Фотографија од судијката Габриела Гајдова во канценариите на БИРН
Интервјуа

Гајдова: Една погрешна проценка може да доведе до фемицид

Интервју со Габриела Гајдова, судијка во Апелацискиот суд во Скопје

Кога една жена жртва оди да пријави насилство, често институциите грешката ја прават при првиот чекор. Лошо се проценува ризикот за ескалација на насилството откако жртвата ќе пријави во полиција. Годинава во нашата држава имавме дури седум фемициди, убиства на жени поради родови предрасуди.

Ова е заклучокот од нашиот разговор со Габриела Гајдова, судијка од скопска Апелација, со кариера од речиси две децении, која длабински ја познава проблематиката со родово базираното и семејното насилство.

Гајдова стана позната на јавноста додека работеше во Велес, кога во 2022 година ја ослободи на 23-годишната Павлинка „Пале“ Илоска. Таа во самоодбрана го усмрти својот 40-годишен партнер, инаку полицаец и со години ја малтретирал.

Ова беше еден вид преседан бидејќи судијката ја разбрала природата на инцидентот, што во други случаи била занемарувана. Гајдова, ги препознала постапките на Пале, не како убиство со намера, туку како обид за спасување на сопствениот живот по години семејно насилство.

БИРН разговараше со Гајдова неколку дена по бруталното убиство на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци од страна на нејзиниот 21-годишен партнер. Тој, според првите индиции на истрагата, ја присилил да влезе во автомобил и ја запалил по што си го одзел својот живот.

Нејзината смрт ја крена јавноста на нозе и беа организирани протести во Богданци и во Скопје.

„Кога жртвата е малолетно лице, самото тоа што се работи за дете е доволен индикатор дека постои ризик да има повторување или ескалација на насилството“, вели Гајдова, посочувајќи ја особената ранливост на овие жртви.

Односно, пропустот во овој случај е веројатно направен на самиот почеток во проценката на ризик.

Според Гајдова, овој процес се прави на премногу формалистички начин од полицијата и од центрите за социјална работа, каде што со жртвите се пополнуваат долги формулари наместо да се земат предвид нивните индивидуални околности.

„Праксата покажува дека очигледно тоа не е доволно добро за да може да се спречи насилството од ескалација или да дојде до фемицид. Она што треба надлежните институции да го направат е суштински да навлезат во проценката на ризик“, вели Гајдова.

Потреба од вистинска проценка на ризик

Фотографија од судијката Габриела Гајдова во канцелариите на БИРН

Жртвите може да се дополнително ранливи по пријавување на насилството, објаснува Гајдова | Фото: БИРН/Е.Петреска

Едно од барањата на протестот во Скопје за Билјана беше целосна и транспарентна истрага за нејзиното убиство и одговорност за секој институционален пропуст.

Вонредниот инспекциски надзор во Центарот за социјална работа (ЦСР) не утврдил пропусти во постапувањето на институцијата во случајот со Билјана. ЦСР предложило мерки за заштита, кои вклучувале забрана за контакт и забрана за приближување на растојание од 100 метри.

Судот ги одобрил овие мерки речиси две недели подоцна. Немало пријава за прекршување на мерките, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади и од Министерството за внатрешни работи.

Судијката Гајдова инсистира дека од моментот кога ќе пријави жртвата, полицијата и ЦСР треба да бидат будни и да имаат континуирана комуникација од нивна страна. Смета дека државата, а не жртвата, е таа што треба да ги обезбеди сите услови за една мерка да се спроведе ефикасно.

На такви практики ги учи и полициските службеници, јавните обвинители и судиите, на обуките што ги држи таа.

„Без разлика дали мерката ќе се спроведува преку циклични проверки на неколку часа од страна на полицијата или проверка по телефон, товарот не може да се става на жртвата, па таа постојано да комуницира со полицијата, да ја известува дали е добро и дали лично смета дека се наоѓа во опасност“, објаснува Гајдова.

Најважно е да не се постави заштитата погрешно од самиот почеток бидејќи често жртвите се најранливи токму откога ќе го пријават насилството, што дополнително ги разлутува некои од насилниците, вели Гајдова.

Всушност, дел од жртвите на фемицид од последните години, како Танкица Младеновска од Кочани во 2023 и Росица Коцева во 2025 година, беа убиени по пријавувањето.

РЕПОРТАЖА
Анатомија на убиството во Кочани

БИРН пишуваше за случајот со Танкица и откри дека откога го пријавила насилството, таа конечно се почувствувала ослободено и престанала да му дава пари на уценувачот. Но, бидејќи била тотално незаштитена од институциите, тој свирепо ја убил.

За соодветно да се процени ризикот, судијката вели дека треба да се земе поширокиот контекст на насилството, не само инцидентот што се пријавува, и да се оцени профилот на насилникот за да може да се процени веројатноста да се повтори или да ескалира насилството.

„Можеби насилникот ја малтретирал психички, сексуално или економски. Треба да се види дали против него се изрекувале санкции за нарушување на јавниот ред и мир, да се процени контекстот на неговите закани, дали тој поседува оружје итн.“, објаснува судијката.

Неопходна брза реакција на обвинителите

Фотографија од судијката Габриела Гајдова во канцелариите на БИРН

Гајдова гледа позитивни примери во регионот за заштита на жртви од насилство | Фото: БИРН/Е.Петреска

Откога ќе се расчистат поголем број фактори, треба да се одредат мерки што се итни, соодветни и ефикасни. Но, со разочарување, Гајдова вели дека евидентно е дека мерките често остануваат само на хартија.

Таа објаснува дека мерката за забрана за приближување може лесно да биде прекршена, па затоа посочува кон примери во регионот каде што таа подобро се имплементира.

