Интервјуа

Шапкова-Коцевска: Недостигаат многу засолништа за жртви на семејно насилство

Интервју со Катерина Шапкова-Коцевска, професорка на „Јустинијан Први“

Жените сè почесто се жртви на своите партнери во домот, има и смртни случаи, како трагичната смрт на Ивана и Катја. Па затоа, оваа тема станува сè поприсутна тема во медиумите.

Освен известување за случаите на насилство, слушаме и заложби од високи владини функционери, како онаа на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за решавање на овој проблем.

Но, кога е во прашање инфраструктурата што би требало да ги поддржи жртвите на насилство, како засолништа (шелтери на англиски) или советувалишта, нашата земја сериозно заостанува со воспоставување и финансирање на овие услуги.

Иако, Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство во 2018 година, ланскиот извештај од Државниот завод за ревизија (ДЗР) покажа дека се  потфрлува во имплементацијата на заложбите од конвенцијата.

Овој месец, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство промовираше клучни наоди и препораки од Анализата за трошоци за специјализирани услуги за жртви на родово базирано и семејно насилство.

Анализата е дел од регионално истражување за трошоците на овие услуги во земјите од Западен Балкан.

Еден од најфрапантните податоци што беше изнесен на промоцијата на Националната мрежа беше дека во Македонија се издвојуваат од 2,5 до 4 милиони денари годишно (40 и 65 илјади евра) за финансирање на сите шелтери во земјава, што не ги задоволува ниту еден отсто од реалните потреби за овој сервис.

Односно, во истражувањето се наведува дека доколку во следната година се воспостават сите шелтер-центри што се предвидени според Истанбулската конвенција, државата би требало да инвестира околу 400 милиони денари (6,5 милиони евра).

Недостасуваат и повеќе советувалишта каде што жртвите на насилство може да добијат психо-социјална поддршка. За разлика од шелтерите, советувалиштата не се на тајни локации и се предвидени како места каде што жртвите може да добијат бесплатни сесии со психолог и други услуги.

БИРН разговараше за ова истражување и за трошоците за спрецијализираните услуги со Катерина Шапкова-Коцевска, професорка по економија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која беше дел од тимот експерти, кои го спроведоа истражувањето на Националната мрежа и учествуваше во делот на подготовката на финансиската анализа.

БИРН: Колку легла во засолништа има во државава, а колку треба да има според обврските од Истанбулската конвенција?

Шапкова-Коцевска: Ги користевме наодите на Државниот завод за ревизија, според кои во земјава има седум засолништа што се воспоставени преку центрите за социјална работа, каде што има 48 легла и три засолништа што се воспоставени преку невладините организации, каде што има уште 19 расположливи легла.

Според Истанбулската конвенција, стандардот вели дека на 10.000 жители треба да има најмалку едно семејно легло, при што тоа значи за сместување за жената и за нејзините деца.  Според тоа, нашите пресметки покажаа дека имаме недостиг од 377 легла, или 85 отсто помалку легла.

БИРН: Какви услуги треба да се достапни во шелтрите и како треба да се воспостават? 

Шапкова-Коцевска: Проблемот кај постоечките шелтери е што и Државниот завод за ревизија наоѓа дека голем дел од нив се во состојба што не ги исполнува минималните стандарди за шелтер. Односно, голем дел од нив се де факто воспоставени, меѓутоа не функционираат поради условите.

Според стандардите од Истанбулската конвенција и според соодветниот правилник, во еден шелтер мора да има координатор, социјален работник, психолог или психотерапевт и негуватели, па во нашата анализа предвидовме плати за нив.

Во нашиот модел претпоставивме дека за еден шелтер-центар треба да се ангажираат најмалку пет негуватели бидејќи негата треба да биде достапна 24 часа, седум дена во неделата, бидејќи центарот нема класично работно време.

Потребни се и средства за закупнина, ако просторот не е во сопственост на давателот, комунални расходи за струја, вода, интернет и други трошоци.

Клучно е што сите овие трошоци не треба да зависат од бројот на корисници.

Моментално, државата ги финансира шелтерите по принцип на исплаќање по дадена услуга. Односно, давателите на вакви услуги добиваат средства од државата според тоа колку денови престојувале корисниците во шелтерите.

Меѓутоа, проблемот се јавува во тоа што едноставно не се воспоставени доволно шелтри, што значи дека бројот на дадените услуги е мал, а со тоа мали се и средствата што се одвоени од државата за услугите што се нудат во шелтерите.

Односно, ако нема шелтери, ќе нема ни корисници. А со тоа ќе нема средства што се доделени за финансирање на шелтерите.

Сметаме дека ова е неодржливо бидејќи шелтерот мора да постои и кога во моментот нема корисник. Истанбулската конвенција не вели дека само ако дојдат 10, 20 или 30 корисници, тогаш ќе функционира шелтерот. Мора да постои и кога хипотетски ниту еден корисник не би се јавил.

За тоа да функционира, треба да го смениме моделот на финансирање и треба да се одвојат средства на почетокот на годината, без разлика дали има корисници или не.

Ако има жртва што нема каде да биде згрижена бидејќи нема шелтер, тоа е сериозен проблем. Тоа значи дека жената што има потреба од тоа, ќе мора да остане во насилната средина дома или да бара други алтернативи за да излезе од домот.

БИРН: Освен недостигот од шелтери, кои се најкритичките точки во системот на заштита на жртви на родово базирано насилство и што може да направи државата во следните неколку години за да ја подобри ситуацијата?

Шапкова-Коцевска: Според нашите пресметки и податоците од Државниот завод за ревизија, моментално недостасуваат околу осум советувалишта. Тие добиваат средства и од општините, но потребни се дополнителни финансии.

Постојниот модел на финансирање е по час советување, но ние предлагаме сличен модел како кај засолништата – советувалиштето да постои и да биде достапно без оглед на побарувачката.

Наместо да се финансира само по одржана психотерапевтска или друга сесија, ние велиме дека трошоците за просторот и вработените треба да се финансираат независно од бројот на корисници за да се обезбеди одржливост.

Исто така, специјализираната услуга за долгорочен третман на жртви на сексуално насилство воопшто не е воспоставена, ниту, пак, има норматив за неа. Претпоставивме дека оваа услуга привремено би можела да се дава во советувалиштата, каде што би се издвоиле средства и за овој вид психотерапевтски услуги.

Имаме и недостиг од упатните центри на жртви од сексуално насилство, кои треба да се наоѓаат во болниците. Имаме воспоставено само три такви центри – во Скопје, Тетово и во Куманово, а треба да има десет. Со постоечките се покриени само три региони, а на пример во Пелагонискиот, Југоисточниот, Југозападниот, Источниот и Вардарскиот регион нема такви центри.

Државата мора да понуди и најмалку една СОС-линија согласно стандардите. Таа треба да има информациска улога и да биде достапна 24/7 на македонски, албански и на други малцински јазици. Пресметавме дека една таква линија би чинела околу 3,8 милиони денари на годишно ниво.