Портрет

Антикорупционерката што ги освои партиите и ги изневери граѓаните

Профил на разрешената претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска

Четири дена откако ја поднесе, денес парламентот ѝ ја констатира оставката на Татјана Димитровска, претседателката на Антикорупциската комисија.

Нејзиниот мандат траеше едвај година и пет месеци.

На челната позиција на ДКСК дојде со најави за бескомпромисна борба со корупцијата, но наместо да остане запаметена по судирот со моќниците, мандатот ѝ завршува во судир со законот.

Стартот на новиот состав на Антикорупциската комисија што го предводеше таа, не ветуваше многу. Особено еден потег го вклучи алармот околу приоритетите на новиот состав – барањето за дипломатски пасоши, за кое таа велеше дека е „право, а не привилегија.“

Јавноста во тоа веднаш препозна дека новиот состав на Антикорупциска ќе работи на поинаков начин од претходниот.

Бргу стана јасно и дека транспарентноста не е меѓу приоритетите на ДКСК. На прсти се бројат интервјуата што првата антикорупционерка ги даде за медиумите.

На адреса на Димитровска стигнуваа критики од новинарите и од граѓанските организации дека ДКСК е недостапна и го менува правецот во насока на затворање на институцијата. Таа одговараше дека им треба време да се приспособат.

Нејзиниот избор за многумина беше изненадување, но не и за тие што ја познаваа.

Сакаше да има контрола врз сѐ

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција

Кај некои од колегите оставала впечаток дека тактизира | Фото: БИРН

„Целата пошта доаѓаше кај неа“, вели извор за БИРН од Антикорупциската комисија.

Една архиварка била префрлена на нејзиниот кат – за таа да има увид во сите дописи, дури и во оние што не биле за нејзини предмети, кои членовите ги испраќале преку советниците до други институции.

Тоа кај некои вработени создало впечаток дека Димитровска сака да има целосна контрола во работењето на институцијата, пракса спротивна на функционирањето на претходниот состав на ДКСК.

Некои од членовите насетувале дека нивната колешка калкулира со динамиката за постапување за некои предмети.

„Тактизираше. Ако се чекаа одредени инструкции, работата се кочеше, не се закажуваа седници“, вели за БИРН, извор од Комисијата.

Димитровска во ДКСК беше избрана со нејзините долгогодишни колеги од Државниот завод за ревизија (ДЗР) Цвета Ристевска и Зоран Богоевски, со кои, како што велат извори за БИРН, биле постојано заедно.

Оваа „ревизорска екипа“, според изворите на БИРН, ја продолжила блиската соработка и на новите позиции, па често дејствувале сложно, давајќи си поддршка при донесувањето одлуки.

Нејзини колеги од ДКСК се присетуваат на нејзиниот однос пред полагањето на испитот за Законот за заштита на класифицирани информации, потегот што ја стави во обвинение. Таа не криела пред колегите дека полагањето го смета за формалност и оти тоа може да го заврши друг во нејзино име.

Нејзиниот адвокат Владимир Туфегџиќ, за БИРН, рече дека тој ја советувал да се повлече од функцијата.

Димитровска не одговори на нашето барање за средба, ниту на нејзиниот имејл, ниту преку нејзиниот адвокат.

Омилена на партиите

Tatjana Dimitrovska

ДКСК тужеше институција зашто им наредила да дадат увид во документи на новинари | Фото: БИРН (Битола, 2024)

Во Собранието во ноември 2023 година се одвиваа интервјуата на четириесеттемина кандидати за седумте места во Антикорупциската комисија, меѓу кои и Димитровска. Критиките од граѓанските организации за претставувањето на кандидатите беа дека интервјуата биле слаби, како и дека некои од нив не одговарале директно на прашањата.

Претставниците на граѓанскиот сектор, кои тогаш ги бодуваа кандидатите, алармираа дека зад изборот на новите членови на ДКСК стои партиски договор.

Тоа бргу и се покажа. Димитровска доби по 100 бода од сите партии, меѓу кои ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Демократското движење.

Овој редок политички консензус, кој ѝ овозможи да се искачи на врвот на листата, многу потсетува на здруженото мнозинство, кое ѝ додели мандат на Катица Јанева за шефица на специјалното јавно обвинителство.

Сепак, меѓу нив постои евидентна разлика – во случајот со Димитровска, граѓанските организации уште пред изборот не препознаа добар кадар за ДКСК, па ѝ дадоа значително пониски оценки. За разлика од изборот во 2019 година кој  јавноста и медиумите будно го следеа, овој процес не предизвика многу внимание.

За некои колеги на Димитровска, изборот за прва антикорупционерка од партиите не е изненадување.

