Мориц Готѕаунер-Волф, Сашка Цветковска, Ерјона Руси, Бојана Јовановиќ, Иван Ангеловски и Лоренс Марзоук БИРН Виена, Скопје. Тирана, Белград, Лондон
Во раните попладневни часови на 18 јуни 2013 година, повеќе од 100 високи менаџери на градежниот гигант „Алпине бау“ од целиот свет, се најдоа во своите канцеларии, на групен конференциски повик.
Австриската, втора по големина, градежна корпорација, ги има изградено некои од најголемите инфраструктурни проекти на нашето време, од фудбалските стадиони за Светското првенство до европските автопатишта на Балканот и контроверзната арена во Азербејџан за раскошната манифестација Евровизија.
Сепак, корпорацијата повеќе не можела да ги плаќа своите сметки, поради што била принудена да побара прогласување стечај, што претставува најголем банкрот во Австрија од 1945 година.
Наредбите од седиштето во Австрија биле јасни: да се затворат сите градилишта, машините да се стават во складишта, да се заштити документацијата и за банкротот да се информираат 15.000 вработени. Огромниот број подружници на „Алпине бау“ нема да примаат никакви исплати, додека не добијат дополнителни информации.
Конечно, менаџерот, којшто имал седиште на Балканот, го поставил прашањето: „Дали треба да останеме каде што сме или да бегаме?“.
Драмата на прашањето соодветствуваше на стравотната состојба во која се наоѓале проектите на „Алпине бау “ ГмбХ во странство: долг од 3,2 милијарди евра, 15.000 доверители и недовршени градежни работи низ целиот свет, велат податоците на ликвидаторот на фирмата во Виена.
Минатата година, австриското списание „Датум“ и новинарите на Балканската истражувачка мрежа (БИРН), го истражуваа ненадејниот колапс на „Алпине бау“. Тие дојдоа до доверливи документи и спроведоа повеќе од 100 интервјуа и неофицијални разговори со поранешни високопозиционирани вработени лица во корпорацијата, во шест држави.
Официјалните податоци и сведоштвата на некогашните вработени лица, дадоа инкриминирачка слика за системски неуспеси во управувањето, за сомнителни заеми и договори и сомнителни трансфери на пари на оф-шор сметки.
Балканот се наоѓал во центарот на колапсот, земајќи предвид дека половина од загубите на фирмата биле направени од претставништвото во овој регион, а човекот што ја водел катастрофалната експанзија на Балканот, Дитмар Алута-Олтјан, имал речиси неконтролирана моќ, и покрај тоа што немал менаџерска улога.
По стечајот, следува лавина на правни дејства со наводи за проневера, сметководствени измами, кршења на стечајната постапка и за ненавремено пријавување за отворање на стечајната постапка. Сите овие наводи во моментов се дел од истрагата на обвинителите. Како и да е, нема индиции дека Дитмар Алута-Олтјан е меѓу оние кои се подложени на истрага.
Но, до денес, на виделина излегоа само фрагменти на сувопарни вести од стечајната расправа во Виена, поради што исплатата на средствата на неисплатените изведувачи, доцни најмалку една година.
Непропорционални загуби на Балканот
За разлика од дејностите во странство, дома, во Австрија, „Алпине бау“ остварувала профит.
И покрај неочекуваниот стечај, речиси 80 проценти од австриските работници најдоа работа во рок од неколку недели, затоа што конкурентските фирми брзо ги преземаа проектите.
„Алпине бау“ пропаднала поради своите долгови во странство, и покрај тоа што во текот на една цела деценија, во странските подружници и филијали, биле внесени повеќе од 1,3 милијарди евра, заклучува извештајот од септември 2014 година, поднесен од консултантската фирма за сметководство и данок, БДО.
Според годишниот извештај на БДО за 2011 година, до кој дојдоа БИРН и „Датум“, најголемата досега регистрирана годишна добивка на компанијата од странски дејности, изнесувала само 36 милиони евра, а тоа се случило во 2005 година.
