Хасан Хасановиќ имал само 21 година, кога во јули 1995 година, ѝ се придружил на колона од околу 15.000 Бошњаци, кои бегале од заштитената енклава Сребреница, од нападите на војската и на полицијата на Република Српска.
Како и другите Бошњаци, и тој и неговите двајца браќа, се надевале дека ќе успеат да ја избегнат смртта или да не бидат фатени, бегајќи низ шумите кон територијата под контрола на Армијата на Бона и Херцеговина, во близина на Тузла, одалечена околу 100 километри од Сребреница.
„На една раскрсница, на 11 јули, се разделив со сопругата, со синот кој имаше шеснаесет месеци и со бабата, додека во секој момент паѓаа по две, три, пет гранати”, вели Хасановиќ во разговор за БИРН, во очи на одбележувањето на годишнината од масакрот во Меморијалниот центар Поточари, во четврток.
„Гледајќи како синот ми се сепнува и колку се плаши, мислев дека тоа ќе ми биде најтешкиот момент во животот. Но, страшните работи дојдоа подоцна. Во тој момент не знаев каде ми се браќата и мајка ми“, додава тој.
Кога дошол во селото Шушњари, одалечено неколку километри од Сребреница, Хасановиќ ги пронашол своите браќа, Хајро и Хасан, со кои, заедно со колона мажи и со помала група на жени и девојки, тргнал кон селото Буљим.
Бегајќи од заседите на Војската на Република Српска (ВРС), Хасан често попат ги губел браќата, а младиот Хајро, како што вели, последен пат го видел во Шушњари.
„Кога стигнавме на Каменичко брдо, соседот Осман, кој имаше околу 15 години, дојде кај мене и ми рече дека загинал брат ми Хајро. Кога го поминавме Буљим, тој беше на почетокот на колоната. Српските сили со противавионски митралез пукаа во првите редови на колоната“, раскажува Хасановиќ.
„Се вратив, но не му кажав на брат ми Хасиб што се случило. Се вратив околу два до три часа одење, и го најдов Хајро. Беше мртов. Му ја симнав јакната и со неа му го покрив лицето. Соседите Назиф и Мерсед, кои исто така беа убиени, ги покрив со гранки“, се сеќава тој.
„Земјата беше прекриена со мртви тела“
Во наредните два дена, Хасан изгубен талкал по шумата, честопати не знаејќи каде е колоната што се упатила кон Тузла, обидувајќи се да го најде Хасиб.
Во попладневните часови на 12 јули, пристигнал на Каменичко брдо, каде што околу 18 часа одмарал со поголема група Бошњаци. Меѓу нив го нашол и Хасиб. Но тука, српските сили им подготвиле заседа.
„Пред да се стемни, седнав со брат ми Хасиб под еден даб, на работ на една нива, каде што беше сосема тивко”, раскажува тој.
„Тогаш земјата почна да гори од куршуми. Мислам дека ниту еден хорор режисер, не би снимил такво нешто. Во тој момент можеби имаше 15.000 луѓе на Каменичко брдо. Немаше место каде да се спушти нога, земјата беше прекриена со мртви тела“, нагласува тој.
„Имаше сѐ уште живи луѓе кои беа без делови од телото, раце, нозе … Веројатно бараа помош. Некои молеа да ги убијат, за да не патат“, вели Хасановиќ.
Во заседата, Хасановиќ го изгубил својот брат Хасиб. Одел сам, повремено ќе налетал на некои луѓе од колоната или на заседа. Во шумата видел тела на стотици Бошњаци, некои од нив биле обезглавени.
Посебно впечатлив момент на патот, како што вели Хасановиќ, била средбата со едно момче во нова црвена тренерка.
„Нова облека во Сребреница беше нешто незамисливо. Веднаш се посомневав дека се работи за некој кој е уфрлен со цел да ја разедини колоната. Сепак, видов дека го знае теренот и му поверував“, рече тој.
„Откако се симнавме на Ѓугун, тој ми рече: ‘Ќе побрзаме, и не го гледај она на столот’. Веднаш над патот, на стол, имаше еден човек – нозете му беа врзани. Тој имаше здолниште на него. Образите му беа распорени и со безопасни закачени за ушите. Мислам дека немаше очи, не се гледаше бидејќи имаше многу крв“, вели Хасановиќ.
„Човекот беше сѐ уште жив, се обиде нешто да каже. Забележав дека му е отсечен половиот орган. Бев толку уплашен, што не чувствував желба за живот“, се присетува тој.
Кога пристигнале на планината Удрич, Хасановиќ повторно го сретнал момчето во црвена тренерка, кое водело група од 60 луѓе, меѓу кои бил и неговиот брат Хасиб.
„Подоцна за него велев дека е божје чудо. Дека господ го дал, дека не беше еден од нас, живите. Многумина ми се сведоци дека детето беше таму, и денес, кога се распрашувам за него, никој не го знае, ниту пак знае што се случило со него“, појаснува Хасановиќ.
„Кажи ѝ на мама дека не сум пател”
Хасановиќ, со својот брат и со група соседи, стигнал во местото Крижевиќ, каде што наишле на минско поле. Детонацијата го фрлила назад во шумата. Лазел за да го пронајде својот брат.
Тој го сретнал својот сосед Адмир, кој бил ранет, и тој му покажал каде е Хасиб.
„Во тој момент му ја ставив раката и се почувствува нешто како топол пудинг. Речиси целата рака ми беше на нешто слузесто. Всушност, јас раката сум му ја ставил на брат ми на стомакот. Тој беше сериозно повреден. Левата страна на стомакот му беше целосно распорена. Се гледаа цревата“, раскажува тој.
Двајца лекари, кои биле меѓу Бошњаците што бегале, му го преврзале стомакот и тој живеел уште девет часа.
Пред да влезат во селото Баљковица, додека го носел, Хасиб на Хасан му рекол да го спушти на земја, бидејќи повеќе не можел да издржи.
„Тој ме замоли да го земам во прегратка, во мојот скут. Лежејќи ми во скутот, ме погледна и ми рече: ‘Кога ќе ја видиш мама, кажи ѝ дека не сум пател’. Ми рече дека му е жал што нема да го види мојот син. Трипати воздивна и почина“, вели Хасановиќ.
„Тоа беше најтешкиот момент во мојот живот. И секој ден го гледам и го чувствувам тоа“, вели Хасановиќ низ солзи.
Решил, телото на брат му, да го носи до местото Незук, за да не остане на територијата контролирана од ВРС.
„Со неговото тело дојдов на стадионот во Незук, околу 18 часот на 16 јули. Не го чувствував како товар. Не ми беше тежок“, се сеќава Хасановиќ.
Во масакрот во Сребреница, 72 машки членови на поблиското семејство на Хасановиќ, биле убиени.
„Со години сум најстариот во семејството. Фала му на Бога, јас имам син. Тој израсна и го учам на вистината. Го учам да не мрази никого. Ја учам и ќерката на вистината, а не некого да мрази“, нагласува Хасановиќ.
„Ги учам да знаат што се случило и што може да се случи, ако заборават”, додава тој.