Интервјуа

Зоран Кесиќ: Го разоткриваме системот на лаги и манипулации

Интервју со еден од авторите и водител на популарното српско сатирично шоу „24 минути“

  • 7
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Еден од авторите и водител на популарната емисија „24 минути“, Зоран Кесиќ, во интервју за БИРН зборува за придонесот на шоуто во борбата против пропагандата и раскажува како е да се живее и да се биде новинар во денешна Србија, нашата соседна земја, која тој ја опишува како опасно поделено општество по линијата на патриоти и предавници.

Тој ни ја долови Србија како место каде што полугласно се зборува за проблемите и каде што една партија и еден човек владеат со сеење страв и ги хипнотизираат граѓаните преку медиумите, кои во голема мера ѝ се наклонети на власта. Зборувавме и за лагите што за него ги печатат белградските таблоиди во служба на политичката пропаганда.

Во разговорот што го водевме преку Скајп, Кесиќ од својот дом во Белград не пропушти шанса и неколкупати да се пошегува, а кратко зборуваше и за своите идоли.

Емисијата „24 минути“ можеби е слична со она што денес го прави Џон Оливер во Америка, меѓутоа Кесиќ вели дека тој и неговото шоу, сепак, се под влијание на поранешниот комичар и водител Џон Стујарт.

„Ние во нозете имавме неколку сезони кога Џон Оливер почна да работи.“

Хуморот како штит од мака

Србија воведе строги мерки и полициски час заради заштита од корона вирусот и затоа Кесиќ и неговите колеги сега сценариото за емисијата го пишуваат од дома преку интернет. Неговиот впечаток е дека нема пад во квалитетот на шоуто, и покрај тоа што секоја недела обработува само една тема, онаа за корона вирусот.

„Тоа само по себе би требало да биде здодевно, меѓутоа емисиите се некако поинтересни и поживописни.“

„24 минути“ е популарна и во Македонија, често се споделуваат линкови од емисијата на Фејсбук или на Твитер, а и самиот Кесиќ забележал дека шоуто станува омилено и во регионот, во време кога светот се соочува со пандемија.

Растечката популарност надвор од Србија, тој ја објаснува со тоа што луѓето од бившите југословенски републики ја препознаваат и блиска им е смислата за хумор што се користи во емисијата. Според него, заеднички за сите нас е тоа што ја имаме традицијата на хуморот како штит од некои мачнини.

Пример е, вели тој, времето на Тито, кога само поради еден збор можело да се заврши на Голи Оток.

„Опасните времиња помагаат да се родат хуморот и сатирата, како некој одбранбен механизам од тој диктаторски режим. Тогаш хуморот се раскажувал полугласно, ама токму затоа и бил интересен, како некој вид забрането овошје.“

„Секако и мојот природен шарм придонесува за популарноста.“

Од оваа шега преминавме на посериозни теми. Нашиот впечаток е дека Србија во 2020 година е многу слична на Македонија во 2010 година, кога, пак, Македонија личеше на Србија од 2000-та под Милошевиќ.

„Опасните времиња помагаат да се родат хуморот и сатирата, како некој одбранбен механизам од тој диктаторски режим.“ 

Кесиќ не е сигурен дека српските политичари учеле од македонските или обратно, ама убеден е дека тие се однесуваат според една единствена желба, а тоа е да опстанат и да останат што подолго на власт.

„Целта им е иста, а се испостави дека слични им се и средствата преку кои доаѓаат до неа.“

Разговарајќи со Кесиќ, не можевме да ги избегнеме сличностите меѓу Србија денес и она што се случуваше во Македонија во последната деценија. Власта во Белград, која ги контролира сите општествени полуги, исто така посегнува по грандиозни архитектонски проекти.

Ако кај нас тоа беше Скопје 2014 со огромниот споменик на Александар Македонски и со галиите во Вардар, на север се подготвуваат проектот Белград на вода, грандиозен споменик на српскиот кнез Стефан Немања, а во план е и изградба на гондола на местото каде што Сава се влева во Дунав.

„Таа грандиозност е можеби нешто што нè поврзува, а всушност станува збор за кулиси.“

Целта на овие потфати, смета тој, е да се замачкаат очите на граѓаните, бидејќи многу работи во Србија не функционираат и целиот систем е гнил.