Надвор од Австрија, „Алпине бау“ оставила зад себе разурнати градилишта, недовршени или слабо изведени патишта, стотици загубени работни места и долг список на доверители.Ликвидаторите на „Алпине бау“, нарачале извештај од БДО, за да дознаат што тргнало наопаку.Извештајот тврди дека „Алпине бау“, надвор од Австрија, била управувана без доволна контрола, а како клучна за нејзиното пропаѓање, се посочува брзата експанзија на Балканот, заедно со онаа во Германија и Полска.Од изгубените инвестиции во висина од 1,3 милијарди евра вложени во странски проекти, речиси половината биле вложени во Србија, Хрватска, Романија, Бугарија, Албанија и Македонија. Ова било несразмерно голема сума во однос на градежните работи во овие земји.Балканот се сметал за скапоцен камен во круната на корпорацијата. „Алпине бау“, со големи проекти во регионот започнала во 2001 година, станувајќи неспорно најголем градител во регионот, но, вложените милиони постепено се одлевале.
Вртоглаво зголемување на трошоците за автопат во Србија
Во 2006 година, „Алпине бау“ во Србија победила на тендерот за изградба на мост на реката Дунав во Бешка, 20 километри северозападно од главниот град на Србија, Белград, вреден 34 милиони евра. Меѓутоа, внатрешни извори, за БИРН велат дека проектот бил обременет со технички проблеми, а трошоците пораснале на 100 милиони евра.„Алпине бау“, по арбитражата и долготрајните расправии со српската влада и државната фирма „Путеви Србије“, морала да се спогоди за сума од 54 милиони евра, велат документите коишто го обезбедивме врз основа на Законот за слободен пристап до информациите.„Путеви Србије“ поднела тужба против „Алпине бау“ за сумата од 54 милиони евра, поради недовршените и лошо изведени работи на мостот и на други проекти.„Алпине бау“ во 2010 година, ја добива изградбата на дел од Паневропскиот автопат, помеѓу српскиот град Ниш и бугарската граница, но планот не напредувал добро.Интерниот извештај, до кој дојдоа „Датум“ и БИРН, само за овој проект, предвидел загуба од 45 милиони евра во 2012 година.И според документите од српското обвинителство, дел од автопатот бил изграден со градежен материјал, незаконски добиен од контроверзен водач на протести и бизнисмен Звонко Веселиновиќ, од северниот проблематичен дел на Косово.
Милиони „недостасуваат“ во Македонија
Според инспекцискиот извештај на ревизорската куќа КПМГ од јуни 2012 и внатрешната ревизија од јуни 2013 година, до кои дојдоа новинарите, големите договори за градежни работи во Македонија не само што не донеле профит, туку милиони евра биле потрошени на сомнителни заеми и договори.Документите открија мрежа на фирми, повеќето во сопственост или тесно поврзани со вработените, што добивале „сомнителни кредити” и договори. Ревизорот особено упатува критики до Ѓоко Динев, кој во 2009 година бил поставен за генерален менаџер на „Алпине бау“ ГмбХ Скопје.Консултантски договори во вредност од над 3 милиони евра, помеѓу 2010 и 2012 година, ѝ биле доделени на Сим Консалтинг, компанија во сопственост на лица вработени во македонското претставништво на „Алпине бау“. Ова наспроти фактот дека компанијата немала вработени, ниту докази за извршена работа, како што покажува внатрешната истрага.Во извештајот се наведуваат сомнителни плаќања во висина од над 6 милиони евра, износ кој е речиси една третина од целокупниот приход на подружницата на „Алпине бау“ ГмбХ во Скопје, за 2012 година.„Зад секој договор и секоја исплата стои [легитимна] услуга, барем во времето додека јас бев генерален менаџер“, тврди Динев.Запрашан кој бил овластен за плаќањата, Динев го посочи хрватскиот државјанин, Ивица Борошак, кој бил наведен како втор генерален менаџер во Македонија и како прв човек на подружницата на „Алпине бау“ во Хрватска. Борошак не одговори на нашите повици и пораки.Откако „Алпине бау“ пропадна, Борошак и Динев се вработиле во фирми во сопственост на г-ѓа Хелена Алута-Олтјан, сопруга на Дитмар Алута-Олтјан, поранешен сопственик и извршен директор на „Алпине бау“.Г-ѓа Алута-Олтјан имала активна улога во активностите на „Алпине бау“ на Балканот, дури се опишувала себеси како „претставник на ‘Алпине бау’ за Балканот“, иако внатрешни извори велат дека нејзината вистинска позиција во компанијата не била сосема јасна. Таа не одговори на нашите прашања и барања за интервју.
