.

„Комисијата смета дека доколку бараните документи бидат доставени до барателот, штетните последици врз интересот кој се заштитува се поголеми во однос на јавниот интерес“, пишува во одговорот.

Интересно е што објавувањето на висината на платите на именуваните функционери е редовна практика не само во другите земји, туку и во другите институции во Македонија. Имено, секогаш при барањето за откривањето на овој податок се трга од фактот дека платите и надоместоците за јавните функционери се остваруваат преку јавни ресурси, односно се исплаќаат од буџетот и врз основа на тоа, јавноста има право да ги знае податоците кои се однесуваат со располагањето со јавните пари.

Дополнително, во конкретниов случај се работи за именувани лица задолжени за транспарентност и спречување судир на интереси токму при користењето на јавните пари, со што уште повеќе се намалува прагот на приватноста во полза на правото на јавноста да знае.

Собранието се прогласи за ненадлежно за анкетните листови на антикорупционерите

Функционерите во Антикорупциската комисија се единствени чии анкетни листови за имотната состојба се тајни. Сите останати избрани или именувани функционери се должни во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата да пополнат анкетен лист за тоа со каков и колкав имот располагаат, која е неговата вредноста и кога тој бил купен или стекнат.

Овие податоци се објавуваат на веб-страницата на комисијата. Тука можат да се најдат сите функционери, освен членовите на ДКСК, на кои една од функциите им е да реагираат до надлежните институции ако забележат дека нечиј имот несразмерно се зголемил.

Членовите на ДКСК тврдат дека своите анкетни листови ги доставуваат до Собранието, поточно до Комисијата за прашања на избори и именувања. Пред да биде одбиено нашето барање да дојдеме до анкетните листови за имотната состојба на антикорупционерите, од комисијата ни пишаа дека тие не располагаат со бараната информација и дека „имател на информацијата е Собранието“.

1-5

Но, од Собранието, никогаш не чуле за вакво нешто. Се обративме до портпаролот на Собранието, Тодор Пендаров, и до шефот на кабинет на претседателот, но одговорот беше ист.

„Првпат слушам. Според Деловникот, не е предвидено анкетните листови за имотот да се доставуваат до нас. Каде би ги објавиле ние тие анкетни листови?“

Ист одговор имаше и претседателот на Комисијата за прашања на избори и именувања, Зоран Илиоски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние воопшто не сме надлежни за тоа. Ние сме надлежни за именување и избор на функционери, но не и за нивниот имот“, ни изјави Илиоски.

Слаѓана Тасева, поранешен претседател на ДКСК и актуелен претседател на Транспаренси Интернешнл Македонија тврди дека процедурата за сите анкетни листови за имотната состојба мора да биде јавна, како што предвидува законот.

„Анкетните листови за имотната состојба се јавни документи и тие треба да ѝ бидат достапни на јавноста, без разлика за кој функционер станува збор. Во случајов, се поставува прашањето што прави Собранието со тие анкетни листови за имотот на антикорупционерите? Што доколку се најде несразмерно зголемување на имотот? Процедурата за сите функционери треба да биде иста“, вели Тасева.

Оттаму, нејасно е кој, всушност, би постапувал доколку кај некој член од комисијата има несразмерно зголемување на имотот во однос на платата што ја зема.

Претседателот на ДКСК со нето плата од 75 илјади денари

Претседателот на Антикорупциската комисија Горан Миленков упорно одбива да одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер поврзани со работата на комисијата и имотот на членовите | Фото: МИА

Претседателот на Антикорупциската комисија Горан Миленков упорно одбива да одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер поврзани со работата на комисијата и имотот на членовите | Фото: МИА

На нашето прашање колку изнесуваат бруто и нето платите на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, од Антикорупциската комисија одговорија дека тоа е регулирано според повеќе закони и одредби, притоа не давајќи ја конкретната сума за плати и за надоместоци.

4

Иако во нашето дополнување на барањето јасно стоеше дека се бара информација врз основа на распределбата на Буџетот за ставката плати и придонеси за секој член одделно (кој е наведен во листата на јавни информации со кои располага ДКСК), од комисијата не дадоа конкретен одговор, туку се повикаа на „Службен весник“ од 2011 година, каде што се утврдени коефициентите на платите.

Доколку се тргне од ова, произлегува дека претседателот на комисијата зема 3,3 пати поголема плата од просечната нето плата во Македонија, а останатите членови на комисијата 3 пати.

Последните објавени податоци од декември минатата година на Државниот завод за статистика говорат дека просечната нето плата изнесувала 22.715 денари. Според ова, претседателот на Антикорупциската комисија, би требало да зема плата од околу 75 илјади денари, а останатите членови околу 68 илјади денари.

Сето ова е пресметано без евентуалните дополнителни бонуси или пак, коефициенти за минат труд и во случај ако основиците на платите на антикорупционерите се со онаа сума објавена на Државниот завод за статистика.

Нетранспарентноста – главна одлика на комисијата

БИРН веќе пишуваше за нетранспарентноста на Државната комисија за спречување на корупцијата, која во последнава година не даде свое мислење за ниту еден позначаен настан или сомнеж за криминал, јавноста не беше запознаена за одредена иницијатива за кривично гонење, а единствената прес-конференција беше во јули минатата година кога претседателот Горан Миленков избега од новинарските прашања поврзани со таканарачените „политички бомби“ на опозицијата.

Портпаролката на комисијата, Антонија Андонова, речиси секогаш е недостапна за новинарите, не одговара на телефонските повици, ниту пак, на прашањата поставени преку електронска пошта.

Според ова можеби и не е зачудувачки фактот што седумтемина членови на комисијата избрани во април минатата година од страна на Собранието, кои се непознати за пошороката јавност (Горан Миленков, Фарие Алиу, Игор Тантуровски, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили), одбиваат да ги соопштат и сите информации кои се поврзани со нивниот имот и нивните месечни примања од буџетот.