„Вие тешко можете да најдете работа кога ќе завршите факултет, ако немате некоја врска или ако не сте член на владејачката партија.“

„Јас мислам дека Српската напредна странка (СНС) има најголем број членови од сите партии во Европа. Тоа е нешто неверојатно. Имаат некои 700.000 членови.“

Брутална политичка доминација на Вучиќ

„Секој обид за вистина се карактеризира како предавство на Србија.“

Низ разговорот се вративме во времето по 5 октомври 2000, по падот на Милошевиќ, за да ја поставиме дилемата зошто Србија си дозволи на власт да дојдат директните политички ученици на еден Војислав Шешељ и на Слободан Милошевиќ.

„Се надевавме дека кога ќе го победиме Слобо, ќе стигне слободата, демократијата, дека ќе имаме еден радикален полет кон Европа. Мислевме дека буквално сѐ ќе процвета.“

„Навистина имавме идеали. Сите верувавме дека ‘миц по миц’ ќе се качуваме на скалите на напредокот.“

Но, и по поразот на Милошевиќ, раскажува Кесиќ, криминалците опстанале, истите бизнисмени и политичари. Медиумите што го поддржувале Милошевиќ се свртеле на страната на новата власт и понатаму системот се базирал на корупција и на партиска припадност.

„Тогашната демократска власт немаше доволно сила, памет, енергија, а можеби ни храброст за порадикални промени и за посериозно соочување со минатото. Тие едноставно шуруваа со стариот гнил систем.“

„И за тоа луѓето беа лути и таа власт конечно беше казнета со поразот на Борис Тадиќ на претседателските избори.“

Нашиот соговорник не се впушта во анализи за тоа дали и каде Србија згрешила со тоа што поранешниот ученик и сопартиец на Шешељ, Александар Вучиќ сега е најмоќниот човек во државата.

„Не знам дали згрешивме, народот така сакаше.“

„Мое е работите да ги набљудувам објективно, а она што го гледам е дека во Србија е на сила брутална доминација на една партија, едноумие кое во своите канџи држи поголем дел од медиумите и сите институции“.

„Избегнувањето на важните општествени теми е полошо отколку да се сервираат тие теми на начин на кој власта сака да му се сервираат на народот, бидејќи така излегува дека проблемите не постојат.“

Србија денес е едно поделено и конфронтирачко општество, кое посебно зоврива во вонредните услови на пандемијата проследена со полицискиот час. Тоа се гледа дури од Скопје.

Една од последните манифестации на таа опасна поделба, вели Кесиќ, е ситуацијата во која за време на полицискиот час, симпатизерите на владејачката Српска напредна странка (СНС) палат „факели“ на покривите од белградските згради, како еден вид контрапротест на тоа што дел од граѓаните од своите тераси чукаат по тенџериња револтирани од власта.

„За таа поделеност на народот, која може да пламне во еден момент, навистина не може да обвиниме никој друг, освен власта.“

Тој не се сеќава дека една партија имала толку убедлива предност во српскиот Парламент и вели дека СНС има сѐ во своите раце.

„Луѓето од СНС се многу посветени на тоа. Не пуштаат да се појави едно дупче на тој гумен чамец од нивната власт. Веднаш го затвораат, колку и да е мало“, се надоврзува Кесиќ.

„Ако има локални избори во село од 300 жители, тие ќе направат прес-конференција за медиуми во Белград за да се пофалат дека во селото освоиле 99,99% од гласовите.“

Тој вели дека СНС ги „поседува“ и мејнстрим медиумите, од пет телевизии со национална фреквенција, четири се директно пропагандно средство на Српската напредна странка.

„А, јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС) е како ној што ја забива главата во песок.“

„Што е полошо! Избегнувањето на важните општествени теми е полошо отколку да се сервираат тие теми на начин на кој власта сака да му се сервираат на народот, бидејќи така излегува дека проблемите не постојат.“

Паралели со Македонија од пред неколку години има и во начинот на кој власта ги третира критичките медиуми.

„Секој обид за вистина се карактеризира како предавство на Србија.“

„Новинарот што ќе постави прашање што не ѝ се допаѓа на власта, веднаш се карактеризира како предавник, што е многу опасно, бидејќи става мета на челото на многу новинари“.

