Вести

Македонија ја одбележа годишнината од масакрот кај Карпалак

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Македонски официјални претставници ја одбележаа 15-годишнината од нападот и убиството на десетте војници на АРМ на автопатот Скопје-Тетово, кон крајот на вооружениот конфликт со албанските бунтовници во 2001 година.

Од комеморацијата кај Карпалак. Фото: МИА

Од комеморацијата кај Карпалак. Фото: МИА

Делегација на Владата и на АРМ, заедно со семејствата на жртвите, во понеделник положија венци на местото на масакрот, во областа Карпалак, на автопатот Скопје-Тетово.

На ова место во 2001 година, животот го загубија 10 армиски резервисти, кога нивниот конвој беше нападнат од заседа од албанските герилски борци.

Војниците, сите од Прилеп, загинаа кога нивниот камион беше погоден со ракетни фрлачи.

Јордан Трајкоски од Здружението на резервни воени обврзници, изјави дека е разочаран што на ова место нема соодветно спомен обележје. Постои една мала спомен плоча, но не и споменик.

„И по 15 години од конфликтот нашата држава и нашите власти не презедоа ништо околу одбележувањето и правата на бранителите од конфликтот во 2001 година. Еве и на ова место било какво обележје да се поставеше“, изјави Трајкоски за медиумите.

Во изминатите години, на ова место неколку пати беше поставувана спомен-плоча, но кратко време по официјалното одбележување на настанот, непознати сторители ги кршеа плочите.

Нападот во Карпалак беше извршен само четири дена пред потпишувањето на меѓународно посредуваниот Охридски рамковен договор, со кој беше ставен крај на краткотрајниот вооружен конфликт во 2001 година.

Војниците беа убиени додека лидерите на политичките партии и тогашниот претседател, покојниот Борис Трајковски, ги усогласуваа конечните детали од договорот.

Со масакрот беше прекршен веќе постигнатиот договор за генерален прекин на огнот, поради што јавноста беше шокирана, а настанот се закануваше да ги поткопа напорите за мирно решавање на конфликтот.

Непосредно по масакрот, дел од жителите на Прилеп демолираа неколку продавници во градот во сопственост на Албанци и ја запалија главната џамија.

Трагедијата беше одбележана и во касарната во Прилеп, како и во самиот град.

„Токму од ова место на 8 август 2001, дел од нашата единица се упати на задача кон Тетово, но, за жал, кај Карпалак беа пресретнати од група терористи и нападнати. Поголемиот дел од колоната се извлече, но десетмина загинаа“, рече мајор Славчо Кузмановски на церемонијата во Прилеп.

Во краткиот, но насилен конфликт во 2001 година, се судрија сега веќе распуштените бунтовнички сили на Ослободителната народна армија, ОНА, и на македонските безбедносни сили.

Судирите завршија истата година со потпишување на мировниот договор, со кој им беа дадени повеќе права на Албанците, кои сочинуваат една четвртина од населението.

Во конфликтот загинаа 68 македонски војници и полицајци, од кои многумина животите ги загубија во заседа слична како онаа кај Карпалак. Бројот на убиени бунтовнички борци и денес е непотврден.

Со потпишувањето на мировниот договор, поранешните борци беа амнестирани.

Набрзо потоа, нивните лидери ја формираа денес помладата владејачка Демократска унија за интеграција, ДУИ, која оттогаш е најпопуларна партија на Албанците во Македонија.