Вести

Сиљановска-Давкова стави вето на Законот за јавни набавки

Законот се враќа во парламентот

Претседателката Гордана Сиљновска-Давкова стави вето на променетиот Закон за јавни набавки што Собранието го усвои минатиот месец. Таа не го потпиша Указот со кој овој закон требаше да влезе во правна сила.

За Сиљановска-Давкова спорен е членот 13, според кој, претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки се именуваат за период од 5 години, „со право на повторно именување“. Во стариот закон стоеше „ со право на уште еден избор“.

Според образложението на претседателката, „Формулацијата ‘со право на повторно именување’, за разлика од формулацијата ‘со право на уште еден избор’, којашто јасно воспоставува лимит од 10 години, е случајно или намерно правно непрецизна и нејасна и остава простор за арбитрерна интерпретација, во смисла на неограничен реизбор“.

Таа смета дека „легализацијата на неограничениот број мандати се заканува со концентрација на апосолутна моќ во неколкумнина во одлучувањето за трошење на огромни износи државни пари“.

Сиљановска-Давкова потсетува дека работата на оваа комисија била обележана со „низа проблеми, сомнежи, обвинувања и дилеми за (не)пристрасно, (не)одговорно и (не)законско работење“.

Ова е едно од прашањата на кои реагираа граѓанските организации.

БИРН веќе пишуваше дека од Центарот за граѓански комуникации, пред усвојувањето на овие измени, предупредија дека ограничување на мандатите има кај сите други независни регулаторни институции за да се намалат ризиците од зависност, политички и институционални влијанија и од потенцијални коруптивни практики.

Според усвоените измени на законот институциите ќе можат да трошат двојно повеќе пари за набавки без надзор.

По одлуката на претседателката, Законот се враќа во Собранието на повторно разгледување.