Името на Дарко Рундек кај различни генерации буди различни музички асоцијации. За едни тоа е „Мојата прва љубов “ или „Eна“, култните песни од времето на „Хаустор“, за други „Апокалипсо “, еден од најголемите хитови од неговата подоцнежна соло-кариера.
Загрепскиот бенд „Хаустор“, еден од најзначајните претставници на југословенскиот нов бран, во текот на своето десетгодишно постоење објави четири албуми, оставајќи длабока трага на музичката сцена во регионот. По несогласувањата меѓу членовите, бендот престана да постои во деведесеттите години на минатиот век.
Но, оваа година, „Хаустор“ повторно се обедини и в четврток и в петок ќе одржат два концерта во Скопје.
Рундек одамна е многу повеќе од музичар и автор на песни. Борците за екологија на Балканот одамна во него препознаваат партнер и поддржувач во борбите против уништувањата на животната средина.
„Jaс, Уна, јас сум твој син“ си поигруваше Рундек со стиховите од својата култна песна „Ена“, на протестите против изградбата на малата хидроцентрала на изворот на хрватско- босанската река Уна.
„Успеавме заедно, секако и со помош на правници, да го урнеме проектот“, вели Рундек за БИРН.
Разговорот, во пресрет на концертите, го направивме по електронска пошта. На прашањата ни одговори Рундек, заедно со сопругата Санда Хржиќ, негова соборка во сите еколошки акции.
БИРН: Оваа турнеја е посветена на 41-годишнината од албумот „Болеро“, а настапувате под името „Рундек & Хаустор & Екипа.“ Кој беше клучниот момент на пресврт што Ве наведе токму сега да му се вратите на Вашиот трет албум и како реагира на него денешната публика?
Рундек: Минатата година излезе документарниот филм „Трет свет“ на Арсен Оремовиќ. На премиерата на филмот на Сараевскиот филмски фестивал се собра целиот „Хаустор.“ Зекса, Капри, Санда и јас некако „кликнавме“ и се потсетивме дека токму ние тројцата пред четириесет години го снимивме албумот „Болеро.“
Таа есен ги поканив двајцата да бидат гости на концертот на Рундек и екипа во загрепската „Творница културе.“ Заедно со Санда одлучивме да подготвиме програма со која ќе го прославиме роденденот на „Болеро“ во сите главни градови на поранешните југословенски републики, притоа укажувајќи на важноста на нашиот однос кон природата, реките и другите живи суштества. Првите концерти беа на пристаништето во Белград, под мотото „Покрај река за реките“, потоа следуваше концертот на стадионот „Шалата“ во Загреб, под мотото „За свет без шницли.“
Во Љубљана, исто така, се заложивме за зачувување на природниот тек на реките, а еве сега и во Скопје се залагаме за незагадена вода, која е и симбол на незагаден дух. Концертот е со слоганот е „За бистрите води.“
На сите овие концерти, на кои присуствуваа илјадници луѓе, средбата со публиката беше радосна, инспиративна, моќна и нежна.
БИРН: Со години сте еколошки активист, а учествувавте во акции за зачувување на природата, не само во Хрватска, туку и во Босна, Србија итн. Се чини дека заканите за животната средина, во последните децении доаѓаат од сите страни – од луѓето што прекумерно консумираат и создаваат големи количества отпад, до големите компании што ја експлоатираат природата, владите што ги штитат, па сè до најновата закана – вештачката интелигенција, која троши огромни ресурси. Понекогаш се чини дека обичните луѓе се немоќни да им се спротивстават на моќниците. Што мислите Вие, што можат да направат обичните луѓе?
Рундек: Можеме да го наведеме примерот на борбата за зачувување на изворот на реката Уна, во чија непосредна близина сакаа да изградат мала хидроцентрала. Една мала група одлучни локални жени, со поддршка на австриското здружение, кое се занимава со зачувување на балканските реки, „Ривер воч“, преку концерт што герилски го организиравме покрај реката, привлече многу повеќе луѓе отколку што се надевавме, а со тоа и многу медиуми.
Успеавме заедно, секако и со помош на правници, да го урнеме проектот. Сигурно е дека концертот и медиумскиот притисок помогнаа политичките структури да се разбудат и да сфатат дека не е во нивен интерес да штитат сомнителен инвеститор.
Сите ние сме мали луѓе во таа игра, но здружени успеавме да го промениме текот. Од друга страна, многубројните секојдневни гестови: избегнување создавање отпад, намалување на сите можни компулсивни или непотребни консумации, чување и поправање на предметите, намалување на консумацијата на производи од млечната и месната индустрија, компостирање… постепено го менуваат текот на нештата. Треба да се почувствува лична одговорност.
БИРН: Македонија веќе со години се соочува со сериозни еколошки проблеми – од алармантното загадување на воздухот во градовите до уништувањето на речните корита со изградба на мали хидроцентрали. Со оглед на тоа што доаѓате во Скопје со слоганот „За бистри извори и чисти реки!“, која е главната и најитната еколошка порака што би сакале да им ја испратите на македонските граѓани, активисти и власти?
Рундек: Македонија е дарувана со добра земја, добра клима, езера и извори. Кај вас растe толку вкусно овошје и зеленчук, винова лоза. Има и дивина. Со такви природни дарови и со почит и љубов кон нив, можете да ги промените навиките и практиките што ги загадуваат и уништуваат.
Она што може да го направи политичката власт е во однос на регулативата за амбалажа, рециклирањето на отпадот, јавното компостирање, почитувањето на стандардите за филтрирање на отпадните води и гасови, поддршката и развојот на јавниот превоз…
На ниво на секојдневниот живот, важно е да се поврзете покрај со луѓето и со другите жители на вашата земја, да ги заштитите нивните живеалишта, вклучувајќи ги реките, притоките и нивните природни корита, и повторно да ги откриете убавината, мирот и светоста на големата целина на која и самите ѝ припаѓаме.
Насловната фотографија е едитирана со помош на вештачката интелигенција
