Вести

Снопче: Дали фирми градат езерца за риболов или само го вадат песокот?

Вадењето песок со дозвола за риби стигна во Собранието

Дали фирмите што добиваат согласности за изградба на езерца за рекреативен риболов навистина градат такви рекреативни центри, или само вршат експлоатација на песокот и на чакалот од локациите, праша денеска пратеникот Халил Снопче од Алијансата за Албанците, на седницата за пратенички прашања.

Прашањето доаѓа три седмици откако БИРН  објави истражување дека луѓе поврзани со фирми за ископување песок и за подготовка на бетон, во изминативе две години побарале дозволи за одгледување риба во езерца за рекреативен риболов, на локации познати по долгогодишната експлоатација на песок.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Како се лови песок со дозвола за риби

Снопче на говорницата, пак, рече дека се обраќа во име на жителите на селата Горно, Средно и Долно Коњари, кои, како што додаде, три децении се борат со неконтролираното ископување песок во овој реон бидејќи им се загрозува снабдувањето со вода, животната средина и земјоделското земјиште. Според него, проблемот засега околу пет илјади жители и околу 400 ученици во локалното основно училиште.

„Жителите со право прашуваат до кога ќе трае уништувањето на животната средина и кој конечно ќе преземе одговорност“, рече Снопче.

Како што додаде, ова прашање го поставува четврти пат, двапати додека премиер бил Зоран Заев, еднаш во времето на Димитар Ковачевски, и сега на актуелниот премиер.

„Дополнително, загрижува и практиката за издавање согласности за езерца за рекреативен риболов на локации каде што се врши ископ на песок“, рече пратеникот.

Тој посочи дека вакви согласности, според информациите на жителите, добиваат и фирми што вршат ископ на песок во Орешани, на реката Вардар, како и во селото Винце на реката Пчиња.

Пратеникот Халил Снопче во Собранието | Фото: принтскрин

„Се поставува сериозно прашање – дали овие активности навистина резултираат со изградба на рекреативни центри, што претставува нивната цел, или оваа можност се користи за продолжување на експлоатацијата на песок и чакал под поповолни услови за фирмите“, истакна Снопче.

Додаде дека според наводите на жителите, фирмите имаат можност да изнесуваат илјадници кубни метри песок, притоа предизвикувајќи штети врз земјоделското земјиште, додека очекуваните рекреативни центри не се реализираат.

Во име на Владата, прашањето го одговори вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој најави дека за темата ќе се расправа на следната владина седница.

„Се согласувам целосно, не смее да има злоупотреба на концесиите, ќе реагираме како Влада, јас ќе ја преземам обврската да го отворам ова прашање на следната седница во вторник“, рече Николоски.

Истражувањето што БИРН го објави на крајот на октомври, откри два случаи, еден во Огњанци и уште еден во Винце, каде што овие компании, односно нивните сопственици или членови на семејствата, решиле да се пробаат во овој бизнис.

Според документите што ги добивме, станува збор за ископи со површина од 400 до 4.400 квадратни метри. Песокот ископан на овој начин не постои во законските одредби. Тој не се смета за минерална суровина и за него не треба да се обезбеди концесија и да се плати надомест. Тоа им овозможува на фирмите заштеда од десетици илјади евра.

Едната од двете фирми одби да разговара со новинарите на БИРН, а претставник на втората рече дека на локацијата покрај Пчиња што му била доделена од државата за да гради рибник воопшто не нашол песок.

Теренската посета, пак, покажа дека од тоа место и од неговата непосредна околина се ископуваат големи количества песок, и постојано може да се видат багери и камиони. Две недели по нашата посета, државните инспектори за животна средина, биле во вонредна посета на локацијата, но не утврдиле дека има проблем.