Кога во март годинава, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Министерството за финансии одобрило средства за нови 200 вработувања за судовите низ земјава, тоа звучеше како прв чекор кон конечно надминување на алармантниот проблем со недостигот од судски кадар во земјава.
„Нешто што претставува навистина голем потег“, говореше тогаш Мицкоски.
Седум месеци подоцна, наспроти најавата на премиерот, нови вработувања нема.
Oд март досега не е реализирано ниту едно вработување, потврдија за БИРН од Судскиот совет: „Од страна на Министерството за финансии не се добиени индивидуални согласности за ниту едно од планираните вработувања.“
Во меѓувреме, летоска помина еден ребаланс на буџетот, а месецов пред парламентарците се најде и вториот. Владата на парламентот му предлaга ново прекројување на државната каса, во кое, ставката за плати и надоместоци од јулскиот ребаланс е иста со онаа од ребалансот што сега е предложен.
Три плана и три негативни мислења
На септемврискиот брифинг за новинари, претседателката на Кривичниот суд во Скопје, Даниела Димовска сподели информации дека од 628 предвидени места, во судот се пополнети 208, што значи дека пополнетоста е над 30 проценти. За пет години, бројот на вработени во овој суд се намалил за 131 службеник, а до крајот на годината, уште осум ќе се пензионираат.
Оваа состојба е практично слика за слабата кадровска екипираност во целото судство.
Во Извештајот на Судско-буџетскиот совет за 2025 година пишува дека лани биле предвидени 4.751 работно место за судска служба, а од нив работеле вкупно 1.803 луѓе. Со други зборови, пополнетоста на кадри била едвај 40 проценти.
Податоците од извештајот укажуваат дека проблемот не се сведува само на нереализираните 200 вработувања, туку за поширок предизвик: Судовите располагаат со значително помалку кадар од предвидениот, а плановите за нови вработувања не се спроведуваат.
Ланската година, Судско-буџетскиот совет трипати доставил план за вработувања во судовите, но трипати добивал негативно мислење од Министерството за финансии.
„Во текот на 2025 година не е реализирано ниту едно вработување или унапредување во судската власт“, пишува во извештајот, во кој се додава дека „на тој начин, состојбата со човечки ресурси во судската власт, во 2025 значително се влоши, со оглед на континуираниот одлив на кадар, било по основ на пензионирање, спогодбено заминување или други основи.“
Речиси 80 проценти од парите во судството се трошат за плати.
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, за 2025 година пишува дека загрижува недостигот од кадар во правосудството, а тоа „влијае врз квалитетот и ефикасноста на правосудниот систем.“
