Репортажи

Арачиново и денес ги носи лузните од конфликтот пред 15 години

Арачиново, кое пред конфликтот во 2001 година беше етнички мешано село, денес е хомогена албанска средина, а мештаните нагласуваат дека мирот не донел просперитет во селото.

Напуштена куќа која потсетува на битката од пред 15 години

Напуштена куќа која потсетува на битката од пред 15 години

Куќите на чии ѕидови и прозорци се гледaат дупки од куршуми и оштетувања од гранати се потсетник на жестокиот судир во Арачиново кој се случи пред 15 години, поради што ова, порано етнички мешано село, околу 10 километри северо-источно од главниот град Скопје, стана еден од симболите на конфликтот во 2001 година.

Борбата помеѓу војската и полицијата на Македонија и борците на сега расформираната ОНА, се одвиваше од 21 до 25 јуни, а во неа беа користени тенкови и воени авиони и хеликоптери.

И двете страни имаа тешки загуби, иако точниот број на загинати никогаш не беше потврден. Судирот заврши со договор во кој посредуваше НАТО, со кој околу 350 борци на ОНА беа евакуирани од селото, пред македонските сили да влезат во него.

Битката за Арачиново беше последниот голем вооружен судир пред потпишувањето на Охридскиот мировен договор, во август 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот и со кој им беа гарантирани поголеми права на Албанците во земјата, кои сочинуваат една четвртина од населението, а во замена за распуштање на ОНА.

Сегашниот градоначалник на Арачиново, Брахим Ајваз, кој за време на конфликтот бил командант на територијална одбрана на ОНА во селото, вели дека борбата била страшна епизода за Арачиново.

“Во 2001, повеќе од 800 куќи беа до темел срушени, голем дел беа гранатирани и беше нанесена огромна штета. По војната, Арачиново почнува од нула, како дете кога се раѓа и се обидува да научи да оди”, вели тој за БИРН.

Арачиново, кое пред конфликтот беше етнички мешано село со над 7.000 жители, од кои над 500 етнички Mакедонци, 15 години подоцна е хомогена албанска средина.

Според градоначалникот Ајваз, речиси сите Македонци се отселиле од лични причини.

„До 2001 тука имаше неколку стотини македонски куќи, сега речиси сите се отселија во Скопје и другите градови“, нагласува тој.

„За време на војната луѓето си рекле дека нема перспектива во селото и ги продадоа куќите, секој млад гледа дека има подобар живот во градот”, изјави тој.

Според него, стравот не е причина поради која Македонците не сакаат да се вратат.

“И Македонци и Албанци избегаа од селото за време на војната. Македонците сѐ уште си имаат своја црква тука, никој не им пречи да се вратат, да се вработат, и да живеат во мир во селото”, вели Ајваз.

Градоначалникот на Арачиново, Брахим Ајваз

Градоначалникот на Арачиново, Брахим Ајваз

Македонците „не се добродејдени“

Раселените Македонци, сепак, имаат поинаква верзија.

Јана Петрушевска, раселено лице од Арачиново вели дека не е точно дека Македонците ги продале своите куќи и се иселиле бидејќи градскиот живот ги привлекувал.

„Секое одење во Арачиново јас плачам. Не ми остана ништо од куќата, ни слики од децата, ни тоа што сум го купувала низ годините, ни мебел“, вели Петрушевска за БИРН.

„По војната, 13 години живеев во колективни центри. Како може тоа да ми е поубаво кога во Арачиново имав куќа од 200 квадрати и двор од 2.000 квадрати?”, прашува таа.

Петрушевска, чијашто куќа била целосно уништена за време на бомбардирањето, вели дека не планира да се врати, иако сѐ уште го поседува плацот, бидејќи не би се чувствувала безбедно.

„По завршувањето на војната, во Арачиново беа запалени над 20 македонски куќи. И да дојдеш да се вратиш и да ја реновираш може некој да ти ја запали. Сфаќаш дека не си пожелен таму”, објаснува таа.

Според студија што минатата година ја објави Институтот за антропологија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, во Македонија и денес има околу 600 внатрешно раселени лица, како последица на конфликтот, поради кој во тоа време 76.000 лица ги напуштија своите домови. Повеќето од нив живеат во изнајмени станови, за кои киријата барем делумно ја финансира државата.

Во јануари оваа година, ЕУ во Македонија започна проект за интегрирање на бегалците, внатрешно раселените лица и малцинските групи, со кој, за да им се помогне, меѓу другото, е превидено, во период од 18 месеци, да поттикне планови за локален развој и зајакнување на институционалните ресурси.

Една од главните цели е справување со економските проблеми, со кои тие се соочуваат, и развивање на нивните вештини, а со цел полесно да најдат работа и да ги обноват своите животи. Сепак, проектот на ЕУ не се фокусира и на враќање на внатрешно раселените лица во нивните домови.

Крајот на конфликтот не донесе просперитет за Арачиново

Крајот на конфликтот не донесе просперитет за Арачиново

Економските проблеми и натаму актуелни

Но, крајот на конфликтот не обезбеди просперитет за денешно Арачиново, кое е сиромашно село.

Градоначалникот Ајваз вели дека по завршувањето на војната во 2001, жителите се обидуваат да го дигнат селото на нозе, меѓутоа имаат слаба поддршка од централната власт.

„Најголем проблем е тоа што Арачиново сѐ уште нема канализација. Ова не е мало село, има околу три илјади куќи. Тоа е невидена срамота за тие што ја водат државата”, нагласува тој.

Ајваз вели дека годишниот буџет на селото, од околу 200 илјади евра, е исклучително скромен.

„Не знаеме дали попрво да реновираме училници или да асфалтираме патишта. Изградбата на пречистителна станица и околу 20 километри канализациска мрежа низ селото чини 3 милиони евра, пари кои општината ги нема”, објаснува тој.

Триесетгодишниот Џемо, информатичар од селото, се согласува дека државата не прави доволно за да го подобри квалитетот на живот на граѓаните.

Според него, слабата поддршка од централната власт можеби лежи во тоа што сите жители се Албанци.

„Не можеш да отвориш ни дуќан, ни фирма, власта никако не ти помага, а во државните институции вработувањето е партиско”, вели Џемо.

Покрај асоцијацијата со конфликтот, кај многу етнички Македонци, Арачиново стана и синоним за неплаќање даноци.

Џемо вели дека проблемот е во сиромаштијата, бидејќи локалните мали бизниси тешко можат да придонесат за државата, кога едвај имаат доволно и за себе.

„Не можат сите да дојдат до фискална, бидејќи не прават толку промет”, нагласува тој.

Петнаесет години по битката во Арачиново, во селото владее мир, но економските проблеми со кои се соочува, како и неговите воени лузни, се јасно видливи.