„Виновни се“, рече судијката Лидија Петровска на објавата на пресудата за тројцата полицајци обвинети дека ја злоупотребиле службената положба за дискотеката „Пулс“.
Тројцата локални полицајци Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков добија условни казни, но ниту тие, ниту нивните адвокати не дојдоа да ја чујат пресудата.
Богатинов и Лазаров добија условна казна затвор од по една година која нема да се изврши, ако во следните три години не направат ново кривично дело, а Темелков доби две години условна затворска казна, која ќе биде активна ако во следните четири години направи кривично дело.
Во судницата, покрај судијката, новинарите и снимателите, присутна беше само обвинителката Спасенка Андонова.
Тоа е првиот предмет за дискотеката „Пулс“, кој добива неправосилна пресуда. Ова судење почна на 31 март и заврши за четири рочишта.
Судијката Петровска рече дека полицајците од октомври 2023 до февруари 2024 година пишувале записници за прекршоци, за пропуштање малолетници, но во нив внесувале неточни податоци.
Наместо за активната фирма, ММММ Кафе ДООЕЛ од Кочани и одговорното лице Митко Стојанов, прекршокот го внесувале на фирмата „Класик ДМ ДООЕЛ“ од Кочани.
„Дејствијата на обвинетите не претставуваат само формален пропуст. Напротив. Утврдувањето на носителот на дејноста е суштински елемент подеднакво важен како и констатитраните прекршоци“, кажа судијката. Таа додаде дека обвинетите своите службени должности ги извршувале само привидно.
„Формата била запазена, но суштината изостанала“.
Откако пресудата ќе биде напишана и ќе им биде доставена, обвинетите имаат право да се жалат до Апелацискиот суд, а треба да платат и судски паушал од по седум илјади денари.
Правда на рати

Судско рочиште за „Пулс“ | Фото-архива: БИРН
Освен овој предмет, обвинети полицајци има и во другите две обвиненија на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Двајца од обвинетите што денеска беа неправосилно осудени се обвинети во по едно од тие две обвиненија за кои се водат одделни постапки.
Богатинов е обвинет и во предметот со 13 полицајци кој штотуку почна да се суди.
Според обвинението полицајците на 16 март заедно со колегите спроведувале т.н. план за акциска контрола на угостителски објекти, без да проверат дали се спроведени сите безбедносни проверки и дали се испочитувани сите стандардни оперативни процедури.
Полицајците не презеле мерки за заштита на присутните, ниту пак, за да спречат активирање на пиротехничката опрема на сцената, која не била пријавена во кочанската полиција. На овие обвинети им се закануваат високи затворски казни, како и во големиот предмет, кој е во фаза на судење.
Темелков, пак, кој денеска беше неправосилно осуден е обвинет во третото обвинение кое е за деветмина полицајци, обвинети за пропуштање на службените обврски за издавање согласност за дискотеката да добие лиценца.
Во обвинението пишува дека иако објектот немал доволно паркинг-места и имало пријавено нарушувања на јавниот ред и мир, обвинетите дале согласност за Министерството за економија на клубот да му издаде лиценца. Со неизвршување на службената должност, ѝ овозможиле на дискотеката да работи.
Во големиот предмет, пак, во кој се обвинети 35 луѓе и три фирми, обвинителството ги сослуша сведоците што ги предложи, па почна изведувањето на материјалните докази.
Судењето трае речиси половина година. Обвинителството првично предложи 283 сведоци и оштетени, а потоа во два наврати ја скрати листата на сведоци. Во тек е изведувањето материјални докази. Прогнозите на бранителите се дека ова судење, поради обемот на докази и обвинети, ќе трае со години.
Во мај се закажани шест рочишта.

