Регион

Архивата на Хашкиот трибунал ги открива насилните стратегии на паравоените формации

Од документите на МКТЈ видливо е како паравоените единици биле формирани и распоредувани, и како биле користени за насилство

Три и пол години по затворањето на МКТЈ, неговиот наследник, Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), ја финализира судската постапка во последниот предмет на Хашкиот трибунал.

Случајот против Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, поранешни функционери на Државната безбедност на Србија (ДБ), чија првостепена пресуда ќе биде изречена на 30 јуни, опширно се занимава со улогата на српските паравоени формации, во распадот на Југославија.

На другите судења, за време на дводецениското функционирање на МКТЈ, се зборуваше за тоа како се основани овие единици, кој со нив командувал, кој ги обучувал и финансирал, и кои се моделите на нивното учество во насилствата.

Иако досега доста е откриено во научните и новинарските истражувања, разликите помеѓу различните единици и моделите на паравоеното насилство на локално ниво – од Вуковар во Хрватска, до Сански Мост, Кључ, Добој, Босански Шамац, Вишеград и Зворник во Босна и Херцеговина, до Подуево и Ќушка на Косово – сè уште не се јасни. Освен „Тигрите“ на Аркан и „Скорпионите“, за чии активности се знае малку повеќе, за насилството на другите единици, нема многу сознанија.

Обемната документација и неколкуте милиони страници на транскрипти, изјавите на сведоците и другите документи од судењата што се одржаа во Хаг, можат да помогнат да се објаснат сличностите и разликите помеѓу виктимизацијата на невините цивили во овие градови и села, од страна на паравоените единици.

Она што се случи во Босански Шамац и во Вишеград, покажува дека паравоените единици, кои ги поддржуваа Србите во БиХ во остварувањето на нивните политички цели, се разликувале и оти вршеле различни видови на насилство.

Оваа статија е заснована на четиригодишно истражување кое беше дел од поголем проект финансиран од Холандскиот совет за истражување на српските паравојски, кои дејствуваа за време на распадот на Југославија.

Студијата анализира голем број случаи на МКТЈ, од оние во кои беа вклучени политичките лидери како Слободан Милошевиќ, Горан Хаџиќ, Милан Бабиќ и Радован Караџиќ, до воените команданти како Ратко Младиќ, полициските функционери како Миќо Станишиќ и Стојан Жупљанин и паравоените водачи како Милан Лукиќ. Наодите на оваа историска анализа, се базираат на доказниот материјал, а не на судските пресуди за вината.

Отворено и прикриено паравоено насилство

Поглед на судницата во Хаг, од аудио-визуелната контролна кабина. Фото: МКТЈ/Фликр.

Босански Шамац и Вишеград се два примери на крајно различни начини на вршење на насилството од страна на различни паравоени единици. Насилството во Шамац било различно од она во Вишеград – ова второто е вршено јавно, честопати сред бел ден и на отворени, јавни простори, од мажи кои често лично ги познавале своите жртви.

Во Шамац, насилството се криеше од очите на јавноста и честопати го вршеа мажи кои не беа локални жители. Двата града беа окупирани во пролетта 1992 година. Во првите денови од вооружената борба на Србите за територија, несрпското население беше подложено на произволно апсење и притворање, тепање, сексуално злоставување и понижување. Многумина беа убиени, а нивниот имот ограбен.

Паравоените формации во Шамац, како и на други места во БиХ, беа само еден насилен актер кој вршеше насилство врз цивилите. Најголемиот дел од насилството во Шамац, се случи во и околу полициската станица, локалното училиште и спортската сала, како и во селото Црквина, каде на почетокот на мај 1992 година, беа убиени 16 затвореници.

Поранешниот политичар, Сулејман Тихиќ, е еден од Бошњаците кои го преживеале насилството во Шамац и кој сведочеше на бројни судења пред МКТЈ. Тој бил уапсен, тепан и малтретиран во полициската станица во овој град, но и на други локации како што е Сремска Митровица во Србија.

Според сведочењето на Тихиќ, во случајот Станишиќ и Симатовиќ, мажите кои влегле во градот и ја окупирале општинската зграда и полициската станица, биле „господари на животот и смртта“ во Шамац.

Тихиќ истакна дека „можеше да се види дека станува збор за луѓе кои знаат да се борат, кои знаат да ракуваат со оружје, за разлика од локалното население кое го носеше оружјето како да е дрвена греда или стап“. Едноставно, „можеше да се види дека овие други луѓе беа професионалци, воини, кои ја знаеја својата работа“.

Насилството што го искусија цивилите во Вишеград беше особено брутално и јавно. Добро познатите инциденти, двата пожари од јуни 1992 година, на улицата Пионирска и во Бикавац, резултираа со смрт на околу 120 цивили, меѓу кои имаше и многу деца. Тие убиства ги извршија Милан Лукиќ и неговите луѓе, кои се нарекуваа „Одмаздници“.

Милан Лукиќ и неговиот братучед Средоје, се веројатно едни од најпознатите парамилитарци, извршители на насилство, кои беа гонети во Хаг. Иако во обвинението на МКТЈ, во случајот Лукиќ, не беше  прецизирано, широко распространетото силување и сексуално злоставување на жени и девојчиња, како и киднапирањата на цивили во случаите Сјеверин и Штрпци, исто така, беа поврзани со оваа паравоена група.

Кон средината на јуни 1992 година, избувна првиот пожар во куќата на Адем Омерагиќ, на улицата „Пионирска“. Беа убиени цивили кои бегаа од насилството од селото Коритник, кое се наоѓа во близина на Вишеград, на кои претходно им биле упатувани закани, кои биле ограбени и малтретирани.

