Во Општина Центар владее мнозинство, кое ги надминува партиските линии, а го спојуваат интересите и блискоста со градоначалникот, вели во интервју за БИРН, Јана Белчева-Андреевска, која вчера поднесе оставка од функцијата претседател на Советот на централната скопска општина.
Таа го предводеше Советот по локалните избори во 2017 година и имаше клучна улога во донесувањето неколку одлуки, како што беше мораториумот за градба, со кои општината се обиде да стане пример за запирање на нескротената експлоатација на просторот и за воведување похумани стандарди за живеење. Обидот, како што вели, не успеа поради неискрен пристап, недоволно залагање од градоначалникот и од администрацијата, и поради недоволна поддршка од советничкото мнозинство.
„Тоа не е мнозинство на позиција и опозиција, туку група луѓе што е побројна од слободно мислечките луѓе што сакаат да носат одлуки врз основа на факти и аргументи“, додава таа.
Совет што не сака да знае што прави градоначалникот
На факултетите за политички науки се учи за локалната самоуправа како облик на демократија, која е најотворена за учество на граѓаните бидејќи се носат одлуки што најдиректно влијаат врз нивните животи. Бројни политички аналитичари го објаснувале истото на ТВ дебати и во медиумски изјави пред секои локални избори во земјава.
Но, кога еден граѓанин ќе се обиде да се вклучи во локалната самоуправа, може да дознае дека реалноста е малку поинаква. Белчева влезе во советот како носител на листата на СДСМ, но не како член на партијата, туку како дел од граѓанската иницијатива „Здравје пред профит во Центар“, која се бори против градежната експанзија во општината, особено во Дебар маало.
Жестоките расправи меѓу неа и советници од СДСМ, како Ѓошо Вангелов, на кои биле сведоци медиумите што ја следеле работата на општината, покажаа дека таа не е таму за да одигра партиска улога. Од друга страна, нејзините обиди да обезбеди поддршка и од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот како Томислав Лазаров покажаа дека сака да ја направи локалната самоуправа локална.
„Јас искрено верував дека на локално ниво можам да придонесам барем со една капка во морето на промени, и затоа и прифатив да бидам дел од оваа советничка група“, вели Белчева-Андреевска.
Брановите на незадоволство ја исфрлиле капката, што било и директен повод за нејзината оставка. Откако општината одржала две седници онлајн, користејќи една платформа, Белчева вели дека по иницијатива на градоначалникот Саша Богдановиќ се сменила платформата и се одржало продолжение на седницата без неа.
Немало некои посебно чувствителни одлуки што морале да поминат без таа да учествува, туку нејзиното исклучување било резултат на продлабочени разлики меѓу неа, градоначалникот и мнозинството советници. Таа имала два предлога, кои по иницијатива на координаторот на СДСМ биле исфрлени од дневниот ред. Едниот бил да се достави информација за состојбата со буџетот на општината во време на кризната состојба, а со другиот се барало информација зошто градоначалникот не одговарал на прашања од граѓаните.
„Дванаесет такви прашања сакав да ми бидат одговорени бидејќи сметав дека тоа им го должиме на граѓаните. Крајно ми е нејасно советот да не сака да се информира за тоа, бидејќи јас не ги барам тие одговори за нешто приватно, не се однесуваат на мене, ниту имам некаков интерес. Тоа се проблеми што ги алармираат граѓаните. Некои од нив се претставки потпишани од десетици или повеќе луѓе, жалејќи се за дивоградби, за узурпација на простор, за случување во нивното непосредно место на живеење, со што им е нарушен мирот и спокојот. Поради тоа и сметав дека и советот треба да биде запознаен, но ете советот сам бара да не ги добие овие информации“, објаснува Белчева-Адреевска.
Неодговорна, а заштитена администрација
Непремостливите разлики меѓу претседателката на советот и градоначалникот, како што објаснува Белчева, биле поврзани со начинот на кој се раководела општината. Таа сакала понепосредно управување со поголема транспарентност и граѓанско учество, а градоначалникот и „интересната група околу него“ сакале општинската управа и администрацијата да ја задржи контролата врз донесувањето одлуки.
„Советот не најде за потребно да го промени деловникот и да отвори можност одлуките да се објавуваат пред да бидат донесени за да бидат искомуницирани со јавноста, слично како во системот ЕНЕР на централно ниво, каде што граѓаните може да ги коментираат предложените закони“, вели Белчева.
Не се прифатиле и нејзините иницијативи за да се воспостават критериуми со кои ќе може да се мери успешноста на работата во општината, перформансите, буџетот да биде отворен за граѓаните, да се рапортира за потрошените пари , да се носат заклучоци дали општината се движи во вистинска насока или не.
Резултатот од тоа, како што објаснува, е општина во која не се поставила јасна визија како треба да се развива, ниту таква визија е споделена со граѓаните, а владее некооперативно и нетимско работење.
„Во таа општина, еден сектор што издава одобрение за градба, не може да му даде на секторот кој планира колку точно одобренија се издадени од претходниот план, или колку постапки се почнати за да се види процентот на реализација. Или секторот што дава одобрение за легализација, не го информира секторот за планирање кои се започнати процеси за легализирање. Тоа е системски проблем, кој ова општинско раководство на чело со градоначалникот не успеа да го промени“, вели Белчева-Андреевска.
