Анализи

Балансерот аут, департизацијата ќе почека

Иако е готов, владата го планира законот за висока раководна служба за крајот на следната година

Тие што немаат време да ги следат дневните случувања, што кусо се информираат преку фејсбук-објавите на порталите или можеби ги гледаат само најавите во вечерните ТВ-дневници, би добиле искривена слика дека со укинувањето на етничкиот балансер се сопира и изворот на проблемите во јавната администрација од чии услуги многумина не се задоволни.

„Квалитетот треба да ја води Македонија напред, а не балансерот, Бадентерот или партиската книшка“, ова е ставoт на актуелниот премиер Христијан Мицкоски, кажан уште во јануари, кој сега ја обои дебатата околу балансерот, од која целосно исчезна делот за партизацијата.

Непотребно етнизираната и емотивно набиена расправа за подобра администрација ги надвика суштинските препораки, поодамна поместени во пдф-извештаите, кои внимателно, по низа анализи и панели, ги составиле европските бирократи и домашните експерти.

Затоа и не забележавме дека подзаборавената и клучна реформа, која преферира професионалци пред партиски кадри при избор на директори во администрацијата, тивко и без многу помпа е одложена за уште една година – до крајот на 2025.

Станува збор за предлог-законот за висока раководна служба, за чие доцнење Европската комисија потсети уште еднаш во последниот извештај за напредокот на патот кон ЕУ, кој излезе неделава.

Реформа во фиока

Меѓу 150 и 200 највисоки раководни места во државните управи, бироа, заводи, инспекторати, јавни претпријатија и агенции редовно се дел од коалицискиот колач што победниците го делат по изборите.

Веќе со години е готов предлог-законот за професионализација на овие позиции, меѓутоа претходниот парламентарен состав немаше политичка волја да го изгласа.

Подзаборавената и клучна реформа, која преферира професионалци пред партиски кадри при избор на директори во администрацијата, тивко и без многу помпа е одложена за уште една година – до крајот на 2025

Се чини дека законот не е во приоритетите и на новите влада и Министерство за администрација, иако за него притиска Европската комисија, додека во државната стратегија за реформа на јавната администрација, тој е поставен како темел, со образложение дека токму од него треба да почнат позитивните промени.

Првиот човек на Министерството за администрација, Горан Минчев, во јавните настапи, додека зборува за реформа на администрацијата, не го спомнува предлог-законот за висока раководна позиција. Тој не е вметнат ниту во програми на владејачките партии, ниту, пак, во онаа на владата.

Минчев, во изјава за БИРН, открива дека планот е подготовките да почнат на стартот од следната година, а законот да се донесе до крајот на 2025.

„Ќе се обидеме овој рок да го скратиме и се надевам дека законот би се нашол пред пратениците кон крајот на јули 2025“, вели министерот.

Законот е подготвен, но не и партиите

Министерот Минчев ја ветува реформата за крајот на идната година

Оние што читаат вести на Фејсбук, веројатно веќе не помнат, дека по бурните политички промени во 2017 година, во власта постоеше ентузијазам за професионализација на администрацијата, меѓутоа еланот драматично спласна по француското вето доцна во 2019 година.

Првата верзија на предлог-законот за раководна служба е напишана токму во тој период – 2019, додека последната и ревидирана носи датум од мај 2022 година, а подготвени беа и подзаконските акти.

Сега, пак, реформата се поместува за 12 месеци, иако нема конкретни аргументи за новото одложување.

На прашањето на БИРН дали и што треба да се доработи, со оглед дека за законот не се зборува и тој се одложува за крајот на следната година, министерот Минчев, во долгиот допис, не ни даде конкретен одговор, образложувајќи дека е „несериозно во овој момент да ја коментираме содржината на законот“.

Министерот ќе ја чека јавната дебата.

„Оваа влада има различен концепт од претходната, во смисла на носење законски решенија за кои сметаме дека се темел на реформите во јавната администрација“, додава тој. Според него, сега приоритет имаат други три регулативи од областа на јавната администрација што ги повлече од собраниска процедура и на кои сега се работи.