Во Босна и Херцеговина се користат алки за насилниците на кои им е изречена оваа мерка, кои даваат сигнал кога тие ќе се приближат до домот на жртвата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера најави законско решение кое, меѓу другото, ќе ја овозможи употребата на ваквите алки.

„Ова е добро решение, меѓутоа не велам дека е идеално. Затоа што така пак ќе ја ставиме жртвата во позиција да не смее да го напушти домот, како да е во куќен притвор“, објаснува таа.

Повеќе ѝ се допаѓа решението во Турција, каде што жртвата добива сигнал на нејзиниот мобилен телефон доколку насилникот ѝ се приближува. Известување добива и секторот за внатрешни работи.

Конкретно за случајот за Билјана од Богданци, во јавната дискусија, некои правници што се занимаваат со фемициди и родово базирано насилство, сметаат дека требало да се изрече мерка куќен притвор за да се заштити жртвата, која не само што била малолетна, туку и давена, што претставува дополнителна закана по нејзиниот живот.

Иако Гајдова смета дека некои од насилниците мора да се притворат или да се казнат со затворски казни, вели дека тоа не е секогаш најдобра опција, бидејќи доколку во затворот не се спроведе соодветен процес на ресоцијализација, кога насилникот ќе излезе, може да ѝ се одмазди на жртвата.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Пост-мортем: Кога серискиот насилник е популарен, урбан лик

Затоа, таа смета дека во дел од случаите, поефективно е да се даде условна казна со заштитен надзор и задолжителна работа со сторители на семејно насилство преку Пробациската служба, која врши надзор и нуди поддршка на осудени лица.

А доколку сторителот ги прекрши условите на неговата казна, тој секако би бил пратен во затвор.

Додека институциите, како МВР и ЦСР, ги спроведуваат мерките на заштита, таа како исклучително важна ја гледа улогата на обвинителите, кои бргу треба да собираат соодветни докази.

Односно, ако се работи за сексуално насилство, тоа би значело обезбедување ДНК материјал и биолошки траги. Ако, пак, се работи за психолошко насилство или влошување на здравјето на жртвата, треба да обезбеди медицинска документација или вештачење од психијатар.

„Ако овде се направи пропуст и ако овде не се изреагира брзо, верувајте, тоа се докази кои понатаму многу тешко можат да бидат обезбедени“, објаснува таа.

Како школски пример за добро собрани докази од страна на обвинител го посочува случајот со Пале од Велес. Поради тоа, случајот се завршил со само едно судско рочиште, вели таа.

Патријархални пресуди

Фотографија од судијката Габриела Гајдова во канцелариите на БИРН

Кога судијката била на почетокот на кариерата, свесноста за семејното насилство била пониска | Фото: БИРН/Е.Петреска

Изворот за честата несоодветна проценка на ризик, Гајдова ја гледа во недоволната едукација и неразбирањето на родово базираното насилство во институциите.

Таа потенцира дека е од особена важност личноста што ја прима пријавата да биде сензибилизирана за да не ја обесхрабри жртвата.

Смета дека вработените во институциите треба да се самокритични и да побараат помош од стручни лица доколку не можат соодветно да ѝ пристапат на жртвата.

Како особено опасни ги гледа патријархалните предрасуди што може да ги имаат овие лица, односно доколку тие ја советуваат жртвата да се врати во домот, доколку насилството се релативизира како обична брачна расправија и слични стереотипи.

„Во суштина, не смее да се стави жртвата во позиција да се правда бидејќи тоа може да доведе до тоа жртвата да се повлече, да продолжи да го трпи насилството и да не се осмели да го пријави повторно, затоа што едноставно ја изгубила вербата во институциите,“ вели Гајдова.

Нејзин впечаток е дека често потешко им е на жртвите да пријавуваат во помали места поради стигмата и меѓусебните врски, но дека таа опасност не е отсутна и во поурбаните средини.

Гајдова е една од авторките на истражување, кое ја анализирало судската пракса за 17 фемициди што се случиле меѓу 2018 и 2022 година. Пресудите се многу важни бидејќи испраќаат порака за тоа како завршуваат насилниците, а во дел од пресудите, не само што оваа порака не била силна, туку се забележувале патријархални предрасуди на самите судии.

На пример, се наведувало дека убиецот бил испровоциран од однесувањето на жртвата.

„Често се случува како олеснителни околности да се цени дека обвинетиот е вработен, што нема врска со делото или, пак, дека тој е женет или е татко на малолетни деца, кои тој буквално ги оставил без нивната мајка“, објаснува Гајдова.

Иако смета дека има многу простор за подобрување во институциите и во јавната свест за овие прашања, таа вели дека гледа големи разлики денес од почетоците на нејзината кариера, која почнала во 2008 година, само четири години откога семејното насилство било категоризирано како посебно кривично дело дури во 2004 година.

„Се случувало да дојдат обвинети збунети зошто воопшто се повикани. Ми викале во судница ‘од каде сега излезе дека жена ми не можам да ја удрам кога во цело село ги тепаат жените?’“, раскажа таа.

Според неа, имаме еволуирано како општество и дека ако сите во рамките на своите надлежности ги завршат работите суштински, успехот ќе биде неизбежен.

„Клучно е обвинителите да даваат точна квалификација на кривичното дело, од што зависи пресудата што ќе ја изрече судот. А судиите треба да ја земат предвид зголемената стапка на фемициди и поостро да казнуваат за да пратиме јасна порака на насилниците“, заклучи Гајдова.

Доколку сте жртва на семејно или родово базирано насилство, можете да побарате помош тука.