Без јавна расправа, владата предложи измени на Законот за јавни набавки што значително го прошируваат просторот за трошење јавни пари без да се објави тендер, а истовремено ја поскапуваат правната заштита.
Предлогот што владата го испрати до парламентот предвидува двојно да се зголемат парите за јавни набавки за кои не е потребен тендер. Па така, прагот од 5.000 евра за јавни набавки на градежни работи би се зголемил на 10.000 евра. Зголемување на вредносните прагови има и кај стоките и услугите, каде што досегашниот износ од 1.000 евра се зголемува на 2.000 евра.
Со новите измени, секоја институција, наместо 12.000 евра годишно, како што беше досега, за јавни набавки, без обврска за тендер, ќе може да потроши 25.000 евра.
Тоа значи дека голем број помали набавки ќе бидат целосно надвор од опфатот на законот и надзорот што тој го пропишува, односно дека државните институции, општините и јавните органи би можеле да трошат повеќе пари без да го применуваат Законот за јавни набавки, доколку Собранието ги усвои предложените измени.
Владата го правда ваквиот предлог со „усогласување на вредносните прагови со порастот на трошоците на живот“ и надворешните ценовни шокови што ги предизвика епидемијата со ковид-19 и енергетските кризи. Владата бара парламентот да ги усвои измените на законот поради усогласување со реформската агенда и Планот за раст.
Со измените, меѓу другото, се предлага да се укине обврската што сега постои во Законот за јавни набавки, пред да се склучи договор со преговарање без претходно објавување оглас, или популарно наречениот „договор во четири очи“, каде што нема конкуренција, задолжително да се побара мислење од Бирото за јавни набавки. Новиот предлог е таа контролна обврска да се замени со задолжително користење „известување за доброволна претходна транспарентност“.
Предложените измени ја поскапуваат правната заштита. Надоместоците за жалби за постапките за јавни набавки се зголемуваат значително од сегашните 50 до 200 евра на 150 до 600 евра. Владата ја образложува оваа измена со тоа што, „во овој момент овие надоместоци се најниски споредено со сите земји во регионот и пошироко.“
Според измените, се предвидува надоместок за „користење на услугите со воспоставување веб-сервиси во електронскиот систем за јавни набавки, како и овозможување пристап и користење на јавнодостапните податоци од ЕСЈН во формат погоден за обработка.“
Ризици за транспарентноста
Од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), граѓанска организација, која повеќе од 20 години ги следи јавните набавки и беше вклучена во изработката на Законот за јавни набавки, за БИРН велат дека се загрижени од ваквите предложени измени. Тие испратиле писмо до Собранието со кое бараат одложување на расправата додека не се одржат јавни консултации и се обратиле и до Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде што бараат антикорупциска проверка на предложените измени.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, за БИРН рече дека го добиле писмото од ЦГК и дека ќе го разгледуваат на колегиум по што ќе одлучат дали ќе се прави антикорупциска проверка.
Измените, како што велат од Центарот за граѓански комуникации, се предложени без спроведени јавни консултации, што покажува „сериозен недостаток во процесот на подготовка и донесување на законските измени“, особено за закон што директно влијае врз начинот на кој се трошат јавните пари.
Со измените се остава можност за неограничен реизбор на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Од ЦГК велат дека ограничување на мандатите има кај сите други независни регулаторни институции за да се намалат ризиците од зависност, политички и институционални влијанија и од потенцијални коруптивни практики.
Од ЦГК идентификувале сериозни ризици, кои може директно да влијаат врз намалувањето на транспарентноста и контролата на јавните набавки: „Потенцијалниот обем на средства што можат да се трошат без примена на Законот би се зголемил од 18 милиони на 37,5 милиони евра годишно. Дополнително, посебните услуги (на пример, угостителски и хотелски) не се дел од овој лимит“, велат оттаму.
За предложеното укинување на обврската, институциите да бараат мислење од Бирото за јавни набавки за „договорите во четири очи“, од ЦГК велат дека таа обврска постои од 2019 година и дека токму тоа драстично го намалило склучувањето вакви договори.
Тоа што Бирото ќе наплаќа надоместоци за јавно достапните податоци во формат погоден за обработка, „ќе оневозможи јавен увид, надзор и контрола врз трошењето јавни пари“ што го прават граѓаните, новинарите и граѓанските организации. „Токму со користењето на овие податоци досега се откриени и спречени многу незаконски, нерационални и коруптивни трошења на јавните пари.“
Значителното зголемување на трошокот за поднесување жалби за јавните набавки, според ЦГК, „може да ги обесхрабри фирмите, особено помалите, да поднесуваат жалби и да укажуваат на неправилности“, oсобено кога овие жалби се единствениот директен механизам преку кој може да се спречат незаконски и коруптивни постапки.