Невладината организација Центар за управување со промени (ЦУП), која учествуваше во работната група за законот за висока раководна служба, во моментов не гледа политичка волја за оваа реформа.

„Пакетот материјали е подготвен, oдносно целосното законско решение е финално. За усвојување е потребна само политичка волја, а за ваква реформа, најоптимален период би бил почетокот на мандатот на нова влада“, велат од ЦУП.

Отчетни професионалци наместо партиски кадри

А што, всушност, предвидува законот што политичките елити постојано го одложуваат?

Од Центарот за управување со промени објаснуваат дека реформата ќе овозможи да се пријават најсоодветните кандидати, за потоа од нив да бидат избрани најдобрите раководни лица.

Минимални услови за директор

Ланската анализа на ЦУП отслика дека актуелните закони содржат минимални услови за избор на директори. Условите најчесто се сведуваат на докази за државјанство, неосудуваност, високо образование, определено работно искуство и меѓународен сертификат за странски јазик.

Меѓутоа, како што илустрира и актуелниот случај со новиот директор на Агенцијата за национална безбедност и доскорашен член на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Христовски се случува да се доведуваат во прашање и автентичноста и на тие минимални услови.

„Со објавување оглас и спроведување транспарентна постапка на избор ќе се охрабрат повеќе професионалци да се вклучат во јавниот живот, а тоа ќе влијае и врз квалитетот на работата на институциите.“

Оттаму коментираат дека, доколку се имплементира ваков закон, раководните лица ќе мора да претставуваат и програма за работа и да одговараат по нејзината реализација.

Законот што постојано се одложува предвидува владата да го избере составот на Комисијата за високораководна служба на начин сличен како што сега се избира Антикорупциската комисија, која вклучува високо ниво на транспарентност.

Потоа оваа петчлена комисија, која ќе биде посебна институција, во следните пет години ќе го спроведува процесот на избор на кандидатите за секоја од овие раководни позиции. Ќе објавува огласи, ќе спроведува тестирање и интервјуа, а од целиот процес ќе филтрира по најмногу тројца кандидати за една позиција.

Крајниот збор повторно ќе го имаат владата и министерствата, но овојпат ќе имаат избор од повеќе кадри што поминале повеќе филтри.

На тој начин, покрај директори, би требало да се избираат и државните секретари во министерствата.

Купување време

Назначувањата на нови директори од нова власт ќе оди побрзо од департизацијата | Фото: Влада на РСМ

Во момент на искреност, илустрирајќи дека овојпат партиската рокада на директори оди повнимателно и со тоа побавно, министерот за здравство и еден од лидерите на Влен, Арбен Таравари откри дека речиси половина од раководните места веќе се заменети со кадри од владејачките партии.

Затоа не е тешко да се претпостави дека до моментот кога Законот за висока раководна служба би стапил во сила, власта веќе ќе ги има поставено директорите по старата формула на партиска поделба.

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, во изјава за БИРН, вели дека партиските директори се предуслов за разни злоупотреби при вработувањата – како што се менување систематизација за креирање работно место по мерка на кандидатот, објавување оглас со услови што не се во согласност со  условите во систематизацијата, како и злоупотреба на дискрециските овластувања, што влијае врз вработувањата на пониските работни позиции.

„Професионалноста, одговорноста и отчетноста на партиските вработени е на многу ниско ниво, но поради партиски притисоци, овие лица редовно добиваат нереално добри оценки за своето работење“, вели таа.

Во отсуство на политичка волја за вистински темелна реформа, кога на јавноста и се сервираат наративи од типот „Балансерот е мртов, се роди мерит-системот“, очекувано е дебатата да продолжи по веќе зацртаната етничка патека.

Сега сите зборуваат за закон за правична застапеност, што го најави коалицијата Влен, веќе има и работни групи за него, додека клучните реформи ќе почекаат.