Албанија: Пари пренесени во даночниот рај
Во Албанија, во 2012 година, 1,4 милиони евра биле префрлени на мистериозната кипарска компанијата „Виндфорс Естејт Лимитед“ (Windforce Estate Limited), која била во сопственост на друга оф-шор фирма, регистрирана на Маршалските Oстрови. Сопственоста подоцна била префрлена на лица вработени во кипарска адвокатска фирма.Трансферите се проблематизирани во извештајот на Делоит, кој бил ангажиран како ревизор во филијалата на „Алпине бау“ во Тирана во 2013 година, а во кои имаа увид нашите новинари.Според фактурите до кои дојдоа БИРН и „Датум“, исплатите за Виндфорс, во 2012 година, биле за работа која вклучувала „дејствување и советување, материјална асистенција на состаноци, дискусии и брифинзи“.Сметките биле на име на менаџерите во Тирана, Манфред Депе и Амадео Гарсија, но ревизорите не нашле други документи во врска со договорот, вклучувајќи го и договорот помеѓу „Алпине бау“ и Виндфорс, наведен во фактурите.Консултантската услуга била за два автопата што ги граделе подружницата на „Алпине бау“ во Тирана и грчкиот партнер АЕГЕК (AEGEK), откако во 2008 година „Алпине бау“ го добила договорот. Проектите биле финансирани од ЕУ и од фондовите на Европската банка за обнова и развој.Но, трошоците за патиштата меѓу градовите Валона, Тепелене и Леван, вртоглаво се искачувале и владата била принудена да им се обрати на донаторите за повеќе пари. Дури и тогаш, проектите биле проследени со технички проблеми и предизвикале насилни протести на селаните на чиишто земјишта се градело.Една од делниците, речиси пет години по предвидениот датум за завршување на проектот, во 2010 година, остана незавршена.Делоит се пожалил дека консултантската фирма Виндфорс не дала никаков доказ за одвивање на работата, што резултирало со неуспешна ревизија на „Алпине бау“ во Албанија за финансиската 2012 година.Ревизорите истакнале дека примачот на плаќањата и единствениот акционер на Виндфорс, во април 2013 година починал во болница во Грција, и поради тоа не бил во состојба да обезбеди повеќе детали во врска со предвидените услуги.Не е познато кој бил вистинскиот сопственик на Виндфорс Естејт, бидејќи лицата што во моментов се наведени како секретар, директор и акционери, се вработени во една правна канцеларија во Кипар, чест правен трик за вработување во озлогласениот даночен рај со кој се обезбедува анонимност.Поранешен висок член на подружницата „Алпине бау“ во Тирана, која тврди дека го видела секој потпишан договор, вели: „Јас работев со години за ‘Алпине бау’ и шокирана сум од износот на парите што сме ѝ ги уплатиле на Виндфорс Естејт, бидејќи јас никогаш не сум видела никаков договор или релевантен документ, поврзани со оваа компанија“.Додека готовината била пренасочувана од фирмата во даночниот рај, кон подизведувачите останал долг од повеќе милиони фунти.Така, на градежната фирма „Албан Тирана“, треба да ѝ бидат исплатени 2,5 милиони евра, по успешната судска завршница по нивната тужба против подружницата на „Алпине бау“ од Тирана. Тие тврдеа дека австриската фирма неправедно ги отфрлила, во корист на АЕГЕК. Фирмата досега нема добиено ниту денар и стравува дека тоа никогаш нема да се случи.Електронските пораки меѓу менаџерот на филијалата „Алпине бау“ во Тирана и албанските ликвидатори, разменувани во текот на мај 2014 година, а до кои „Датум“ и БИРН дојдоа, покажуваат дека „Алпине бау“ во Албанија, со месеци по пропаѓањето на нејзините подружници во 2013 година, не била во можност да поднесе барање за стечај.На крајот, Алпине Албанија немала доволно средства да ги плати надоместоците потребни за поднесување барање за стечај.
