Извештај

Државна Лотарија дала 4,9 милиони евра за прославата по налог на Владата

Вкупно 5,5 милиони евра чинеле настаните за 35 години од независноста

Речиси 4,9 милиони евра од Државна лотарија се одвоени за настаните што беа дел од прославата на 35 години од независноста на Македонија, објави денеска владината портпаролка Марија Митева, на прес-конференција со банер со натпис: „Силно светнал ден, транспарентност и отчетност“.

Освен договорот со Лотарија, во финансирањето на настаните учествувале и други, како што рекоа од Владата, општествено одговорни компании со дополнителни 650.000 евра, со што целиот буџет за прославата изнесува 5,5 милиони евра.

Сумата е објавена четири месеци откога беше најавен концептот кој опфаќаше повеќе настани низ различни градови кои завршија со концертот на диџејот Давид Гета. Досега од владата не одговараа ни колку пари ќе се потрошат, ниту, пак, од каде се обезбедени.

Сè до вчера, кога БИРН откри дека практично парите се обезбедени од државната Лотарија, чиј основач и стопроцентен сопственик е Владата.

Деталите денеска, покрај портпаролката Митева, ги објаснуваа и директорот на државната Лотарија, Александар Климовски и Бобан Милошески, како претставник на промотерската куќа, Авалон.

Листата на спонзори ја има на плакатите за настаните

Голем дел од прес-конференцијата беше посветен на правни толкувања зошто одвоените речиси пет милиони евра не треба да се сметаат за буџетски, пари на граѓаните, како што потенцираше вчера и премиерот Христијан Мицкоски.

Според објаснувањето на Климовски, Владата, како единствен акционер во Лотарија, која ја нарече газда, им наложила 300 милиони денари нераспределена добивка од 2024 да ја дадат за прославата, а тие, како што потенцираше, немале опција да го одбијат таквото барање.

„Нераспределената добивка се компаниски пари, а буџетски стануваат кога управните органи ќе дадат налог да се уплатат во буџетот, но додека лежат на наша сметка се корпоративни пари“, рече Климовски.

Климовски, кој на Правниот факултет ги предава предметите поврзани со акционерски друштва, академски објаснуваше какви се законите и формално-правните процедури кои ги има друштвото и во однос на својот сопственик и во однос на донациите.

Па така, потенцираше дека објавувањето на јавниот повик за компании кои би го извеле концептот за прославата бил нивен чекор кон транспарентност, а не и законска обврска.

Климовски е прв човек на Лотарија од август 2024 година, откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде управувањето со Владата.

Како што беше наведено и во јавниот оглас за прославата, на 28 април, Владата на седница одлучила како треба да изгледаат настаните, по што му наложила на државното акционерско друштво да распише оглас, што и се случило на 30 месецов.

За само пет работни дена правното лице „Стардаст“, кое стои зад брендот Авалон, доставило понуда на сто страници, по што комисијата составена од надворешни стручни лица, композиторот и диригент Николче Мицевски, Веселин Теохарев и Зоран Стефановски, го прифатила проектот.

Бобан Милошески од Авалон, освен што се извини за испадот кон новинарка на претходната конференција, раскажуваше во детали за тоа што сè било вклучено во настаните за независноста.

Од 2 август до 8 септември беа организирани вкупно 16 настани, најголем дел од нив музичко-сценскиот перформанс со македонски ѕвезди, односно таканаречениот „Силно светнал ден“, а покрај Давид Гета гостуваа и други светски познати диџеи како Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Окенфолд.