Вести

Владин одбор ја предложил прославата на 35-годишнината од независноста

Деновиве објавен априлскиот записник со информации за настаните

Повеќе од половина година откако Владата ги донела одлуките за прославата на 35-годишнината од независноста, а речиси еден месец по завршувањето на настаните, објавен е записникот од владината седница на која било утврдено како ќе се организира прославата.

Во документот од седницата, одржана на 28 април годинава, може да се прочита дека деталната содржина на јавниот оглас со кој се барал организатор на прославата, кој два дена подоцна го распиша Државна лотарија, целосно e предложен од Организационен одбор. 

По барање на владата, одборот е формиран од девет претставници на неколку државни институции.

За годинешнава прослава, владата со месеци, сè додека не се одржа последниот концерт, не ги откриваше начинот на кој е избран организаторот и вкупниот буџет за настаните. 

Дури деновиве, преку доцна објавениот владини записник, се дозна дека всушност, одборот предложен од владата е тој што предвидел дека треба да се одржи концерт со „А класа“ светски артист и „А класа“ продукција,  концепт што подоцна се реализираше со настапот на светски познатиот диџеј Давид Гета. 

Членовите на одборот се тие и што предложиле дека во рамки на прославата треба да има „интернационална светска ѕвезда од А класа“, во придружба на македонски артисти,  идеја што подоцна беше реализирана, со настапот на оперскиот пејач Хозе Карерас на скопскиот плоштад. Исто важи и за 12 настани низ државата, кои беа организирани,  во форма на театарски и визуелни перформанси, под концептот „35 години независна Македонија“.

Од Владата, на барање на БИРН, ги открија членовите на организациониот одбор.

„Од страна на Канцеларијата на Претседателот на Владата беше номиниран Сашо Павлоски, Министерство за култура и туризам ги номинираше Билјана Ќулавковска, Тијана Тесалоника Шишкоска, Магдалена Манаскова и Весна Митевска, СОЗР (н.з. владината Служба за општи и заеднички работи) го номинираше Христијан Стојановски, МВР ги номинираше Влатко Ѓошевски и Билјана Сарагинова Панчевска од БЈБ (н.з. Бирото за јавна безбедност) и генералниот секретаријат го номинираше Гоце Боболински“, велат од владата. 

Од записникот се дознава и дека на истата седница на 28 април 2026 владата му наложила на Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Северна Македонија да ги обезбеди парите од нераспределената дивиденда, предвидена за 2024, во висина од 300.000.000 денари (речиси 5 милиони евра), за спонзорирање на настаните. 

Оваа сума владата ја чуваше во тајност и ја откри дури по 8 Септември, откако БИРН објави дека прославата ја финансирала Државна лотарија.

На државното акционерско друштво му се укажало и да го објави јавниот оглас и да формира комисија што ќе одлучува. Рокот за доставување понуди бил пет работни дена.

На повикот се појавила само една компанија – „Стардаст“, која е поврзана со „Авалон“. И покрај кусиот рок, понудата била обемна, околу сто страници, и детално ги разработувала настаните. 

Во неa ги имало истите клучни елементи што претходно ги предложил владиниот организациски одбор: светска музичка ѕвезда од највисока категорија, голема продукција, интернационална ѕвезда со македонски артисти и серија настани низ државата.

Лотарија го склучила договорот на осми мај, а веќе на 12-ти,  Бобан Милошески, како претставник на „Авалон“ и Марија Митева, како претставник на Владата, на прес-конференција објавувија дека независноста ќе се слави со диџејот Гета и го најавуваат концептот.

Инаку за концертите и другите настани беа потрошени вкупно 5,5 милиони евра, од кои речиси пет милиони евра обезбеди државното акционерско друштво, остатокот беа спонзорство од големи компании.

Владини функционери се обидоа да ја убедат јавноста дека средствата што ги одвои Лотарија, компанија во целосна државна сопственост, не се пари на граѓаните само зашто биле дел од нераспределената добивка на акционерското друштво и покрај тоа што Владата, како единствен акционер, ѝ наложила на Лотарија како и за што да ги употреби.