Фатални пропусти во управувањето
Авторите на извештајот на БДО, која била овластена од страна на ликвидаторите на „Алпине бау“, тврдат дека брзата експанзија на фирмата во странство била „продажно, а не профитно ориентирана“ и дека ова го воделе „долгорочниот сосопственик и ‘лидер’ на ‘Алпине бау’, г-дин Алута-Олтјан и шпанскиот мнозински сопственик ФЦЦ“.„Стратегијата за стекнување удел на пазарот и последователниот влез на нови пазари, имала разурнувачки ефект врз профитабилноста на ‘Алпине бау’“, се заклучува во извештајот.
Овој 70-годишник, ѝ се приклучил на компанијата во 1968 година и работел на тоа да стане акционер и генерален директор.Пред крајот на милениумот, под негово раководство, „Алпине бау“ почнала да се шири во странство. Но, сосопственикот акционер, Георг Папас, основач на „Алпине“ и инженерот Ото Миерл, цврсто ги држеле уздите на нивните авантуристички настроени колеги.Но, се чини дека поволниот бран се свртел против амбициозниот Алута-Олтјан, во оној момент кога тој во февруари 2006 година, беше осуден за корупција во Германија, заради сумата што му ја платил на претставникот на Баерн Минхен, откако „Алпине бау“ го добила договорот за изградба на Алијанц арената.Тој доби две години условно и парична казна од 1,8 милиони евра, по што се повлече од функцијата генерален директор на „Алпине бау“, градежен дел на фирмата.Алута-Олтјан, тогаш ја презема позицијата претседател на Холдингот „Алпине“, кој управувал со неговата најголема компанија, „Алпине бау“, но му било наредено да не се меша во градежните работи на компанијата.Но, шпанската градежна фирма ФЦЦ, во последниот квартал од 2006 година, ги зграпчила акциите од претпазливите Папас и Миерл, кои се појавиле како мнозински сопственици. Ова му го отворило патот на Алута-Олтјан за турбо експанзија на Балканот и пошироко, и покрај фактот што тој немал извршна улога, велат добро упатени извори.Ревизорите на БДО го потврдуваат ова гледиште, опишувајќи го Алута-Олтјан како „силен човек” на „Алпине бау“, кој бил „активен на извршно ниво, без никакви проверки и баланс“.„На менаџерско ниво, кое било одговорно за спроведување соодветна контрола, до почетокот на 2012 година доминирал г-дин Алута-Олтјан“, се вели во извештајот.„Ова било така и покрај фактот што тој формално не функционирал како генерален менаџер, ниту пак, бил во надзорниот одбор на ‘Алпине бау’ ГмбХ“.„Овој стил на лидерство, приспособен на една индивидуа, како и придружната корпоративна култура, решително придонеле во утврдените недостатоци во поглед на структурите, контролите и транспарентноста“.Адвокатот на Алута-Олтјан изјави дека неговиот клиент е обврзан на деловна тајна и заради тоа не може да одговори на нашите детални испитувања за неговата позиција и водечка улога во катастрофалните проекти на „Алпине бау“ во странство.„Во име на мојот клиент би сакал да нагласам дека бројните забелешки и претпоставки врз кои се базираат прашањата се во одредени делови сосема неточни. Сликата која се создава за мојот клиент е исто така неточна“ додава адвокатот.ФЦЦ, како единствен акционер во време на банкротот на Алпине бау , не одговори на нашите барања за коментар.