„Блиска е со сите партии затоа што со години им вршеше ревизија, иако постојат јасни стандарди дека ревизорите треба да ротираат меѓу субјектите“, вели нејзина поранешна колешка од Државниот завод за ревизија во разговор за БИРН, која токму во таа блискост и контактите со партиите ја гледа усогласеноста при нејзиниот избор.

Во едно од ретките телевизиски гостувања, прашана за диспропорцијата во гласовите од партиите и од граѓанскиот сектор, Димитровска одговори дека за тоа треба да се прашаат самите.

„Ниту како личност, ниту како институција ќе дозволиме мешање на каква било моќ од бизнис-заедница, политика или други надворешни фактори“, рече таа за „360 Степени“.

Впечатокот на дел од јавноста е дека одлуките на ДКСК за чувствителни случаи, како што беше патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во САД, не беа доволно јасни и убедливи.

Антикорупциската комисија под водство на Димитровска, не отвори ниту еден посериозен корупциски случај, ниту, пак, се наметна како релевантен глас во антикорупциската борба.

Напротив, ДКСК ги тужеше институциите како Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации, затоа што ѝ наложиле на комисијата, на БИРН да му овозможи увид во сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

Исто така, Комисијата препорача дека законската одредба за транспарентност на тендерите е непрецизна и дека може да бидат објавени деловно чувствителни информации, што беше протолкувано како обид за ограничување на информациите за јавни набавки и наиде на остра реакција од граѓанските организации, кои оценија дека овој став на ДКСК води кон заробување на институциите.

Кариера во подем од 2020 година

Октомври 2004 година. Тогаш Димитровска се вработува во Државниот завод за ревизија.

Доаѓа од средно економско училиште, каде што работела како професорка. Шест години подоцна, заедно со десетици други го положува испитот и станува овластен државен ревизор.

Неколку години по полагањето на испитот, работи како виш, па како самостоен ревизор, но првпат раководна позиција добива во 2020 година.

Тогаш, штотуку избраниот главен државен ревизор Максим Ацевски ја назначува за раководителка на одделение, а подоцна станува и негова помошничка.

Од тогаш почнува и нејзиниот професионален подем.

„Не се издвојуваше по нешто“, коментира нејзина колешка за БИРН со која работела во Државниот завод за ревизија, опишувајќи ја како личност што не е премногу амбициозна, но е самоуверена. Според неа, таа самоувереност се покажала дека е без покритие и дека со неа ја крие „професионалната незрелост.“

Во нејзината биографија на шест страници, Димитровска за себе пишува дека „преку законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работните задачи“, придонела да се зачува личниот углед и угледот на Државниот завод за ревизија.

Според биографијата, таа направила ревизии на повеќе од 300 субјекти. Прво по редослед го навела поранешното специјално обвинителство. Покрај политичките партии, ревизија правела и во ДКСК, како и во министерства, агенции и во регулаторни тела.

Семејниот пријател

Димитровска не знаела дека истражителите доаѓаат за неа | Фото: БИРН

Иако предметот за кој е обвинета, за проверката на имотот на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, не бил нејзин, Димитровска имала пристап до материјалите.

Според обвинителството, токму тие информации му ги пренела на Стојановиќ, што ѝ донесе обвинение за оддавање службена тајна.

„Не беше ни свесна дека има истрага. Дури и кога дојдоа истражителите, не знаеше дека доаѓаат за неа“, вели извор од Комисијата, кој раскажува дека кога полицајците дошле за претрес, членовите имале колегиум.

По претресот, последниот контакт со сите членови го имала кога секретарката ја вклучила телефонски преку спикерфон. Димитровска им се извинила на членовите и оставила впечаток дека верува оти претресот не е ништо сериозно.

На Димитровска, за двете кривични дела за кои е обвинета, ѝ се заканува затвор од по пет години за секое дело.

Неколку дена подоцна, впечатокот на нејзини колеги е дека сè уште била уверена дека ќе се врати на работа, но следувало и официјално известување од судот дека има наредба да се оддалечи од работното место.

Димитровска потоа користела боледување, па стариот годишен одмор.

Во единственото јавно обраќање по отворената истрага, таа, преписките со Стојановиќ, ги нарече „комуникација со семеен пријател“, во која не издавала никакви тајни.

Тогаш се повика на презумпцијата на невиност. Три месеци подоцна, откако обвинителството поднесе обвинение, Димитровска го смени адвокатот и поднесе оставка, а во август треба да седне на обвинителна клупа.

Постапката што на Димитровска ѝ ја запечати кариерата, не само што фрли дамка врз работата на Антикорупциската комисија, туку и отвора сомнежи за нејзиното претходно постапување, од кое еден дел е за ревизијата на работењето на политичките партии.