Истата шема се повтори две недели подоцна во областа Бикавац во Вишеград, во куќата на Мехо Аљиќ. Заштитениот сведок, ВГ-58, рече дека слушнала нешто „како вресок на мачки“. Беше ужасно, истакна ВГ-58, во своето сведочење пред судот.

Единствена што преживеала била Зехра Турјачанин, чие потресно сведочење на судењето за Лукиќ даде клучни сознанија за бруталното злосторство. Според нејзината изјава, куќата изгледала како да е однапред подготвена за палење на живи цивили. Меѓу нив биле и членови на нејзиното семејство.

Турјачанин, која успеала да избега, се здобила со сериозни изгореници, а во досиејата на МКТЈ има многу докази за нејзините повреди, вклучително и видеоснимка направена непосредно по инцидентот, кога нејзините рани и болки, биле лесно видливи.

Судијата Патрик Робинсон, во 2009 година, читајќи ја пресудата на судскиот совет, со која Милан Лукиќ беше осуден на доживотен затвор, а Средоје Лукиќ на 30 години затвор, изјави: „Во предолгата, тажна и мизерна историја на човечката нечовечност кон друг човек, пожарите во улица „Пионирска“ и во Бикавац, сигурно заземаат високо место“.

Поширок образец на прогонство

Бившите шефови на СДБ на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки. Фото: ММКТ

Доказите презентирани на судењата, недвосмислено покажуваат дека паравоената активност била дел од поширок образец на прогонство на несрпското население, во обид да се добие етнички хомогена држава. Насилството на паравоените сили се одвиваше паралелно со протерувањето, формирањето на логори и злоставувањето и нападите врз несрпските цивили од страна на војската и полицијата на босанските Срби.

За тоа, кој точно стоел зад сите овие различни паравоени единици, кои дејствуваа во име на Србите во Босна и Херцеговина, детално се дискутираше на бројни судења – од судењето на српскиот, а подоцна југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, до судењето на српските функционери, Момчило Крајишник, Мишо Станишиќ и Стојан Жупљанин; до судењето на Радован Караџиќ, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

Судењето на Милошевиќ, бидејќи тој почина, заврши без пресуда, додека многу официјални лица на босанските Срби, беа осудени. Некои од нив, како Караџиќ и Младиќ, добија доживотни затворски казни. Првостепената пресуда против Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, ќе биде изречена на 30 јуни годинава. Овој случај, за кој судската постапка беше повторена поради сложени правни причини, особено се фокусира на врските помеѓу режимот во Србија и единиците на теренот. Додека биде завршена жалбената постапка, случајот ќе трае скоро две децении.

Јавноста, за време на ваквите кривични судења, имаше можност да ги чуе сведоците на обвинителството и одбраната, луѓето што го преживеале паравоеното насилство, очевидците, сведоците инсајдери – поранешни припадници на паравоените единици или државни функционери, и разни експерти кои ги анализираа воените, полициските, демографските и форензичките аспекти на секој случај.

Иако повеќето од овие докази остануваат доверливи и недостапни за јавноста, особено во случајот на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, оваа огромна документација дава важни можности за поставување и одговарање на прашања, за природата и целите на паравоеното насилство во 90-тите години.

Она што го откриваат архивите на МКТЈ е дека паравоените формации, активни во насилното распаѓање на Југославија, не биле исти. Тие, во голема мера, се разликувале во начинот на кои биле формирани, во тоа кој ги формирал и за која цел, во однос на тоа кои биле нивни членови и команданти, како тие биле обучувани и распоредувани и каде и како биле ангажирани. Иако е најлесно да се третираат еднакво, информираниот, историски поглед, бара многу повеќе нијанси.

На крајот на краиштата, доказите сугерираат дека припадниците на единиците што го нападнаа Босански Шамац, не биле локални жители, туку млади и способни, и водени од луѓе со врски на високо ниво, вклучително и со разузнавачките служби.

Тие беа подвижни, се движеа по градови и села за да ги заземат, се стационираа во полициски станици каде тепаа и убиваа, главно надвор од очите на јавноста. Во најголем дел, тие целеа мажи и вршеа насилство во насока на исполнување на целта за воспоставување на контрола врз одредена територија.

Од друга страна, „Одмаздниците“ ги тероризираа жителите на Вишеград сред бел ден, возејќи низ градот со украдени автомобили, пуштајќи гласна музика, барајќи луѓе да мачат и убиваат. За овие сторители, мажите, жените и децата, беа подеднакво посакувани жртви.

Бидејќи тие беа припадници на локалното население, тие знаеја кого да виктимизираат и се чини дека во тоа уживаа. Припадници на таквите групи беа незадоволни мажи кои, во отсуство на владеење на правото, го искажуваа својот бес преку насилство врз соседите.

Сите овие единици нанесоа штета – убија поединци, разделија семејства и уништија животи. Начинот на кој тие го направија ова, открива дека припадноста, структурата и членството во единиците, биле важни за утврдување на видот на насилството, што тие, на крајот, го извршија.

Д-р Ива Вукушиќ е предавач на Центарот за конфликтни студии на Универзитетот Утрехт во Холандија и гостувачки истражувач на Отсекот за воени студии на Кингс Колеџот во Лондон.
Овој текст е резиме на подолг извештај и академски труд, кои се дел од програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, со поддршка на Матра регионалната програма за владеење на правото. Академскиот труд можете да го прочитате овде.