„Наставничке, кај мене ова не работи“. Обидот во паралелката од четврто одделение во едно скопско училиште да се испробаат сите карактеристики на новите дигитални учебници – пристап до видео и аудиосодржини, квизови и други алатки, завршил со различна успешност за секое дете.
Родителка раскажува дека учениците носеле електронски уреди од дома, најчесто таблети. Но, бидејќи секое имало уред со различен квалитет, некои понови и посилни, други послаби и постари, не можеле заедно и истовремено да го прегледаат учебникот.
„Децата дојдоа дома збунети и разочарани. Се случувало тие со посилен уред да отидат веќе на третиот чекор, додека кај тие со послаб да не успева ниту првиот“, вели една родителка, реагирајќи дека државата дозволила, на најдиректен начин, да доаѓаат до израз социјалните разлики меѓу учениците во одделението.
„Ако веќе се прави дигитална настава, би требало тоа да се направи со стандардизирани уреди што ќе ги обезбеди училиштето, а не со кој што нашол низ дома“, додава таа.
Првите десетина дена од дигитализацијата во образованието, која во експериментална фаза се воведе во прво и во четврто одделение со користење електронски учебници наместо хартиени, донесе доста забуни, дезинформации и технички проблеми, судејќи според реакциите што родителите на четвртоодделенците ги споделуваат на социјалните мрежи, во своите приватни групи или во разговори во живо. Оваа почетна несигурност се обидуваат да ја искористат бизнис-опортунисти, од една страна, и поддржувачи на конзервативни идеологии, од друга.
Кривично печатење
Обидите на некои фотокопирници да заработат нудејќи преку Фејсбук испечатени учебници по 700 денари за црно-бела и 1.400 денари за колор верзија завршиле неуспешно откако меѓу првите муштерии што им се појавиле на вратата биле истражните органи. Дел од нив добиле кривични пријави поради повреда на авторските права.
Следните денови, на ученици што се појавиле во училница со хартиен примерок од учебник направен на домашните печатачи, им било речено дека не смеат да користат такви материјали и дека нивните родители го прекршиле законот со тоа што ги испечатиле. Уплашени родители прашувале кај свои пријатели правници во колкава неволја би можеле да се најдат ако некој ги пријави дека дома нелегално умножувале училишни материјали.
„Ова е за лична употреба, не е за никакво продавање или заработка. Само сакав да му ги направам подостапни училишните материјали на моето дете. Дома имаме еден компјутер, кој не е секогаш достапен за учење. И сега треба да се грижам дали ми се заканува тужба или кривична пријава“, вели родител што ги испечатил наставните материјали.
Паниката во некои случаи достигнала толкави размери што дел од родителите ги фрлиле испечатените учебници „за да ги скријат доказите“.
Таблетите не се задолжителни
Дигиталните учебници може да се најдат на онлајн-платформата е-библиотека. Прво треба да се преземе соодветната јазична верзија, а потоа книгата може да се отвори и да се разгледува. На прв поглед изгледаат како обични учебници со страници што се вртат со движење на маусот или на прстот, кај електронските уреди што работат на допир. Разликата ја прават малите икончиња во горните агли на страниците – звучник за аудиоверзија на текстот, плеј за да се отвори видео како дополнителна содржина, прашалник за додатни прашања и други.
Во мрежите за родителски разговори ова предизвика реакции дека разликата меѓу овие учебници и обичните е премногу мала за образовниот процес да се искомплицира на овој начин и да се подложат нивните деца на експериментална настава.
Но, министерката за образование и наука, Мила Царовска, за БИРН, вели дека се погрешни впечатоците според кои сѐ е речиси исто и само ќе се чита од екран наместо од хартија. Според неа, како што повеќе ќе се користат дигиталните учебници, така и родителите, и наставниците, и учениците повеќе ќе ги согледуваат нивните предности.
На својот телефон таа покажа како децата ќе можат да решаваат квизови, да го проверуваат своето знаење, да гледаат видеосодржини и да слушаат аудиоверзии додека се на настава или дома.
„Знам дека има забуни. Ова е нов концепт за сите нас. Но, не може да биде решение да го напуштиме целиот концепт поради првичните забуни. Ќе ги решаваме со текот на времето“, вели министерката.
Таа додаде дека треба да се разбијат и некои други митови што се шират меѓу родителите, како на пример тој дека секое дете ќе треба да носи електронски уред од дома. Вели дека веројатно поради недоразбирање, некои наставници им упатиле такво барање на родителите. Инаку, како што објаснува, замена за учебникот во училницата треба да бидат електронските табли или другите уреди што се поставени, а уреди може да се носат само ако има дополнителни активности, како работа во групи. Таму каде што се појавиле технички проблеми при користењето на интерактивните табли, тие се решаваат тековно.
Во врска со печатењето на учебниците, Царовска појаснува дека не може да биде кривично дело кога тоа се прави во домашни услови и за лична употреба бидејќи материјалите секако се јавни и се достапни на интернет. Но, таа истакнува дека треба да се обесхрабри таа пракса бидејќи така се губи смислата на дигиталното образование. На хартија, нагласува министерката, не им се достапни интерактивните елементи што ги има во учебниците.
Страв од индоктринација
Додека Министерството се подготвува да ги решава недоразбирањата што се појавија на стартот од дигиталната учебна година, противниците на дигитализацијата неуморно го користат почетниот хаос за посилно да ги наметнат своите идеи. Станува збор за неформални движења, често организирани преку социјалните мрежи. Меѓу нивните аргументи зошто учебниците треба да останат во хартиена форма е и тој дека на тој начин во нив нема да се вметне родово сензитивно образование.
Според коментарите што ги пишуваат на социјалните мрежи, дел од овие граѓани сметаат дека со учебниците во дигитална форма нема да имаат можност да контролираат од што учат нивните деца, па се плашат дека може да им се вметнуваат родово сензитивни содржини што тие не би ги одобриле.
„Не знам како го помислиле тоа. Наставата се одвива според програма и таа не може да се менува со нечиј телефонски повик, без разлика дали учебниците се дигитални или печатени“, вели министерката Царовска.
На интернет се споделуваат и извадоци од наставни програми, во кои пишува дека наставникот треба еднакво да ги третира момчињата и девојчињата и да не им доделува родово стереотипни улоги. Тоа се презентира како „доказ за индоктринацијата што се подготвува“. Царовска објаснува дека тие препораки се однесуваат на тоа дека кога има наставни активности во кои децата се активни и играат некоја улога, треба да се води сметка девојчињата да не добиваат само традиционално женски улоги, како на пример работа во кујната, додека машките се на работа.
По експерименталната учебна година, наставата со дигитални учебници во следните години се планира да се прошири на повеќе генерации ученици.