Заканите од Аца Лукас не се случајни

„Од обичните луѓе на улица јас добивам само симпатија, љубов и поддршка.“

И во Македонија одекна веста дека турбофолк-пејачот Аца Лукас, преку еден од српските таблоиди, им се заканува на Кесиќ и на водителот Иван Ивановиќ, зашто наводно во нивните емисии ги повикувале пензионерите да не го почитуваат карантинот и со тоа го загрозувале животот на неговата мајка.

Кесиќ вели дека најлошо е што заканата се темели на потполно лажна премиса, а тоа е дека двајцата новинари ги повикувале пензионерите да излезат надвор и да го кршат карантинот.

„А, вистината е сосема спротивна.“

„Јас сум убеден дека тој пејач не ја гледа нашата емисија. Тој ни е небитен нам и ние сме му небитни нему. Пејачот не ми е важен во целата приказна, бидејќи тој може да зборува што сака, меѓутоа весниците за кои тој зборува избираат што ќе стават на своите страници.“

Кесиќ овој напад не го смета за изолиран случај и нешто што е надвор од досегашните пресметани напади на власта врз новинарите. Причината за оцрнувањето ја гледа во тоа што и децата и пензионерите ја сакаат емисијата и оти „24 минути“ им се допаѓа на луѓе од различен образовен или социјален бекграунд.

„Емисијата им е драга на луѓето и ја исчекуваат. Цели семејства ја гледаат.“

„И тоа можеби е опасноста, бидејќи тие (н.з. луѓето од власта) тоа не можат никако да го остварат. Не можат да направат луѓето искрено да ги сакаат. Знаете ли колку се трудат да ги сакаат децата? Се обидуваат да се прикажат во некоја спонтаност, ама не можат. Се гледа дека тоа е одглумено.“

Во ваква политички поларизирана медиумска средина, граѓаните на Србија и немаат некој голем избор од каде да се информираат.

Нашиот соговорник вели дека просечниот човек во Србија гледа РТС и Пинк и чита таблоиди преку кои му се сервира владината пропаганда. Власта, смета Кесиќ, го користи тоа што луѓето сѐ уште веруваат дека штом нешто пишува во весник или го има на телевизија – тоа мора да е вистина.

„Просечниот граѓанин е целосно хипнотизиран од влијанието на медиумите, следи ријалити шоуа и меѓу нив гледа вести кои му го полнат мозокот со успесите на Вучиќ, со тоа како нашата економија е најдобра во Европа.“

Затоа тој си поставил задача со емисијата да го разоткрива тој систем на лаги и на манипулации, кој функционира со години.

Го прашавме Кесиќ дали емисијата „24 минути“ успева во таа намера да ја деконструира пропагандата и дали нејзината порака излегува надвор од социјалниот меур во кој се независните медиуми и интелектуалците.

Нему му се чини дека шоуто ја постигнува таа цел. Тоа го доловува на шега. Вели дека по толкава црна кампања против него, би требало граѓаните да го напаѓаат и да го тепаат секогаш кога ќе излезе од дома, рацете и нозете да му се искршени. Меѓутоа, реалноста, потенцира тој, е сосема поинаква.

„Униформирани војници, полицајци, офицери сите полугласно ни велат: Уште посилно да ги ‘удрите’.“

„Од обичните луѓе на улица јас добивам само симпатија, љубов и поддршка.“

Зоран Кесиќ сакаше да го завршиме интервјуто, како што се вели на „позитивна нота“, со неговите спомени од Македонија. Тој се присетува дека често со семејството летувал во Охрид и во Струга, уште го помни мостот под кој Црн Дрим се влева во езерото, а го посетувал и Штип, каде што неговиот брат служел војска.

„Многу убави сеќавања имам од летувањата на Охридско Езеро со мојата фамилија. Одевме по сите тие прекрасни стари манастири.“

Во меморијата му е врежана една слика од престојот во село близу Охрид.

„Луѓе собрани околу една долга дрвена маса, пијат вино и пиво и пеат македонски песни. А, јас како дете слушам, ноќта е ѕвездена и мириса на природа. Е, тоа е Македонија од моите спомени.“