Гоне се почувствува многу лошо уште дента кога дозна на која улица се наоѓа фирмата каде што по скратена роднинска постапка беше наименуван за директор. Улица „Аврора“, општина Аеродром. Аврора, господи, Аврова! Па, како е можно, ебати животот, ебати!, си повторуваше полугласно со денови, а потоа се потсмири, принудувајќи се себеси да мисли дека „Аврора“ е само безначајно име на мирното уличе преку Булеварот „Србија“.
Едно запарно јунско утро, додека директорот пиеше кафе во својата канцеларија со „работниот тим“, како што сакаше да нагласи; убавата Рајне, неговата секретарка, му заличе на… на нешто што не треба,.. на нешто на што не смее да се заличува… Гонета мигум го стресе виорна треска која ги зафаќа само умот и душата, а снагата послушно ја облегнува во фотелјата покрај прозорецот, наложувајќи ѝ чувство на вина. Многупати претходно имаше пиено кафе со Рајне. Седел Гоне и на исто столче со неа, ја видел и со очила и без очила, и чешлана и недочешлана, и спастрена и скастрена, ама никогаш, баш никогаш не му се имаше случено да му заличи на Аврора. Вистината е дека Рајне ја знаеше од порано, уште пред да стане челник во фирмата, дека одамна се имаше џарено во нејзините очи (и не само во нив), ама сето тоа беше во соодветни рамки на безопасно допаѓање. Тоа што одвреме навреме се случуваше дури и да помисли дека е вљубен во неа, со текот на времето се трансформираше во една непроменлива даденост и немаше тука што да се крие и што да не се крие. Едноставно, Рајне не беше која било од Гоневиот „работен тим“, туку токму таа и таква, раска во неговото око која глочка и за арно и за зло, и во смеа и во кавга.
Мигот кој го жегна Гонета в срце, всушност беше мигот кога Рајне си ја потпре убавата глава со рака и цврсто го закова својот поглед во директорското биро, а тој токму тогаш ја праша за нешто „стручно и сериозно“, па таа, онака отсутно, го стрелна со своите крупни, бадемести очи:
– Молам? – рече, а Гоне во тој миг во неа ја препозна Аврора од своето детство. И очите, и кадриците, и муцето… Нема што… Иста Аврора! И самиот избезумен од сопствената мисла, Гоне почувствува како се повлекува наназад на столот, небаре асоцијацијата маваше по него со тупаници. Пусти Гоне. Не можеше ништо да ѝ повтори на Рајне,.. на Аврора,.. на Варвара, на Рајне, де,… небаре нејзиното „молам“ воопшто и не беше излегло од убавото нацрвено усте. Не дека Гоне беше премногу емотивен или премногу неемотивен, тој, едноставно сѐ до тој миг имаше чувства тамам толку колку што може да ги командува. Директорувањето му беше во крвта и можеби токму фактот што беше немоќен да си нареди себеси да престане со таа глупава асоцијација го стресе и го развиори однатре.
Претоварен со асоцијацијата како добиче на угорница, Гоне не можеше да ја сврти работата на шега, како секогаш, да се изнасмеат заеднички на неговата планинско-селска духовитост со свежовоздушен кикот. Овојпат нешто му ја држеше смеата на узда која тој не можеше да ја дофати в рака и се почувствува немоќен да управува со неа. Некоја непозната и морничава сериозност се надви над него како сенка и му ја затемни сегашноста, па минатото блесна како на театарска сцена. Една завеса се спушти, друга се крена; Гоне не беше свесен што завршува, а што почнува во тој миг. Го избрка својот „работен тим“ со сѐ уште недопиените кафиња. Го проветри својот директорски кабинет, уште му беше неарно; испуши две цигари едноподруго, го прелиста омилениот дневен весник на кој ништо не му веруваше… Бадијала.
Варвара се роди на ден Варвара, на 17 декември, и затоа ѝ го дадоа тоа име. Можеше да биде и Цвета, ако се родеше на Цветници, или Велика, ако се родеше на Велигден… Гоне го помнеше тој ден во најситни детали, тоа зимско сонце што протрчуваше по снежната ливада и се тркалаше по сртот на планината како рулче. Беше 1969 година. Гоне имаше два-тринаесет години и сѐ уште си беше в село, со своите. Слушаше музика на рускиот транзистор секој втор ден; таков им беше договорот со братучетка му. Еден ден јас Гоно, еден ден — ти. Така е справедливо.