Предупредување за „балканскиот хаос“
Од 2008 година, се бележи зголемен број на жалби во Салцбург, кои се однесувале на колегите од југот, изјавија внатрешни извори за БИРН и „Датум“.„Беше хаос на Балканот“, вели поранешен вработен, кој имал добра позиција во „Алпине бау“ во Салцбург.„На пример, имавме 16 различни системи на платни списоци, никој не знаеше кој работел, каде точно работел и како изгледаа нивните договори.“Половина дузина поранешни менаџери на „Алпине бау“ потврдија, независно еден од друг, дека балканските подружници уживале поголема слобода и дека Алута-Олтјан имал личен интерес во сите странски бизниси.Високите раководители во Салцбург знаеле за некои од проблемите со поголемите странски проекти, бидејќи по пат на хиерархија проблемите биле пријавувани, но нејасно е колку биле свесни за големината на загубите.Претставниците на мнозинскиот акционер ФЦЦ, според извори блиски на случувањата, биле постојано информирани во врска со проблемите во комуникацијата со балканските подружници.„Ние им кажавме на Шпанците дека вака не можеме да продолжиме“, вели еден поранешен менаџер.Според БДО, „Алпине бау“ до октомври 2010 година, веќе била неликвидна.Фактот дека ова никој порано не го забележал и понатаму останува една од најголемите мистерии на стечајот, иако ревизорите упатиле критики до своите меѓународно признати колеги од Делоит, кои не успеале да ги забележат проблемите при потпишувањето на сметките во 2009, 2010 и 2011 година.Портпаролката на Делоит Австрија изјави дека е убедена оти тие извршиле „вредна и правилна ревизија“.„Овој БДО извештај е извршен и платен од ликвидаторите на Алпине и заради тоа не претставува објективно мислење на независен експерт“ додаде таа.Банките, од 2010 година, па наваму, ѝ позајмиле на „Алпине бау“ стотици милиони, од кои 180 милиони евра гарантирани од страна на австрискиот даночен обврзник. Јавноста, исто така, ги разграбала 290-те милиони евра во обврзници, во 2011 и 2012 година, во обидот на фирмата да внесе свеж капитал во бизнисот.Алута-Олтјан ја напуштил „Алпине бау“ во пролетта 2012 година, продавајќи го својот дел од акциите во висина од 19,3 отсто на мнозинскиот акционер ФЦЦ, за 52.600.000 евра.
Загуби откриени од страна на новите ревизори
Новиот шеф, кој ја презел оваа функција во март 2012 година, Јоханес Дотер, поранешен претседател на една од австриските конкуренти на „Алпине бау“, „Порр АГ“, нарачал нови ревизии за работењето на „Алпине“ и затворањето на неуспешните претставништва на „Алпине бау“ во странство.Наодите на КПМГ, објавени во летото 2012 година, биле шокантни: фирмата лежела на фактури во вредност од 300 до 400 милиони евра, кои никогаш нема да бидат наплатени, оставајќи голема дупка во билансот на состојбата на компанијата.Имаше обвиненија дека „Алпине“ се надевала оти ќе надомести од клиентите, откако трошоците за проектите се кренале над почетната договорена цена. Во октомври 2012 година, во печатот беа објавени информации од извештајот на КПМГ. Ова беше „бакнеж на смртта“ за „Алпине бау“, кој пропадна во јуни следната година.Но, за г-ѓа Алута-Олтјан, сопруга на поранешниот генерален директор на „Алпине бау“, бизнисот на Балканот продолжи да напредува.Во март оваа година, таа започна нов бизнис во рударската индустрија, кршење камен во каменоломи, во вредност од 12 милиони евра, во кој е вклучена и рударската компанија со седиште во Србија, „Алпине камен“, продадена од ликвидаторите на нејзината матична компанија „Алпине бау“.