Поради тоа, како што додава, во оставката напишала дека без јасни цели, без сериозно управување и со неодговорна, а заштитена администрација, резултатите ќе ни останат поразителни, и ќе царува небезбедноста, неспокојот, неправдата и неодговорноста.
„И не мислам дека ова е само мојот глас, мислам дека е гласот на безброј други граѓани кои чекореа за промени, за чесност, за правда, за поубав живот за нив и за следните генерации“, додава Белчева.
Недостигот од транспарентност, заклучува таа, му наштетува и на најважниот процес што го води општината – анализата и ревизијата на деталните урбанистички планови и решавање на проблематичните точки.
Парите од градбата поважни од планирањето
Мораториумот за градење засега е заштитен со последната одлука што Советот ја има донесено, според која деталните урбанистички планови ќе се извршуваат (врз нивна основа ќе се издаваат одобренија) само ако се усогласени со Генералниот урбанистички план, во смисла на бројот на население што може да го има еден реон и јавните услуги што таму треба да се обезбедат.
Во целата таа процедура, за која и Белчева вели дека се одвива пребавно, има обиди од страна на планерските бироа да вметнат планови во кои има само козметички измени наместо вистинска ревизија, и повторно се предвидува градежна експанзија.
„Таков е планот за Буњаковец, во чиј опфат е и фабриката Треска. Ние не успеавме да добиеме точен податок за бројот на население во моментов, знаејќи колку објекти таму се изградени и колку семејства живеат, за да можеме да кажеме уште колку нови може да се населат за да овозможиме плански развој. Ако во тој опфат имаме едно училиште, една градинка, една културна установа, јавен простор, сето тоа со ограничен капацитет, што можеме на тие луѓе да им понудиме? Тоа се параметри по кои планирањето мора да се одвива “, нагласува Белчева-Андреевска.
Како е можно проектантските куќи, кои се приватни фирми, да имаат поголем удел во одлучувањето колку треба да се гради од народните избраници? Белчева објаснува дека тоа е резултат на тоа што тие не добиваат јасни насоки, односно општината нема јасна визија за уредување на просторот на начин што ќе овозможи поквалитетно живеење. Со таква визија, додава, проектантските куќи нема да ја имаат моќта да задоволуваат ситни апетити на поединци.
Недостигот од визија, таа го аргументира со тоа дека во годинешниот буџет општината одвоила само еден процент за урбанистичко планирање, а планира 50 проценти од парите што ќе ги троши да ги собере од надоместоци што се плаќаат за градење и уредување на земјиште.
„Ние планираме да заработуваме од нешто што треба добро да го испланираме, ама за планирањето не сакаме да одвоиме доволно средства. Јас дури и со амандман го барав тоа. Барав повеќе средства за да можат да се направат повеќе анализи, да се соберат повеќе податоци од терен, да се планира на една документациска основа во која ќе бидат сите информации вклопени. Не можеме да се базираме на податоци од последниот попис, кој одамна е застарен податок. Не можеме да се базираме на податоци од Катастарот ако внатре не ги има внесено сите новокреирани промени. Советот, како и градоначалникот, не сакаа воопшто да дискутираат за зголемување на средствата за урбано планирање“, вели Белчева-Андреевска.
Дебар маало е повторно маало, но до кога
Во Венеција се вратија делфините, дивите елени шетаат низ јапонските градови, а во скопско Дебар маало се врати маалскиот живот и домашната атмосфера, како резултат на пандемијата од корона вирусот и на затворањето на бројните угостителски објекти.
Белчева, како жителка на Дебар маало, вели дека местото се регенерирало откога почнала пандемијата и кафеаните не работат.
„Но се плашам дека ќе почнеме повторно да живееме во ненормална пресија во првиот момент кога ќе се нормализира ситуацијата, која е сега вонредна нели поради здравствената криза“, додава таа.
Стар е конфликтот меѓу локалното население и угостителите во Дебар маало, кое е едно од најпопуларните места за дружење и забава во Скопје. Досега ниедна локална самоуправа не го решила, особено не во полза на жителите, а Белчева не очекува дека тоа ќе се случи и сега.
„Летните тераси се посебна приказна. Сега треба да се носи програма за урбана опрема, жал ми е да кажам дека предложената програма ја прави прво проектантска куќа која досега има многу грешки направени во Општина Центар. Програмата е направена да биде доволно нејасна, нечитлива и апсолутно да не оди во насока на средување на она за што алармираат граѓаните дека им прави неспокој во живеењето, туку да ги овозможи и озакони дури некои од објектите како „урбана опрема“. Јас не мислам дека е урбана опрема летната тераса на кафеана што е изградена како трло“, додава Белчева
За тоа колку локалната самоуправа во Македонија е граѓанска, говори фактот дека од 80 општини, само во 17 има советници избрани од независни листи, а од вкупно 1.347 членови на локалните совети, само 30 се независни, или 2 отсто. Колку еден советник може да дејствува независно ако влезе преку партиска листа, пак, покажува примерот на Јана Белчева-Андреевска. Таа, сепак, верува дека промени се можни и дека сѐ што треба е народните избраници да се залагаат за повисоки цели.