Додека ги пасеше овците, светот беше негов. Само небото можеше да го види како танцува по ливадите со мечтата в прегратка, страсно стегната за половината како љубовница. Фантазираше непрестајно и напати го здоболуваше главата од замислувањето на љубовта во најситни детали. Пусти Гоне, Гоно од Јанче. Надарен, пренадарен за танц, за музика, за актерска игра, за цртање – црта човек, оживува листот!, Гоне во Варвара уште на раѓањето забележа нагласена другост. Таа не беше обична тукушто објагнета сточица, таа уште со прво стана Варвара и сите ја завикаа на име. Ниедна друга овца немаше име, и, ај што немаше име, ама и не изгледаше како неа. Најубаво пасеше, најубаво трчкаше по ливадите, најубаво блееше, беше поинаква од другите. Гоне се грижеше за неа на еден трогателно лирски начин. Напати ѝ подаваше трева од својата дланка, а таа, убавицата, кротко брстеше небаре неговата дланка е грмушка. Кога тргна во гостиварската гимназија и кога почна да учи латински, Гоне на својата Варвара ѝ даде скришно име – Аврора. Така ем можеше да зборува јавно за неа, ем никој, дури ни самиот тој, да не може да помисли дека зборува за овца.
Крупни капки пот го укитија челото на Гоне навестувајќи скорашен пораз во сражението со спомените. Ќе дадеше сѐ од себе, дури и од Рајне ќе се откажеше, само да можеше да го остави непрепознаен својот тогашен однос спрема Аврора. Години и години наназад тој се сеќаваше и напати дури мислеше на неа, ама тоа, освен што го возбудуваше во рамките на една вообичаеност при воскреснување на нештата што ги нема, не предизвикуваше никаква непријатност, или, не дај боже, некое полошо чувство. Дури сметаше дека спомените на Аврора се одраз на неговиот рурален, чист и непоматен сентимент. Се гордееше со сопствената моќ да ги помни нештата со трепет… Но, возбудата тоа утро не потекнуваше од познатиот пејзаж на неговото родно Јанче и, всушност, не беше директно поттикната ниту од Рајне, ниту од Аврора, ами токму од нивното мигновено изедначување што се сложи во неговата глава како камче во мозаикот на вистината. Не, не, не!, бладаше Гоне и дури се бранеше од лошата мисла, мавтајќи со рацете во воздух. Не бев вљубен во Аврора туку ја сакав како што другите селски деца сакаа мачки или кучиња! Не, не сум сакал никогаш овца онака!
Гоне почна да се принудува себеси да измислува нешта од минатото или барем на нов начин да ги интерпретира, со што ќе си докаже дека Варвара му била наместо куче, наместо маче или наместо папагал на градските деца. Насила се убедуваше дека во тоа време многу му се допаѓала Данче на Дулиевци, дека вистинските, тукушто разбудени еротски чувства биле наменети за неа, а не за Аврора, а поразната вистина на меморијата го вртеше филмот од ливадите каде што тој, скриен во честаците (од кого ли!?), со поглед ја голта Аврора додека таа си трчка со своите волнести другарчиња. Или, кога таа, брстејќи од неговата дланка, ќе го погледнеше, а нему стомакот му се стегаше ко в менгеме, а тоа знаеше Гоне, иако не сакаше да си признае, никогаш не му се немаше случено кога ќе го фатеше погледот на Данче…
Токму тоа запарно јунско утро на улицата „Аврора“, Гоне сфати оти Аврора била неговата вистинска прва љубов со што целосно му се измести мислењето за себе и смртоносно ранет од вистината, излезе од својата канцеларија, небаре излегува од сопствената кожа. Несвесно се упати кон канцеларијата на Рајне и без да тропне, што, всушност, и не му беше првпат да направи така, влезе, просто бувна пред неа.
– Повели! – му рече таа подавајќи му од кикиритките што ги ропкаше, не возбудувајќи се ниту од неговиот изгубен поглед, ниту од наглото влегување. – Земи!
Тогаш Гоне клекна на коленици пред неа, се потпре на подот и со рацете и почна да зобе кикиритки од нејзиното убаво раче како четириножна сточица. Рајне го погали по кадравата коса со бескрајно разбирање.
По неколку години, кога го сменија името на улицата „Аврора“ во „Кресна“, на Гоне буквално му се промени животот. И директорувањето, бездруго. Аврора беше избришана, ко да не била, и тој си заживеа нормален швалерски живот со убавата Рајне.