Откако Британката Маргарет Кинан стана првиот човек во светот што ја прими вакцината на Фајзер-Бионтек против Ковид-19 на 8 декември и со тоа симболично го означи почетокот на масовното вакцинирање, балканските земји почнаа со подготовки за вакцинација.
Но, додека државите брзаат да го добијат нивниот дел од ограничените залихи на вакцини, сѐ уште има многу непознати, особено колку тие ќе чинат и дали ќе ги има доволно.
Повеќето земји во регионот се дел од системот Ковакс, кој беше воспоставен во април од страна на Светската здравствена организација, СЗО, Европската комисија и Франција за да се овозможи пристап до дијагностика, лекување и вакцини против ковид-19.
„Штом ќе биде достапна и лиценцирана, безбедна и ефективна вакцината против ковид-19, мора да обезбедиме нејзина правична дистрибуција и достапност во сите земји, независно од нивниот приход“, изјавија од СЗО за БИРН.
Со приклучувањето кон Ковакс, земјите се класифицирани, или како „самофинансирачки“, или „финансирани земји“ што ќе добијат пристап до вакцините.
На оние што се самофинансирачки ќе им бидат гарантирани доволни дози за заштита на одреден дел од нивното население, во зависност од тоа колку ќе купат; финансираните земји, пак, ќе добијат доволно дози за да вакцинираат 20 проценти од нивното население на подолг рок.
СЗО вели дека програмата претставува „огромен успех за мултилатеризам и соработка.“
Но, тоа не спречи многу земји да се осигураат преку посебни, билатерални договори со производителите на вакцини. И земјите од Балканот не се исклучок. Меѓутоа, сумите за кои се работи и понатаму, во најголем дел, се тајни.
Загриженост за трупање вакцини
Европската комисија, како извршен орган на Европската Унија, спроведува единствена централна постапка за набавка со производителите на вакцини во име на сите 27 земји-членки, вклучувајќи ги и балканските земји, како Хрватска, Бугарија и Романија.
Портпаролот на Комисијата рече дека земјите-членки потпишале договор согласно Стратегијата на ЕУ за вакцини „обврзувајќи се да не влегуваат во преговори со производителите на вакцини паралелни со тие што ги води ЕУ.“
Според хрватскиот Институт за јавно здравство, како дел од Стратегијата на ЕУ за вакцини, земјата нарачала 5,6 милиони дози на вакцини против корона вирусот за првата фаза од вакцинацијата од повеќе производители, меѓу кои Астра Зенека, Фајзер, Џонсон енд Џонсон, Модерна и Кјурвак.
Меѓутоа, цените се „деловна тајна“, вели Институтот на својата интернет-страница, „а преговарачите се согласни да не ѝ ги откриваат овие информации на јавноста.“
Но, Бугарија ја откри сумата што планира да ја потроши за да обезбеди доволно вакцини за земјата со седум милиони жители – речиси 194 милиони евра, се наведува во известувањето дадено за време на состанокот на почетокот на ноември меѓу премиерот Бојко Борисов и експертскиот медицински тим на земјата што работи на борбата против ширењето на ковид-19.
Во тоа време, Бугарија беше заинтересирана за вакцината произведена од Јансен Фармецеутика НВ на Џонсон енд Џонсон. Подоцна таа потпиша договор со Фајзер, со кој обезбеди првични 125.000 дози – доволни за 60.000 луѓе – преку Стратегијата на ЕУ за вакцини по непозната цена.
Министерот за здравство, Костадин Ангелов изјави дека очекува вакцинирањето да започне набргу по 31 декември, а високите здравствени власти изјавија дека во план е во блиска иднина да се вакцинираат 70-75 проценти од населението.
Во соседна Романија, претседателот Клаус Јоханис, на почетокот на ноември, објави дека земјата, преку ЕУ, ќе добие 10 милиони дози вакцина против ковид-19 но повторно ништо не се открива за цената.
Јоханис рече дека првата серија од повеќе од еден милион дози ќе пристигне во текот на првото тромесечје од 2021 година.
Романската министерка за здравство, Нелу Татару вети дека владата „ќе набави вакцини за целото население“, но не даде детали од каде и по која цена. „Велат дека може да зборувате за имунизација откако ќе имате вакцинирано 60-70 проценти од населението“, рече Татару на крајот на ноември.
Во согласност со правилата на ЕУ, Букурешт вети дека ќе донира дел од доделените вакцини на соседна Молдавија, поранешна романска провинција со која има блиски јазични и културни врски.
Молдавија, овој месец, исто така побара поддршка преку иницијативата Ковакс.
„Сите земји-учеснички, вклучувајќи ја и Република Молдавија, независно од нивоата на приход, ќе имаат еднаков пристап до овие вакцини откако ќе бидат развиени,“ рече Министерството за здравство на земјата.
