Интервјуа

Денот на трудот во дијалог за спас на работниците

Уредбата за дозвола за отпуштања била лошо искомуницирана, вели во интервју за БИРН, вицепремиерката Мила Царовска

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На нож во јавноста беше дочекана одлуката на владата на само два дена пред Меѓународниот ден на трудот да им дозволи на компаниите да отпуштат до 15 отсто од вработените за да може да ги користат мерките за справување со последиците од корона вирусот.

Ова наиде на гнев на социјалните мрежи, oсобено бидејќи програмската определба на владата има социјалдемократска идеолошка матрица, во чиј фокус се работниците и нивните права.

Подлога за ваквиот амбиент несомнено беше и одлуката на уставните судии, според која, тие заедно со нивните колеги-судии, обвинители и функционери да не добијат минималец, туку цела плата за април и за мај, па оттука и критиката дека товарот од кризата најмногу ќе падне врз приватниот сектор и обичните граѓани.

Во економија што се бори за кислород, за првпат работниците и работничките права на Први мај, Денот на трудот, не паднаа во непромислениот избор како да се помине денот, дали пред скарата или на протест за права.

За последиците од ослабената економија кои ги таргетираат работниците и за оправданоста на владините мерки за заздравување на бизнисот по кризата, но и за други актуелни теми разговаравме со релативно новата вицепремиерка за економски прашања, а поранешна министерка за труд и социјални политики во Владата, Мила Царовска.

Одлуката за кратење вработени – брза и со комуникациски шум

Вицепремиерката не се сложи дека недоволно ја има во јавноста за време на кризата | Фото: БИРН (2018)

Доцна навечер по напорниот ден исполнет со состанокот со синдикатите, Царовска во телефонско интервју за БИРН рече дека е задоволна што веднаш по острите реакции во јавноста започнале дијалог со социјалниот партнер за спорната владина уредба за дозвола на отпуштања за фирмите што ќе аплицираа за финансиска помош, но пред да ги усогласат ставовите не сакаше да открие што преговарале.

Само рече дека средбата поминала конструктивно и дека тоа се должи на „капиталот“ и довербата што оваа власт ја изградила заедно со синдикатите низ изминатите години на дијалог и партнерски однос.

Царовска призна дека владината уредба, која предизвика лавина реакции кај синдикатите, а овозможува кратење до 15 отсто од вработените во фирмите што ќе можат да добијат финансиска помош, не била најдобро искомуницирана со јавноста и со синдикатите.

„Во начинот на презентирање на самата уредба се создаде некое недоразбирање, но во секој случај барањата на синдикатите и здруженијата остануваат, таа уредба да се измени и да биде побалансирана меѓу потребите на работодавачите и работниците, а во заштита на работниците и мислам дека тоа наскоро ќе се усогласи“, рече Царовска.

За 10 дена луѓето почувствуваа дека не сум присутна

Царовска вели дека постојано е на координативните средби и на состаноци во Владата и не се сложува со впечатокот дека не е присутна во јавноста за време на кризата.

„Преоптоварување на медиумскиот простор со себе е непотребно“, вели таа и дополни дека излегла заедно со владините министри да ги појаснат мерките за граѓаните и фирмите.

„Јас сакам да е чиста позицијата кога решавам да комуницирам. Не излегувам предвреме“.

БИРН ја праша вицепремиерката на што се должи промената на политиката на Владата, која првично пропагираше критериум за добивање помош да биде фирмата да не отпуштила работници, а потоа ретерираше.

Царовска рече дека промената, меѓу другото, се должи и на критериумите што ги изнеле меѓународните финансиски институции за да ѝ дадат пари на државата за да се преброди кризата.

Последната измена на уредбата беше поврзана и со критериуми што меѓународните финансиски институции сега ги предлагаат, конкретно сега и Светска банка, зашто овие 50 милиони евра треба да дојдат од таму“, вели таа.

Предлогот на финансиските институции бил да се одржат „виталните фирми“, со тоа што ќе им се дозволи да го намалат бројот на работници, кои, пак, би добиле заштита од државата, а притоа на работодавачите да им се даде можност досегашните отпуштени работници во кризата да ги пресметаат како дел од тој процент.

„Светска банка обично препорачува заштити го работникот, а не работното место, но во оваа специфична криза и тоа стои во нивните извештаи конкретно, се вели, се трудиме да ги заштитиме работните места. Затоа што работното место ако сега остане отворено, посигурни сме дека побргу ќе се врати економијата потоа, отколку ако се затвори работното место“.

