Вести

Поништен тендерот што требаше да го добие компанијата на Крис Павловски

Пропадна првиот државен тендер што го доби фирмата „Рамбл клауд“

Новоотворената компанија „Рамбл клауд“, која е во сопственост на „Рамбл клауд инк“ на канадско-американскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски, беше на чекор да добие прв тендер од Министерството за дигитална трансформација за изнајмување клауд платформа, односно, систем за чување и обработка на податоци преку надворешни сервери.

Станува збор за фирма основана во јануари годинава, во која директори се самиот Павловски и Брандон Александрофф.

Министерството ја избра како најдобра понудата на „Рамбл“ од три понудувачи, но Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништи постапката, откако конкурентската „Интерспејс“ се жалела за одлуката.

„Интерспејс“ тврди дека податочните центри на „Рамбл“ не ги исполнуваат условите од тендерот, според кои, тие требало да бидат во земји-членки на НАТО или ЕУ и во различни сеизмички зони.

„Иако САД се членка на НАТО алијансата, со понудата не е доставен соодветен доказ дека предложените локации ги исполнуваат сите кумулативни барања од техничката спецификација“, пишува во жалбата.

„Рамбл Клауд“ не доставила сертификат за сеизмичка стабилност. Не била доставена правна и техничка документација која би гарантирала дека обработката и чувањето на личните податоци надвор од Европската унија е во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Според наводите во жалбата, „Рамбл клауд“ не докажал дека има претходно спроведен договор од најмалку 800 илјади евра, како што барало Министерството за дигитална трансформација во тендерот.

„Интерспејс“ го оспорува тоа што „Рамбл клауд“ немал валиден ИСО сертификат, туку бил во процес на добивање. Во документот стои и дека на „Рамбл клауд“ ѝ било дополнително дозволено да ја дообјаснува и менува техничката понуда.

Жалбата содржи и наводи дека биле приложени контакти за техничка поддршка како нецелосна меил адреса и бил наведен американски телефон за контакт. Во понудата не било јасно која компанија „Рамбл“ за што ќе биде одговорна.

Изјавите што ги поднела компанијата биле заверени на нотар во Канада, а не во САД: „Нотар од трета држава нема надлежност да потврдува факти поврзани со правниот и институционалниот систем на САД“, пишува во жалбата.

Во одговорите на жалбата, пак, Министерството тврди дека „Интерспејс“ дал неточни и паушални тврдења.

Според одговорите, Министерството тврди дека САД се членка на НАТО, и затоа податочните центри ги исполнуваат тендерските услови. Во тендерот не се барал локален број, туку само „функционална поддршка“.

Министерството наведува дека „Рамбл клауд“ имал претходни договори за изнајмување клауд кои вредат неколку милиони долари, а исто така, тврдат дека не биле правени измени во понудата, туку биле давани само појаснувања.

Во врска со наводите за канадскиот нотар, Министерството објаснува дека нотарот потврдува само идентитет и потпис, а не содржината на документите, а во делот за недоставување сертификат за сеизмичка стабилност, објаснуваат дека тендерот не барал тој документ да се достави веднаш со понудата.

Иако жалбата содржела повеќе забелешки, Комисијата ја уважила во делот што се однесува на недоставениот ИСО сертификат и ја поништила одлуката за избор на најповолна понуда.

„Рамбл клауд“ има право да го оспори ова решение пред Управниот суд.

По изборот на владата во 2024, Павловски допатува во Скопје заедно со Девин Нунес, директор на „Трамп медиа“, претседавач на Советодавниот одбор за разузнавање на претседателот Доналд Трамп. Со нив во Скопје допатува и сопственикот на инвестициската компанија „Кантор Фицџералд“, Хауард Лутник, кого Трамп го назначи за секретар за трговија.

Министерот за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, пак, при посетата на Павловски на Македонија, рече дека разговарале за партнерство со „Рамбл“ во врска со „изградба на современи национални центри за податоци“.

Минатитот месец, Министерството информира дека успешно завршил стратешкиот дијалог помеѓу Македонија и САД во Вашингтон за сајбер-безбедноста и дигиталната инфраструктура со поддршка од пет милиони долари.