Меѓутоа, расте загриженоста околу трупањето вакцини од страна на богатите земји на сметка на сиромашните.
„Билатералните договори меѓу богатите земји, групи на земји и производители дефинитивно влијаат врз достапноста на производите во остатокот од светот“, вели Ана Врачар, која со години истражува глобални и локални здравствени прашања, како програмски координатор во Организацијата за работничка иницијатива и демократизација, БРИД, во Хрватска.
Врачар наведе проценка на Светската федерација на здруженија за јавно здравство, WFPHA, дека на тој начин, 80 проценти од дозите на вакцини што може да се произведат во 2021 година се веќе резервирани за земјите со високи приходи, кои сочинуваат само 20 проценти од светската популација.
„Во пракса, тоа значи дека останатите ресурси ќе бидат многу скапи и оттука недостапни за земјите со понизок приход“, рече Врачар за БИРН.
Во изјавата за БИРН од СЗО велат дека организацијата е посветена на „правичност и праведност“ во дистрибуцијата на јавни здравствени добра.
„Иако агенцијата не е наивна кога се во прашање тековните билатерални зделки и национални интереси, напорите на Ковакс да изгради глобално настојување за колективна акција можат и ќе го подобрат пристапот за сите, без оглед на однесувањето на поединечните земји,“ се вели во соопштението.
Покрај Ковакс, Србите ги меркаат и руските и кинеските вакцини
Според претседателот Александар Вучиќ, Србија преку Ковакс досега има обезбедено 1,8 милиони дози на вакцини, од кои првата пратка од 10.000 се очекува во декември, уште 340.000 во првото тромесечје од 2021, 500.000 во второто и третото тромесечје и 450.0000 во последните три месеци од годината.
Вучиќ рече дека веројатно станува збор за Фајзер, но и дека Белград преговара со православниот сојузник Русија, како и со Кина.
„Преговараме со секој што може да обезбеди вакцина, бидејќи ни се потребни поголеми количини“, изјави Вучиќ за медиумите.
Но, не е познато колку пари Србија ќе вложи во системот Ковакс или во билатерални зделки со други земји или компании. БИРН побара информации од Министерството за здравство, но не доби одговор.
Во Босна и Херцеговина, владата вели дека земјата треба да добие 1,23 милиони дози на вакцини следната година, преку системот Ковакс.
Од таму велат дека со тоа ќе се покријат приближно 20 проценти од населението, под претпоставка дека се потребни две дози од вакцината.
Но, како и Србија, Република Српска, исто така, се натпреварува за вакцината Спутник произведена од Русија.
„Интензивно преговараме со надлежните руски институции за испорака на вакцината Спутник и, реално, првиот контингент ќе биде испорачан во Република Српска, во февруари следната година“, изјави за новинската агенција Срна на 7 декември Душко Перовиќ, шеф на Претставништвото на Република Српска во Москва.
Меѓутоа, за вакцината да се користи легално, потребно е одобрение од босанската Агенција за медицински производи и медицински помагала, а не само од Министерството за здравство на Република Српска.
За некои, Ковакс е единствениот начин
Црна Гора се потпира единствено на Ковакс, кој го потпиша на 9 октомври. Подгорица се согласи да плати 646.000 евра за 248.800 дози, или доволно за 20 проценти од населението.
Тогашниот министер за здравство, Кенан Храповиќ рече дека иницијативата Ковакс е „најповолната опција за сите помалку развиени земји и земји во транзиција, вклучувајќи ја и Црна Гора, во однос на набавката на вакцина против ковид-19 бидејќи обезбедува висок степен на сигурност и транспарентност.“
Северна Македонија, исто така, очекува да добие 800.000 дози преку иницијативата Ковакс, а владата веќе издвои 6,7 милиони евра за да ги плати.
„Првата вакцина што ќе биде одобрена на пазарот ќе биде дистрибуирана подеднакво меѓу сите земји што аплицирале преку механизмот Ковакс“, соопштија од Министерството за здравство.
„Вакцината ќе ја добиеме во исто време кога ќе ја добијат и најразвиените земји. Не се знае точно кога, но се очекува тоа да се случи кон крајот на декември или јануари.“
Скопје, исто така, разгледува начини да обезбеди уште 800.000 дози директно преку производителите, вклучувајќи ги Фајзер и Астра Зенека.
Косово ја потпиша иницијативата Ковакс овој месец, а министерот за здравство, Арменд Земај, на Фејсбук објави дека 360.000 дози ќе бидат обезбедени бесплатно. Земај рече дека земјата планира да обезбеди вкупно 1,2 милиони преку различни канали.
Исмете Хумоли од СЗО во Косово, за Гласот на Америка, изјави дека вакцинацијата во земјата може да започне кон средината на март или на почетокот на април.