„Ние ќе ги заштитиме работниците“, тврди Царовска.

Колку одвојува Македонија за поддршка vs регионот и Европа

2% од македонската економија за справување со последиците по коронавирусот | Фото: БИРН / В. Маглешов

Податоците од Националната алијанса за локален економски развој од Белград, од 27 април, за 36 земји покажаа дека вредноста на економскиот пакет како процент од националниот бруто домашен производ (БДП), за Македонија е најнизок од земјите во регионот и изнесува само 1,2% од БДП, а со тоа е најсиромашен во Европа.

Според податоците, Албанија издвојува 1,3%, Бих 3,5%, Грција 5%, а на прво место е Србија со 11% од БДП.

Царовска рече дека не ја видела таа анализа, но цени дека Македонија издвојува повеќе од тој процент.

„Не сум ја прочитала анализата, ама ние не сме 1,2%, по мое, туку сме 2% од БДП, но да провериме…“, рече таа.

Објасни и дека Македонија сега ги насочува финансиските средства и дека првите исплати ќе се случуваат во мај и во јуни, а тоа ќе продолжи до крајот на годината.

Не го коментирам Уставен, нашите функционери ќе донираат

„Ние како влада направивме чекор на солидарност и брзо и со консензус ја донесовме таа уредба, зашто сметавме дека тие што имаат најмногу, треба да дадат“, со овие зборови Царовска реферираше на привремената мерка на Уставниот суд да ја замрзне одлуката за намалување на платите на судиите, обвинителите и функционерите.

„Мислам дека засега се насочува добра алокација на средства. Сето она што ќе се покаже дека е недоволно, јас сум сигурна дека ние заеднички ќе го следиме со сите партнери“, додава Царовска, не заборавајќи да истакне дека важна е и ликвидноста на буџетот.

„Светска банка покажа позитивен сигнал. Нашата економија ќе биде една од оние што ќе претрпи најмалку последици, што значи дека нашето справување засега е добро позиционирано“, вели Царовска.

Оценува и дека со реформите што ги направиле во изминатите две и пол години, поподготвени го дочекавме ударот од кризата.

„Замислете во ваква ситуација да немавме зголемена минимална плата за 60 отсто, односно на 14.500 денари? Или да оставевме 12.000 стечајни работници материјално необезбедени? Или околу 30.000 домаќинства на социјална помош од само 3.000 денари. Сите овие лица во овој тежок период имаат за основна егзистенција“, вели Царовска.

Остана недонесен новиот Закон за работни односи

Власта не успеа да го донесе новиот Закон за работни односи, кој беше во завршна фаза | Фото: БИРН / В. Маглешов

„Она што како министерка за труд и социјална политика не успеав да го реализирам во целост е носењето нов закон за работни односи“, ова е оценката на Царовска за тоа што од ветеното како министер за труд во владата на СДСМ не успеале да го остварат.

„Нацрт-текстот на ЗРО го водевме чекор по чекор цела година и на крајот предлог-текст беше испратен до академската заедница, речиси и да беше усогласен од сите страни за да имаме и флексибилност и сигурност на работните места“, вели таа.

Процени дека би биле доволни уште три месеца за овој закон да се донесе, но за тоа, вели таа треба широк консензус и јавна дебата.

„Овој закон мора да се донесе со јавна дебата, во која ќе се соочат сигурно спротивни мислења. Тој закон, ако не се донесе со консензус, тогаш е само хартија“, вели таа.

За Први мај – полуработно

„Работодавачите да се обидат да ги остават работниците да си го испочитуваат Први мај“ вели Царовска | Фото: БИРН

Денешниот ден, Први мај, Царовска рече дека ќе го помине полуработно, поради натамошни состаноци и консултации за прашњата за владината уредба.

„Искрено се надевам дека ќе можеме со синдикатите, организациите и со работниците заеднички да си го честитаме празникот, со тоа што она што денеска го договоривме за оваа уредба и донесување друга, тоа јавно да го објавиме. Ако успееме да го направиме тоа, навистина јас ќе бидам среќна“, вели Царовска.

Смета дека има унапредување во синдикалното организирање, ако се споредиме со периодот пред четири години, кога, како што рече, „претседател на синдикат не беше пуштен да влезе во сопствените простории“.

„Следењето на политиките на Владата од страна на синдикатите е многу посилно, а тоа го носи демократскиот амбиент и слободата. Синдикалното движење и тоа како е послободно“, заклучи Царовска.